Број 3655  сабота, 13 август 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил








Site Meter
Култура

Создадовме претстава што ќе ја реконструира состојбата

На „Охридско лето“ со Охридскиот театар в понеделник ќе се случи премиера на „Кабаре мистериозо“ според делото на Фо, а во режија на Деан Дамјановски

Тина Иванова

Впонеделник, во рамките на „Охридско лето“, Народниот театар Охрид ќе ја изведе премиерата на претставата „Кабаре мистериозо“ според делото на италијанскиот сатиричар Дарио Фо, на кое се потпишуваш како режисер. Кој беше мотивот да се зафатиш за поставка токму на ова дело, дали можеби критичкиот однос на авторот спрема општеството, по што тој е и, всушност, препознатлив?

Претставата „Кабаре мистериозо“ е работена според делото на нобеловецот Дарио Фо - „Мистерија Буфо“. Ова дело е специфично по тоа што се состои од повеќе приказни, кои се поврзани со една заедничка нишка, а тоа е животот на Исус, што впрочем е и основата на средновековните мистерии. Од друга страна, секоја од овие приказни може да стои одделно од другите, може да биде извадена, променета или заменета со друга, со цел да одговори на специфичниот контекст во кој делото се поставува. Самиот Дарио Фо, во еден од предговорите кон ова дело, дури и ги препорачува и ги поттикнува ваквите интервенции кои ќе ја доближат приказната и идејата на делото до локалниот гледач. Ваквата постапка е во духот на комедијата дел арте, како и на различните форми на народен, плоштаден театар.

Што се однесува до мотивацијата, за да се зафатам со работа врз овој проект основен е хуманизмот и рационалноста кои се присутни во делото и истовремено, огромното чувство за состојбата во која се наоѓа обичниот човек во едно општество. Тоа, но и гледната точка на авторот која нуди различни и неочекувани перспективи за разгледување на „големите“ теми што сме навикнале да ги прифаќаме здраво за готово.



Во ова дело, како и во некои негови други, Фо се концентрира на народот, на неговата позиција во општеството. Тоа може да се преслика каде било, чинам. Каква е твојата интервенција како режисер, може ли да се каже дека македонската публика, јавноста, нашиот народ, ќе се препознае во претставата, ќе ја согледа својата позиција во ова наше македонско, предолго транзициско милје?

Во случајот на оваа претстава, терминот „народ“ го употребуваме вон неговото општоприфатено значење на „национална или етничка припадност“, но не сум сигурен дека би можеле да дадеме прецизна дефиниција која би го покрила целиот негов дијапазон на користење. Во современиот динамичен и постојано променлив свет во кој различните интереси - политички, економски, национални, етнички, религиски - се преплетуваат, многу е тешко да се издвои стабилна категорија на луѓе која би можеле едноставно да ја наречеме „народ“. Дарио Фо многу често го споменува овој термин, но сепак, светот и интересите на различните групи биле поинакви или барем поинаку се манифестирале во 70-те, кога овој негов текст го доживеал својот апогеј. Исто така треба да се земе во предвид фактот дека Дарио Фо, во своите дела, пред се зборува за аномалиите во италијанското општество, кое има различна политичка култура и традиција од нашата.

Кога зборуваме за нашиот општествен контекст, како претставник на „народот“ на кого оваа претстава би требало да се однесува, (барем теоретски) би го имале средно-статистичкиот граѓанин (што и да значи тоа). Но, и ова е само претпоставка, зашто емпириските податоци многу често покажуваат спротивставени тенденции кога станува збор за материјалната состојба на граѓаните и изборот на претпочитан културен производ.



Како што се вели во содржината за претставата, ликовите се карактеристични за средновековната религиозна иконографија - будала, мудрец, сакат, поп, смрт, проститутка. Но, тоа се ликови секогаш и секаде, постојат како описи, па како се врзани тие во претставата и колку е ставен акцентот на религијата?

