Го бараат милионерот за да го вработат
Акции од кои може добро да се заработи на Берза се оние од банките, фармацијата, осигурителниот бизнис...
Соња Маџовска
„И ние го бараме милионерот што лани заработил 1,6 милиони евра за да го вработиме, со оглед на тоа што човекот е без работа“, вака ни одговори вчера еден брокер кога го прашавме кој би можел да биде магионичарот што во година на сивило на Берзата спечалил толку пари, и со кои акции играл. На смеа овој брокер ни рече дека личноста треба да ја бараме во највеселиот што шета на улица „Македонија“ со скриена насмевка.
Инаку, банка, фармација или осигурителниот бизнис, се можните акции од кои може добро се заработи.
Вчера сите се прашуваа кој е анонимниот милионер што беше главна тема на кафе-седенките меѓу скопјани, во обид да се дознае каква било информација за тоа кој е тој што успеал во најтешката берзанска година добро да заработи.
Она што го прави овој случа�� уште поинтересен, е и фактот што, згора на се', човекот бил и невработен. Овој скопјанец, всушност, заработил многу повеќе и од најплатениот менаџер во
Македонија, кој лани зел 764 илјади евра годишна плата, или по 63 илјади евра месечно.
Како и да е, сите би сакале да му честитаат на човекот што во година кога Македонската берза го допре дното, успеал да заработи 1,6 милиони евра. Истото се случи и лани кога се бараше многу побогатиот милионер што во 2008 спечали 15 милиони евра на Берза, но подоцна излезе дека не станува збор за толку мистериозен милионер, туку за газда што му ја продаде својата фирма на странски инвеститор.
Има повеќе претпоставки што се вртат меѓу брокерите за ланскиот милионер. И тие се прашуваат дали станува збор за виртуоз што купувал и продавал акции од повеќе добростоечки компании, па остварил толкава капитална добивка, што е многу тешко изводливо, или поверојатна опција е дека овој милионер го стекнал богатството преку продажба на повеќе акции од една компанија.
„Врз основа на информации за обемот на класично тргување од 45 милиони евра, односно остварените 42 милиони евра во блок-трансакции реализирани на Македонската берза во текот на 2009 година, сметам дека остварената капитална добивка од 1,6 милиони евра е многу поверојатно да потекнува од некоја од реализираните блок-трансакции. Доколку пак, се работи за остварена капитална добивка од класично тргување, тогаш сметам дека се работи за исклучителен инвеститор, на кој треба да му се честита. Исто така, не треба да се исклучи и можноста оваа добивка да е остварена преку продажба на сопственички удел во некое друштво со ограничена одговорност, што не може да се провери, бидејќи не постои јавно достапна база на податоци за реализирани купопродажби на овој тип на друштва“, вели Горан Марковски од „КБ Публикум“.
Берзанските аналитичари велат дека можеби станува збор за сопственик на фирма, кој не фигурирал како вработен во неа, но лани ја продал на Берза или дека можеби зад фигурата на еден човек, стои некој друг човек или фирма.
Како претпоставка стои и можноста милионерот добро да заработил со купување акции во март, а да ги продавал во октомври. Минатата година, во март берзата го доживеа дното, а во октомври највисокиот раст. Конкретно, на 10 март главниот берзански индекс МБИ 10 падна на неверојатни 1.598 индексни поени, а на 15 октомври се искачи на 3.922 поена. Растот е неверојатен ако се земат овие два датума, од дури 145 отсто. Сепак, и покрај оваа разлика, за брокерите ова е тешко изводлива варијанта. Најтргувани акции тогаш биле оние на Комерцијална банка и на „Алкалоид“. Но, дали играчот на Берза можел толку да заработи од нив? Поголема е веројатноста заработката да била со акциите на Комерцијална банка. Лани имало две блок-трансакции со овие акции, првата била во април вредна 200 илјади евра, а втората во ноември, кога вредноста на трансакцијата достигнала 1,8 милиони евра. Има и други блок-трансакции што биле реализирани минатата година, како онаа на „Мермерниот комбинат“ од Прилеп, „Прилепска пиварница“, како и осигурителните компании „Сигма“ и „Еуролинк“, но во сиве овие случаи станува збор за блок-трансакции меѓу правни лица.
За берзанските аналитичари зачудува фактот што се работи за личност што не работи за плата, ама добро заработува од играње на Берза. Можеби клучно за богатењето на милионерот од нашето маало, е неговата посветеност на селектирање и тргување со хартии од вредност кои биле отпорни на кризата, но и берзански шпекулации кои добро се исплателе, велат експертите. Сепак, како оној лани што се бараше, за некое време сигурно ќе излезе на виделина и новиот мистериозен милионер. (С.М.) |