Број 3655  сабота, 13 август 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил








Site Meter
Култура

Повеќекатна Америка

Соголени до коска

„The Kills“ одржа фантастичен концерт на 8 август во „Терминал 5“

Велибор Педевски

На пат за „Терминал 5“ во понеделникот навечер, таксито само што ја бесе поминало некогашната црква што со години служесе како ноторен пример за таинствениот ноќен клупски живот на Њујорк. И кога на времето сите мислевме дека „Limelight“ е неуништив, на крајот полицијата најде начин како да му обеси перманентен катанец и да го претвори во безлично пазарче за накит. Не многу подалеку, на истата западна страна на Менхетен во деведесеттите години бев чест посетител на многу од енигматските дискотеки, легендарни по екстремниот хедонизам и разврат. Места во кои акцијата почнуваше во 3 наутро и кои секогаш имаа паркирани лажни амбулантни коли во кои кришно се транспортираа оние што не успеваа најдобро да се носат со тешките наркотици. Пред очи ми доаѓа Роберт Дениро, кој во „Taxi Driver“ од свој агол гледаше на некогашниот Менхетен: „Сите ’животни‘ излегуваат ноќе на видело.“ И кога новите градски моќници дојдоа на власт, со себе носејќи ја визијата за претворање на Њујорк во Дизниленд, фамозниот DEA (Drug Enforcement Administration) експресно се отараси од сите тие ноќни клубови. Една од тие жртви беше и „Exit“, што по затворањето и реновирањето прерасна во концертен простор што еве веќе пет-шест години, сега под името „Терминал 5“ е едно од главните собирни места за рокенролот. Со капацитет од 3.000, „Терминал 5“ е практично една од најголемите сали од средна величина, дупло попросторна од прекрасниот „Webster Hall“ и дури пет пати поголема од популарниот „Bowery Ballroom“.

Акустички инфериорна во споредба со двете горенаведени сали, „Терминал 5“ е на перверзен начин вистинското место за вечерашниот концерт, за кој картите морав да ги купам уште во мај, првиот ден кога беше најавено дека „The Kills“ доаѓаат во Њујорк во склоп на големата промоционална турнеја на нивниот нов албум „Blood Pressures“. Априлскиот концерт беше распродаден за пет минути, а слична судбина доживеаја и двете последователни вечери минатиот понеделник и вторник. Гледајќи ја денешната музичка (и не само таа) сцена, набиена со носталгија со која се трујат новите генерации (старите веќе по автоматизам животот го сведуваат на „спомени од минатото“), постоењето на актот наречен „The Kills“ е спас од апатијата чиј замав почнува да поставува сериозни прашања за здравјето на популарната музика на 21. век.

Бенд составен од само двајца членови, гитаристот Jamie Hince и неговиот музички партнер, пејачката Alison Mosshart, не би требало да биде многу возбудлив со оглед на оскудноста на персоналот. Рокенрол бенд со само двајца членови веднаш создава чувство на сомневање. Напротив, во моментов „The Kills“ се еден од највиталните и највозбудливи состави денес, како според дискографскиот опус, така и по нивните живи настапи. Една деценија по оформувањето и со четири фантастични албуми, брилијантно осмислени и бавно и методички снимени од 2003 до денес, „The Kills“ се синоним за бескомпромисност и фасцинантен извор на идеи базирани врз структура што неодоливо потсетува на фигура составена од чиста коска и кожа. Поп минимализам во кој доминира искреноста на нивната уметничка инспирација. „The Kills“ се мудро искомбиниран конгломерат на влијанија чиј дијапазон се растегнува од „Velvet Underground“, преку лондонскиот и њујоршкиот панк од 70-те, па се до сировиот звук на поновите garage-blues бендови како што се на пример, „Royal Trux“ и „White Stripes“. И кога веќе ги спомнуваме „White Stripes“, не е случајно што многумина прво гледаат токму во тој правец во надеж дека ќе ја најдат природната алка што ќе се поврзе со музиката на „The Kills“. Како прво и најочигледно, двете групи се составени од само два члена, што ете се случило да бидат од два различни пола. И како тоа да не е доволна коинциденција, во игра влегува и вториот фактор: Alison Mosshart е член и на новата група на Jack White (едната половина од сега веќе непостоечките „White Stripes“), извонредниот квартет „Dead Whether“, кого имав можност да го гледам минатиот август во бруклинскиот Проспект Парк. Но, „The Kills“ се далеку помрачни како од „White Stripes“, така и од „Dead Whether“ и дефинитивно поавантуристички настроени во својот звук и концепција.

„Наоружани“ само со екстремно дисторзирана гитара, релативно примитивен секвенцер од раниот период на хип-хопот и два микрофона, „The Kills“ ниту во еден момент не оддаваат слика на здодевен концертен акт. Прекрасната „No Wow“, воведната песна од истоимениот втор албум од 2005 инстантно ја оформи атмосферата што ниту во еден момент не загуби во својот интензитет во следните 80-на минути. Иако репертоарот се состоеше од материјал што не занемари ниеден од претходните три албуми („Keep On Your Mean Side“, 2003; „No Wow“, 2005; „Midnight Boom“, 2008), „The Kills“ не дојдоа во Њујорк да продаваат носталгија, туку да докажат дека нивната егзистенција значи постојано гледање напред, кон иднината што, барем кога се суди според нивната досегашна дискогрфија, изгледа неизмерно блескава. Практично секоја песна од штотуку издадениот четврти албум, „Blood Pressures“, инаку вистинско ремек дело во оваа ера на крајно загрижувачки и сомнителни квалитетни вредности го најде својот простор на сцената на „Терминал 5“.

Веќе споменатата „акустична инфериорност“ на „Терминал 5“ всушност им одеше во прилог на „The Kills“, додавајќи уште еден компатибилен елемент на намерно сировиот, матен и исклучително, речиси болно гласен звук. Во речникот на Alison Mosshart и Jamie Hince е искината страницата на која се наоѓаат зборовите „компромис“ и „калкулација“. Светот знае да препознае креативни уметници кои се подготвени во секој момент да преземаат екстремен ризик во потрага по предизвик што за нив значи живот. Во случајот на „The Kills“ таа искреност и имагинација изгледа толку едноставно и природно.


#
Статијата е прочитана 779 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Создадовме претстава што ќе ја реконструира состојбата

"""