Битолчани ќе го бараат наследството во Грција
Битолчанец во 1896 оставил богатство во националната банка во Атина со аманет за хуманитарни цели
БИТОЛА - Десет илјади златни фунти оставени пред повеќе од еден век во националната банка во Грција чекаат на Битола. Хроничарот на Битола, Александар Стерјевски, открива дека битолчанец од селото Магарево, Јован Димитриу-Пиника, во 1896 година оставил цело богатство во националната банка во Атина со аманет да биде искористено за хуманитарни цели во родниот град Битола.
Во доказите што успеал да ги открие и да ги собере историчарот Стерјевски дошол до сознание дека парите, односно каматите од влогот во Грција, секоја година требало да доаѓаат во Битола и да бидат вложени во добротворни цели. Но, оние во чии раце биле доверени средствата без никаква причина пред речиси 80 години ја прекинале донацијата.
Сега со документирање на сите факти Стерјевски бара помош од локалната самоуправа во Битола да поведе постапка богатството на Димитриу да стаса на вистинската адреса. Иако битката на докажување ќе биде тешка, Стерјевски вели дека на крај правдата ќе се бара во Стразбур.
„Во 1896 година, познатиот трговец кој располагал со големо богатство Јован Димитриу-Пиника и неговиот брат Теохар, кои безрезервно ја сакале Битола, оставиле богатство од 10.000 златни фунти во националната банка во Атина. Со услов да се ползува, како Алфред Нобел, само каматата. И таа доаѓала секоја година, дваесет години по ред, до 1927 година. Средствата од оваа донација се користеле за разни благотворни дејства“, раскажува Стерјевски. Но, според неговите истражувања, парите наеднаш се стопираат и веќе не доаѓаат во Битола.
„Основната причина било тоа што во Вардарска бановина во 1927 година се прави нова реорганизација и се формираат три самоуправни области, Битолска, Штипска и Скопска. И тогаш оние што се грижеле за парите на Димитриу нашле изговор да ги прекинат донациите со причина дека не се исполнувала желбата на донаторот. Дека од парите ќе ползуваат и дебарчани и струмичани и сите останати градови што влегувале во Битолската област“, објаснува Стерјевски.
Сега овој битолски хроничар со целокупната архива на документи што ја поседува, дел од неа напишана на грчки јазик, ја поттикнува Општината да ги искористи сите правни лекови со цел наследството на битолчани да се врати на вистинското место.
„Му предложив на градоначалникот на Битола да се погрижи, да најде сили да ги добие тие средства и да бидат употребени во хуманитарни цели. Тие пари и' припаѓаат на Битола и таа треба да ги ползува“, смета Стерјевски.
Од локалната самоуправа во Битола велат дека предлогот на битолскиот хроничар е прифатлив. Градот ќе се обиде да направи се' што е во рамките на законот. А по правдата ќе се оди дури и до Судот за човекови права во Стразбур.
Инаку, Димитриу и неговиот брат Теохар биле познати трговци на памук кои располагале со голем имот во Александрија. Интересна е нивната животна приказна, за која Стерјевски вели дека битолчани ја пренесуваат од колено на колено. Се раскажува дека кога живееле во Битола, биле сиромашни. Наводно, еден ден влегле во храмот „Св. Димитриј“ во Битола и украле златен сад за крштавање. Се прекрстиле пред иконата на светецот и правдајќи се дека тоа го прават од нужност, ветиле дека ако спечалат пари, во градот ќе вратат стократно повеќе.
Среќата им се насмевнала. Воопшто не се штеделе за Битола. Безрезервно го трошеле стекнатото богатство на своите сограѓани. За широкото срце на браќата Димитриу сведочат дел од нивните донации во градот. Старата зграда на градската библиотека во Битола е изградена токму со нивни пари, исто така, и објектот на старата болница што се наоѓала во центарот на градот кај сегашната долна гимназија. Фотографија од Јован Димитриу стои во еден од објектите на храмот „Св. Димитриј“ во Битола. (А.Б.) |