Секоја народна култура и традиција има своја специфична иконографија. Таа се формирала низ годините на живеење во заедница и ги рефлектира односите и врските помеѓу припадниците на одредени групи во таа заедница. Народниот театар (не во смисла на институцијата „народен театар“ туку сфатено како „театар од/за народот“) во различните негови форми ги користи ваквите стереотипни ликови кои произлегуваат од народниот бит и фолклор и се препознатливи за поголемиот дел од публиката, за да може полесно да го пренесе на гледачот она што има да го каже. Истовремено, тие служат и како еден вид, оправдување и заштита од евентуалните последици заради начинот на кој се обработуваат некои, би рекол, „чувствителни“ теми. На планот на уметничкиот израз, формите на народниот театар, каква што е италијанската „комедија дел арте“, ги издигнале овие стереотипни ликови и самиот процес на достигање до нив до нивото на метод.

Тргнувајќи од ваквиот аспект на „народниот театар“, задачата која си ја поставивме беше да создадеме претстава која нема просто да имитира постоечки форми (на народен театар), туку ќе се обиде да ја реконструира состојбата, ситуацијата во која истата се родила „од народот“. Со тоа, на некој начин актерот во нашата претстава е поставен „во кожата“ на оној негов средновековен колега кој бил пра-моделот од кој понатаму се развиле актерите, комедијантите и другите видови на „забавувачи“. Главниот фокус на актерот не е надворешниот начин на претставување на ликот, туку неговата внатрешна мотивација, пренесена во актуелниот контекст.

Што се однесува до религијата, нашето занимавање со неа е аналогно на односот помеѓу народниот шегаџија и попот, карактеристи��ен (меѓу останатите) за нашиот бит. Ваквиот мотив, кој е доста чест кај нас, потекнува од длабоката смисла за хумор и рационалноста на народот. Во него доаѓа до израз мудроста и досетливоста на народот, од една страна и алчноста, превртливоста и хедонизмот на претставниците на религијата, од друга страна. Ваквиот „ренесансен“ однос кон овој тип на аномалии, наспроти почитта кон сопствените духовните традиции, е важна карактеристика за едно здраво и напредно општество.



Ова е твоја прва соработка со Охридскиот театар кој годинава се возобнови по повеќе од пет децении. Како течеше соработката, задоволен ли си од атмосферата?

Најпрво би сакал да изразам задоволство што долгогодишните напори на една група на луѓе од Охрид (инаку сите дипломирани професионални актери) заврши со создавањето на професионалната институција Охридски театар. Јас како театарџија го поддржувам формирањето на вакви институции, пред се заради зголемувањето на обемот на публиката и на работата, со што театарот ќе добива се позначајно место во културниот живот во земјава.

Што се однесува до претставата „Кабаре Мистериозо“ мислам дека нејзиното вистинско место за поставување е овој театар со оваа група на луѓе кои работат веќе долго време заедно и чиј ентузијазам и желба за работа се на високо ниво. Специфичноста на оваа претстава е токму во создавањето на тој „дух на групата“ кој е присутен меѓу овие актери, што ни помогна многу во процесот на работа, кој морам да признам, беше исклучително напорен и на моменти напрегнат. Но, сега, кога сме кон крајот на работата, верувам дека сето тоа ќе роди со достоен производ.



Иако е ова општо прашање, а наметнува големи теми и дебати, сепак, какво е твоето размислување за состојбата во македонскиот театар денес, за која многумина велат, можеби сурово, дека го дофаќа дното?

Оваа тема е доста обемна и лично сметам дека за неа не може да се зборува „општо“. Претпоставувам дека токму заради „општиот“ пристап се стигнало до вакви крајни изјави кои со тек на време добиле статус на пароли. Накратко: верувам дека театарот во едно општество зависи од неколку фактори - творците, гледачите, менаџерите и критиката. Единствено со здрава и постојана комуникација помеѓу нив, како и со надградување и динамизирање на нивните односи може да се постави основа за развој на автентичен театар и да се дефинира неговата функција во актуелниот општествен контекст. Само доколку нештата се постават на ваква конкретна основа можеме да излеземе од „општоста“ на темата и да дефинираме конкретни чекори во насока на подобрување на нештата.


#
Статијата е прочитана 653 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Соголени до коска

"""