Битолската топлана ќе оди под концесија
БИТОЛА - Пропаднатата битолска „Топлификација“ е виновна што не функционира топланата на локалната власт. Откако веќе четири зими власта во Битола не успеа да ги затопли цевките во топланата од северниот дел од градот, едно од нејзините предизборни ветувања, го најде виновникот.
Градоначалникот на Битола, Владимир Талески, конечно, откри дека е направен пропуст во проектот и оти токму тоа е причината што топланата се' уште не функционира. Според него, целата инфраструктура и мрежа се поставени, но проблем било каде да се лоцира котларницата и колку да изнесува нејзиниот капацитет.
„Првиот проект предвидуваше котларницата да биде во нашиот двор. Во тоа време проектот го направи претпријатието ‘Топлификација‘, што згасна. Направен е пропуст што бараше дополнителен ангажман, нов проект каде што ќе се предвиди топлана според спецификите и условите. Така се одлучија за зградата до џамијата каде што треба да се направат преадаптации. Значи, се прави проект за новата топлана“, нагласува градоначалникот Талески.
Ова не беше единствено изненадување на Талески за ветената топлана. Јавноста остана уште позачудена откако по четири години од проектот тој најави дека општината ќе бара инвеститор за топланата.
„Штом проектот ќе биде завршен, ќе се бара заинтeресиран инвеститор. За нас би било идеално да биде и инвеститор и човек, кој ќе раководи со топланата. Општината нема надлежност со тоа да се занимава“, рече градоначалникот на Битола. Така топланата, како што вели Талески, или ќе оди под концесија или, пак, ќе функционира како јавно приватно партнерство.
Првиот човек во локалната власт нагласува дека топловодот нема да биде ставен во функција се' додека не се надминат сите дилеми.
На битолскиот топловод се' уште единствено потсетуваат раскопаните тротоари од поставувањето на мрежата пред една година. Топланата, според првичните најави, требаше да ги затоплува радијаторите во неколку јавни институции.
Локалната опозиција неодамна го отвори прашањето дали Општината има дозвола за градење на топловодот или предизборните проекти се туркаат на диво. Колку котларницата сместена среде град, во зградата Шехерезада на која ќе се гради оџак висок повеќе од 12 метри, ќе биде потенцијален загадувач на воздухот, прашува опозицијата. (А.Б.)
|