Сувомесните производи ќе поскапат за 20 отсто?
Сувомесните производи ќе поскапат за 20 отсто доколку не се укине царината за мисиркиното и за говедското месо, предупредија вчера производителите на месо и месни производи. „Во Македонија нема производители на говедско и на мисиркино месо. Затоа ќе побараме од Владата комплетно да ги укине царините за овие два вида производи“, изјави Благоја Бајдевски од „Екстрамејн“ - Куманово, на вчерашната седница во Стопанската комора на Македонија. Ако Владата го реализира нивното барање, сувомесните производи најверојатно ќе поевтинат.
Слободан Кутревски, директор на „Пекабеско“, посочи дека клучен проблем во месната индустрија се' уште е недостигот од суровина. „Македонија нема суровини за производство на сувомесни производи, а оваа гранка е една од ретките кои речиси целосно ги заменија увозните производи“, истакна Кутревски.
Според Влатко Ѓоргиевски од МИК - Свети Николе, во земјава влегуваат салами, паштети и конзерви од сомнителни производители со уште посомнителен квалитет и без никакви увозни давачки.
„На нашите производи со повисок квалитет и стандард плаќаме царини од 15 до 25 отсто. Тој износ го покриваме сами и пак произведуваме конкурентни производи и склучуваме аранжмани за извоз“, нагласи Ѓоргиевски, посочувајќи дека не може да има развој ако сивата економија учествува во свињарството со над 50 отсто и во јунешкиот дел со над 95 проценти.
Инаку, потрошувачката на месо од почетокот на глобалната криза е намалена за околу 15-20 отсто. Од септември годинава, пак, цената на сувомесните производи е зголемена за околу 20 проценти. (Ек.Р.) |