Број 3288  сабота, 22 мај 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Site Meter
Македонија

На ручек во забранетиот Јасен

Изграден во педесеттите години на минатиот век, резерватот ги отвори вратите за јавноста дури денес

Горан Адамовски


ЈАСЕН - Подземни тунели, забранет град, во кој има две големи скривници, храна и основни потреби за шестмесечен живот за дваесетина луѓе. Мебелот е од најмодерен ков, техничките услови во скривниците се на највисоко ниво... Работниците што го граделе забранетиот град со врзани очи биле пренесувани и враќани од градилиштето, со цел никогаш да не дознаат каде се наоѓа. Се случи ли војна, државниот врв е безбеден со месеци.

Ова се само дел од приказните што кружат за резерватот Јасен. Изграден во педесеттите години на минатиот век, дури по половина век ги отвори своите врати за јавноста.

„Утрински весник“ во вторникот го посети резерватот „Јасен“, со кој по стопанисува Јавното претпријатие „Јасен“, а е под капа на Владата. Распространет на 32.000 км2, втиснат во зеленило и опкружен со мистичност, резерватот е вистинска мамка за љубопитните. Јасен има четири влеза: кај фазанеријата во Катланово, Кула кај Нова Брезница, Ивање на Матка и Белица во Порече. Ние се одлучивме да ги следевме стапките на претседателот Ѓорге Иванов, кој минатата сабота во катлановскиот дел на Јасен ги повика на работен ручек лидерите на најголемите политички партии во земјава.

За да стигнете дотаму треба да скршнете од автопатот Скопје - Велес, пред селото Катланово. Патоказ нема, а водилка може да ви биде споменикот крај локалниот пат, посветен на шпански војник од редовите на КФОР кој пред осум години, на тоа место го загуби животот во сообраќајна несреќа. Потоа имате стотина метри по асфалт и средба со железната порта, пред чиј влез стои големиот инфонатпис за фазанеријата. Може да влезете – но, само ако сте најавени. Обезбедување нема, а ако имате договор, тогаш ќе дојде некој од вработените да ви отвори.

„Нема никаква мистичност, ќе видите дека се функционира во нормален ред, но ако, нам ни одговара таа загадочност што се поврзува со Јасен“, ни велат вработените.

Зеленилото и чистиот воздух ве оставаат без здив. Се слушаат само фазаните, кои секогаш имаат нешто да кажат.

„Во фазанеријата одгледуваме околу 2.000 фазани, кои бараат секојдневна грижа“, велат вработените. Фазаните порано биле распоредувани по ловечките друштва. Сега месото се приготвува за гостите, но го има и во слободна продажба, а остатокот се чува во фрижидерите. Килограм месо од фазан може да се набави за 350 денари.

„Се' може, само треба најпрво да се договорите со дирекцијата“, ни вели Гордана Јанакиевска, советничка-волонтер во ЈП „Јасен“. Таа објаснува дека можат да се организираат секакви тури во Јасен.

„Заинтересираните ни кажуваат што сакаат: лов, ручек (што да има во ручекот), прошетка... Потоа ги прашуваме како ќе дојдат: дали со свој или наш превоз и колку време планираат да останат. На крајот, им кажуваме колку ќе чини тоа, па ако се договориме - почнуваме со организација на нивната посета“, раскажува Јанакиевска.

Гостите не смеат да се движат без присуство на вработен во резерватот, каде што по калливиот пат што вози до другиот крај на Јасен, се движат само службени возила. Од ЈП „Јасен“ велат дека многу мал број гости се од земјава, поголемиот дел се странски туристи.

„Обично им организираме лов на диви свињи, дивокози и муфлони. Во зависност од тоа што бараат, турите чинат од 5.000 до 200.000 евра“, укажува Јанакиевска. На гостите им се доделува ловџија од претпријатието, кој им помага во ловот, но и внимава колку и што се лови. Срни и елени не можат да се ловат ни во сон.

А нив ги има на педесетина метри од влезната порта. Веднаш под калливиот пат, има друга ограда, зад чии врати лежи дива природа. Во еден дел се планира да се изгради авто-камп, кој на секаков начин ќе биде одвоен од мирот на животните.

