МЕРИДИЈАНИ
Нова размисла на Г-20
Џефри Сакс
Самитот на Г-20 во Сеул беше значаен за зголемената политичка тежина на економиите во подем. Клучна карактеристика на светската економија денес е тоа што таа се движи во две брзини. САД и поголемиот дел од Европа остануваат заглавени во последиците од финансиската криза што еруптираше во есента 2008 година. Меѓутоа, пазарите во подем, главно, ја надминаа кризата. Најновите податоци од „Светска економска перспектива“ на ММФ ја кажуваат сторијата. Во 2010 година, земјите со висок приход се очекуваше да достигнат скромен годишен раст на БДП од околу 2,7 отсто, додека економиите во подем од Г-20 заедно со остатокот од земјите во развој се очекуваше да растат со голема стапка од 7,1 отсто. Азиските економии во развој бележат нагорен тренд со раст од 9,4, Латинска Америка очекуваше раст со стапка од 5,7отсто. Овие двобрзински глобални економии во голема мера го рефлектираат фактот дека финансиската криза во 2008 година почна со претерано задолжување од самите богати земји. Две економии со висок приход се вовлекоа во проблеми. САД, каде што потрошувачите сериозно се задолжија за да купат куќи и автомобили, беше главниот виновник. Периферијата на ЕУ - Ирска, Португалија, Шпанија и Грција - исто така, пред една деценија почнаа да се задолжуваат, по прифаќањето на еврото.
Во подготовките за самитот во Сеул, американските власти излегоа со предлог дека регионите во светот со вишок треба да ја зголемат својата домашна побарувачка за да го зголемат извозот и со тоа да им помогнат на регионите со дефицит (вклучувајќи ги и САД) да закрепнат. Економиите во подем на Г-20 не беа импресионирани од тоа. Нивниот одговор беше искрен: кризата почна со претераното задолжување на САД, значи тоа е обврска на Америка. САД треба да го намалат буџетскиот дефицит, да ја зголемат стапката за штедење и да внесат ред. Економиите во подем реагираа слично и на втората иницијатива на САД, на таканареченото „квантативно олеснување“ предложено од Банката на федерални резерви. Економиите во подем им кажаа на САД вештачки да не ја зголемуваат паричната маса.
Економиите во подем сакаа да ја променат темата од краткорочен макроекономски стимул и неурамнотеженост, во долгорочни развојни прашања. Јужна Кореја апелираше до членките на Г-20 да се фокусираат на предизвиците, како исполнувањето на Милениумските развојни цени на ОН, зголемување на земјоделското производство, и изградба на одржлива инфраструктура во економиите во развој. Ова беше знак за растечката геополитичка тежина на групата земји-членки во пазарите во подем. Г-20 правилно одлучи да се фокусира на овие области од глобалната развојна агенда каде што големите економии имаат компаративна предност: финансирање на инфраструктурата како патишта и електрани; бизнис развој; и поддршка за подобрување на земјоделството во посиромашните земји.
Новата развојна агенда на Г-20 нуди извонреден начин да се интегрираат загриженостите за глобалните дебаланси со потребата за забрзување на темпото на развој во посиромашните земји. САД вршат притисок врз Кина, Германија, Јапонија и другите да ја зголемат потрошувачката со цел да ја зајакнат побарувачката. Меѓутоа, има подобар начин да се стават овие високи стапки на штедење на земјите во развој. Наместо да се притискаат нивните домаќинства да трошат повеќе, Г-20 треба напорно да работи да ги канализира овие заштеди кон посиромашните земји.
Индискиот премиер Манмохан Синг перфектно ја презентираше оваа работа. Тој забележа дека Субсахарска Африка сега е во позиција да апсорбира поголем прилив на капитал за изградба на инфраструктурата. Тој препорача вишоците на земјите од Г-20 да бидат повторно искористени во тие земји, и во други посиромашни земји, за финансирање на такви инвестиции.
(Авторот е директор на Институт��т за Земјата на Универзитетот Колумбија и пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“) |