Војската се враќа во прилепската касарна
Повторно ќе заживее воениот капацитет што неколку години не функционира
Моника Талеска
ПРИЛЕП - Стратегијата на Министерството за одбрана е да се врати војската во прилепската касарна. Така повторно ќе заживее воениот капацитет што веќе неколку години не функционира. Во државава се активни и касарните во Штип, Куманово, Скопје, Велес, Кичево и во Тетово.
„Одредена е локацијата каде што ќе има промена на урбанистичкиот план и каде што ќе се градат становите за припадниците на АРМ. Во 2010 година ќе ги реновираме овие објекти во касарната, па војската ќе се врати во Прилеп. Ова со големо задоволство беше прифатено од локалната самоуправа, градоначалникот, пратениците. Објектите за кои сметаме дека нема да ни користат ��е ги отстапиме во функција на развој на општина Прилеп“, изјави министерот за одбрана Зоран Коњановски.
Се' уште не е утврдено колку војници и кога точно ќе се вратат во касарната, но најдоцна за две години напуштениот капацитет ќе биде повторно активен. Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, смета д��ка тоа е одлична можност за економско заживување на градот.
„Враќањето на војската значи враќање на голема фабрика. Станува збор за повеќе стотици професионални војници што редовно земаат плата и тие ќе бидат потенцијални потрошувачи. Целата економија на касарната ќе биде поврзана со бизнис-секторот и со економијата на градот“, додава Ристески. Според најавите, за догледно време ќе се направи измена на генералниот и на деталниот урбанистички план, па на просторот околу касарната во населбата Под касарни ќе се градат станови наменети за припадниците на АРМ.
„За 10-15 дена, откако ќе ги добиеме анкетните ливчиња, ќе направиме анализа во Министерството за одбрана. Тогаш ќе се знае по колку станови ќе се градат во осум градови. Ова ќе биде предвидено во програмата што треба да помине на владина седница“, истакна министерот Коњановски.
Становите во Прилеп ќе се градат на површина од два до три хектари. Доколку по реновирањето се утврди дека има објекти во касарната што, на некој начин, се вишок за Министерството за одбрана, тие ќе и' бидат отстапени на локалната самоуправа.
Изминатите години со овој објект, пред да се врати во владение на МО, располагаше општина Прилеп. Се најавуваа бројни проекти за негова ревитализација. Беше предвидено да се гради слободна економска зона. Но, сите идеи останаа само на хартија зашто стопанствениците не најдоа поволни услови за инвестирање.
Според градоначалникот Ристески, во согласност со урбанистичкиот план на градот, индустриски комплекси како слободни економски зони ќе бидат изградени на сите влезови во градот. Така ќе им се излезе во пресрет на бизнис-идеите на стопанствениците.
„Во програмата на Владата е предвидена изградба на нов индустриски комплекс во близина на Алинци, што ќе биде слободна економска зона под капата на Дирекцијата за слободни економски зони. Во генералниот и во деталниот урбанистички план планирани се слободни економски зони на сите влезови во градот“, објаснува градоначалникот Ристески.
|