Воен баталјон се подготвува за Авганистан
Барак Обама најави нов стратегиски концепт и нови трупи во Авганистан
Светлана Унковска
Како Македонија ќе се однесува на се' посилните барања што се создаваат во последно време со прашањето за потреба од дополнителни сили во Авганистан? Откако американскиот претседател Барак Обама најави дека е се' поизвесно дека засилувањето на трупите во мисијата ИСАФ ќе се движи околу 35 илјади војници, се поставува прашањето дали Македонија дополнително размислува да го зголеми засилувањето од претходно најавените 80 војници. Од Министерството за одбрана не добивме со образложение дека министерот за одбрана Зоран Коњановски вчера цел ден присуствуваше на вежбата на борбената единица на воздухопловниот ВИНГ. Но, се чини дека такви најави нема, бидејќи пред два дена генералот Насер Сејдини, кој учествуваше на конференцијата на земјите-учеснички во ИСАФ, што се одржа во Германија, ја потврди бројката на дополнителни македонски мировници.
„Во рамките на нашите можности, Македонија ќе продолжи да учествува во мисијата ИСАФ. Од февруари контингентот ќе се зголеми за уште 80 војници - еден вод воена полиција и еден ренџерски баталјон, кој ќе биде во состав на националната гарда на Вермонт. Подготовките течат и веќе имавме неколку вежби во Македонија и во Луизијана“, изјави генерал Насер Сејдини. Придонесот на нашава земја меѓу високите претставници на Алијансата особено се цени посебно што безрезервната поддршка доаѓа од држава која се' уште не е членка на Алијансата. Уште повеќе што процентот на учеството на македонските мировници во мисијата во Авганистан е поголемо од некои од земјите-членки.
Што ќе реши американскиот претседател Барак Обама во врска со новиот стратегиски концепт за војната во Авганистан и околу испраќањето дополнителни трупи ќе се знае во вторник на 1 декември кога ќе има и обраќање до нацијата. Се очекува тој да објави дека во Авганистан, кој е главен приоритет и голем предизвик за Алијансата, ќе се испрати засилување од околу 35 илјади војници. Што се однесува до стратегијата, приоритет ќе биде ставен на подигнувањето на безбедноста и заштитата на цивилите, а фокусот ќе биде насочен кон градење јасна и динамична ��рограма за поголема сигурност и иднина на земјата. Британскиот премиер Гордон Браун изјави дека десет земји-членки на Алијансата се подготвени да испратат уште 5 илјади војници за операции во Авганистан.
Големите одлуки што ќе бидат донесени во наредната недела се однесуваат на прашањето и анализата за обезбедување на ресурсите, а во овој контекст ќе бидат разгледувани и процените на генерал Стенли Мекристал, која се однесува на потребата од засилување со најмалку 65 илјади војници во Авганистан.
Интензивните средби на високо ниво на кои се решава како ќе се постапува за справување со кризата во Авганистан треба да донесат одговори околу обезбедувањето доволен број војници и како да се продолжи во Авганистан. Претседателот Обама наведува дека Авганистан и натаму останува врвен приоритет за НАТО, но и дека има намера војната почната пред осум години да ја заврши успешно.
„Ќе ги демонтираме и ќе ги намалиме нивните капацитети и на крајот целосно ќе ги уништиме нивните мрежи. Мојата намера е по осум години да ја завршам работата, иако во текот на овие години повремено немавме ниту доволно средства ниту адекватна стратегија“, порача американскиот претседател, откривајќи само дел од плановите.
Министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО на 3 декември во Брисел ќе расправаат за прашањето за Авганистан. По тој повод, Советот НАТО – Русија еден ден потоа ќе заседава прв пат на министерско ниво. |