„Можеби ќе им се смали просторот за трчање и движење, но, сепак, ќе имаат доволно место“, велат вработените. Во ЈП „Јасен“ имаат еден куп идеи што чекаат на реализација. Ќе ви кажат дека резерватот е третото место во Европа каде што птиците-преселници застануваат да се одморат, дека рускиот штрк слетува единствено тука, дека 80 проценти од пеперутките што се истакнуваат на саемот во Германија, потекнуваат од Јасен...

„Екотуризам - таму треба да се инвестира. Во групи луѓе, добри познавачи, што ќе доаѓаат тука и ќе ги проучуваат движењата на ретки видови птици што ги има само овде“, се само дел од идеите на амбициозните домаќини. На езерото Козјак се планира изградба на викенд-куќички, ресторан...

„Да влеземе во ресторанот каде што беа политичарите“, им велиме на домаќините. Куќата е на еден кат, средена со стил, има седум соби, не баш голема кујна и бања, но нема кревети за спиење.

„Ова не е класичен ресторан. Ама ако некој се најави за ручек, тогаш некој од вработените ќе го приготви јадењето, други ќе послужуваат. Вработените не се делат на струка, ами секој работи што ќе стигне“, велат домаќините. Пред куќата има прекрасен парк и дрвена веранда за уживање, како и простор за скара. Стотина метри подалеку, има два објекта каде што спијат вработените. За гостите има сместувачки капацитет, но тие се на другите страни од резерватот.

Подземните тунели, забранетиот град, скривниците ги нема. „Тие можеби се во малиот дел од резерватот што е под контрола на Министерството за одбрана“, си мислиме додека го напуштаме резерватот. Чувството на мистичност на Јасен му дава дополнителен шарм.


#
Статијата е прочитана 3681 пати.

Испрати коментар

Од: Филип
Датум: 22.05.2010 12:54:34
Распространет на 32.000 км2, втиснат во зеленило и опкружен со мистичност, р Да не е ова грешка? Целата РМ има површина од 25713 км2 , така што ....
Од: kire
Датум: 22.05.2010 14:24:32
Kakvo nepozavanje na vtorot na tekstov! Katlanovskata fazanerija ne e rezervatoto Jasen. Otvori web strana na jasen ili google maps i vidi prvo sto pisuvas
Од: mimoza ristova
Датум: 22.05.2010 23:31:15
ne e strasno ako nekoj da go spomene imeto na drugarot Lazar Kolisevski. Toj go sozdal Jasen. Celosno negova zasluga.
Од: Jovanovski Sidney Australia
Датум: 23.05.2010 09:42:02
Kakva li misticnost?Nikakva.Vece 65 godini ostana otsecena najgolemata opstina vo makedonija, Makedonski brod so preku pedesetina sela.Lugjeto bea i seuste se otseceni od ostanatiot svet.Namesto od Skopje da se stigne do da receme seloto Rastes za maksimum 40 minuti, potrebni se dva i polovina casovi vosenje preku Tetovo, Gostivar, Kicevo, Makedonski Brod.Kakva li sramota i bruka od minatoto koja prodolzuva i den dens.Ne sum protiv zastita na prirodata, taa moze da bide zastitena i ako postojat patista i mostovi.Mitot bil da vlastodrscite uzivaat vo mitska tisina bez da znae javnosta kade se tie.Apeliram, vednas da se propusti patnata delnica preku ezeroto Kozjak, Makedonija e premala zemja za vakvi cirkusi.Ogromen teren za razvoj na stocarstvo, ribnici i sl.Vo ovie teski vreminja mnogumina ce se vratat i ce investiraat kako vo turizmot, taka i vo stocarstvoto, ribnicite....Krajno vreme e Porecieto da stane del od Makedonija.
Од: Крт
Датум: 23.05.2010 10:36:39
Не смееле да се ловат срни и елени?! Да , тоа важи за обичниот свет и од каде тогаш на менито постојано имаат месо од заштитениот дивеч.

Најди! во Утрински
Македонија
Луксузни апартмани на местото на хотел „Парк“
Танц на музика од Штраус