Даночниците ќе добијат повисоки плати, така ќе биле попрофесионални
Со измените на Законот за УЈП, вработените во Управата ќе добијат статус на даночни службеници
Нина Нинеска - Фиданоска
Се зголемуваат платите на даночниците. Според информациите, ќе бидат зголемени примањата на голем дел од вработените во Управата за јавни приходи, кои отсега натаму ќе функционираат како даночни службеници, наместо како државни службеници, категорија во која припаѓаа досега. Трансформирањето на најголемиот дел од Даночната инспекција во даночни службеници е овозможено со измените на Законот за УЈП, кои пред неколку дена беа експресно изгласани од народните избраници во парламентот, а деновиве стапија во сила.
Иако во овој закон не е прецизирано дека ќе има зголемување на платите, во неговото образложение јасно е наведено дека тој се носи со цел да се реформира Управата и да се зголеми професионализмот и ефикасноста на даночните инспектори, што, пак, упатува на тоа дека тие треба да бидат и подобро наградени.
Неофицијални извори од УЈП, кои бараат да останат анонимни, изјавуваат дека многу скоро сигурно ќе има зголемување на платите на најголемиот дел од вработените, кои ќе добијат статус на даночни службеници. Според шпекулациите што се шират во УЈП, можно е да има зголемување на платите на даночните службеници меѓу 30 до 40 отсто, а кај одредени најпрофесионални кадри дури и повеќе.
Овие информации во Управата за јавни приходи вчера официјално не ги потврдија, додавајќи дека не е реално да се очекуваат толку високи покачувања на платите. Но, во УЈП, исто така, не ни демантираат дека наскоро ќе има повисоки плати.
„Во УЈП во моментов има околу 1.200 вработени. Со најновите измени на Законот за УЈП, најголем дел од вработените ќе станат даночни службеници и тие ќе се водат согласно со новиот закон. Другиот помал дел ќе останат државни службеници“, вели Весна Новаковиќ, портпарол на УЈП. Таа нагласува дека УЈП има рок од 30 дена да ги усогласи своите акти со новиот закон, кога и ќе се направат сите систематизации, реорганизации и нови колективни договори, по што и точно би се знаело дали, кој, и колкаво зголемување на платата би можел да добие.
Инаку, Новаковиќ објаснува дека вработените во УЈП во моментов земаат плати колку што земаат и другите државни службеници во земјава. Нивните плати, пак, се движат околу 30.000 денари за највисоките службеници (нивото пониско од државните секретари, кои земаат околу 38.000 денари), или околу 20.000 до 24.000 денари за средниот слој од државните службеници.
Инаку, измените на Законот за УЈП беа донесени по итна постапка. „Поради итната и неодложна потреба за реформирање на УЈП, како даночен орган кој се стреми кон подигање на степенот на професионализам, ефикасност и ефективност во редот на своите вработени и насочување кон изградба на дисциплиниран и модерно организиран даночен орган, се предлага издвојување на посебна категорија лица со статус на даночни службеници, кои ќе имаат посебни должности и овластувања во посебна правна и законска рамка“, се вели во причините поради кои треба да се донесе законот.
Со законот се предлага конкретизирање на статусот на даночните службеници кои вршат работи од областа на даноците и даночниот систем и водат постапки за сторени прекршоци за кои е надлежна УЈП, како лица со посебни должности и овластувања, и категоријата даночни службеници - даночни инспектори и даночни контролори, кои вршат работи од инспекциски надзор и контрола.
Во образложението стои дека за спроведување на овој закон не се потребни посебни финансиски средства. |