Број 2868  понеделник, 22 декември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Претходен број


Site Meter
Култура

ИНТЕРВЈУ

Соработката со Ашкенази ми отвори нови видици

Од големите диригенти и оркестри може да се научи многу, вели нашиот пијанист Симон Трпчески

Тина Иванова

Симон Трпчески во ова интервју се фокусира на неговата соработка со врвните светски диригенти што, се разбира, беше наш предлог и наша тема. Но, македонскиот пијанист кој ги освојува светските културни меридијани, зборува и по нешто за сегашните предизвици, идеали, за идните ангажмани, како и за неговите моментални погледи кон развојот на македонската култура воопшто.



Какви се Вашите впечатоци од соработката со влијателниот дирихент Владимир Ашкенази и одржаните концерти во Лондон?

Втор пат соработувам со маестро Ашкенази. И бев многу среќен што се укажа повторно шанса да поминам време со него. Првиот пат беше пред две години во Сан Франциско, а сега во Лондон. И двата настапи беа одговорни. Овој можеби беше уште повеќе, од причина што сепак, го свирев едно од најтешките дела за пијано, Концертот бр.3 на Рахмањинов, единствен пат оваа сезона, првпат во Лондон, каде публиката мошне добро ме познава и згора на тоа, со една таква музичка икона.

Задоволството од работата со него е уникатно, заради тоа што оној негов музички багаж што го има во себе, како и значењето на историјата која тој ја направил во класичнатаинтерпретативна уметност, воопшто не се забележува во неговиот однос. Тој е пријател од прв момент. Неговата природа е таква. Воопшто немаш чувство дека разговараш со една таква легенда. Тој негов неверојатен природен и спонтан однос прави мошне релаксирана атмосфера за оној што свири со него, не само како солист туку и како музичар во оркестарот. Замислете, јас го свирев „Рах 3’ со човек кој се смета за експерт за Рахмањинов и кој го има истиот концерт снимено четири пати пред јас да се родам! Тука се подразбира истото и за „Рапсодијата на тема од Паганини“ за во Сан Франциско. Што ли повеќе човек може да посака?

Димензијата е енормна. Но, исклучително пријатниот начин на укажување на некој миг во делото, во поглед на заедничкото камерно музицирање е од исклучително значење, барем за мене. И не случајно, тој е еден од најобожуваните музичари во светот. Јас бев почестен да соработувам со него и уште повеќе што нему му се допаѓа мојата изведба. Во текот на концертите беше евидентна и нашата соработка на сцена и мислам дека двете распродадени сали во Бејзингстоук и Лондон, го наградија тоа на најубав можен начин, со долготрајни аплаузи и овации, а и луѓе кои стоеа на нозе во Ројал фестивал хол, што не се случува често таму.



А како, пак, гласно размислувате за комуникацијата со врвните Мазел, Папано, Леви, Дудамел, Ведерников...?

Јас имав одлична шанса и среќа многу да научам за музиката и уметноста од моите професори Романови. И, морам да кажам, иако можеби нескромно звучи, од самиот почеток на моите настапи со оркестар, ама буквално никогаш сум немал проблем во комуникацијата. Тоа се должи и на мојата отворена, спонтана и природна личност што и диригентите и оркестрантите веднаш ја забележуваат и со големо срце ја поздравуваат. Секако тука игра голема улога и доброто познавање на делото во целост, не само на својот пијанистички дел.

Што се однесува до другите диригенти, секој од нив се одликува со по нешто. Тоа е нормално и во животот. Мазел е уште една легенда. Човек кој можеби не е многу комуникативен вербално, и за кој велат дека можеби има тежок карактер, но човек со кој јас поминав одлично. Тој точно знаеше што треба да направи и побара од оркестарот, каде да ме причека и добро да ме слушне. Можеби не толку експресивен фацијално, но извонредно организиран. Сите ноти во глава. А, дава и прекрасна емоција, во она што имав можност да го чујам во изведбата на симфонии од Чајковски. Да видите каква друга димензија има човек кој знае да покаже и на танцувачки начин, карактер на одредена тема! Папано е уште еден со кој јас уживав. Многу експресивен и страствен уметник. Човек кој бара разни димензии на интензитет во боја и звук од оркестарот. И точно знае како тоа да го организира во балансот со солистот.

Ова важи и за уште двајца диригенти кои малку поработеа и со нашиот оркестар на ФМУ што беше, верувам, за оние кои знаеле да ги разберат нивните визии, историска можност за нив - Кејс Бакелс и Александар Ведерников. Двајцата различни, но прекрасни. Кејс - човек кој јас го обожавам. И самиот одличен виолинист во текот на студиите. Тој ги слуша сите ситници во делниците на оркестарот. Многу духовит, а директен. Кога оние крајности што ги бара од оркестарот, во динамика, а притоа и боја, како и леснотија при свирење и на најтешките технички парчиња, што многу им ја олеснува работата, ќе се остварат и одлично вклопат во звучната слика со солистот, тој ужива. Но, ужива и солистот. А, и публиката заради меурчињата на задоволство од воздишките. Истото се однесува и за Ведерников, со кој јас за првпат настапив во финалето на натпреварот во Лондон во 2000 година, а и во Џенова во 2007, а нас не очекуваат настапи и во 2009. Човек кој навидум изгледа нетемпераментен, но дава фантастична поддршка на солистот заради неговото прекрасно чувство за камерно музицирање и тимска работа, а е очигледен и волуменот кој тој успева да го добие и од помалку квалитетни оркестри. А, можете да замислите што прави со врвните.

Слично е и со Јоел Леви. Тој има се во глава и напамет диригира. Точно знае што бара од оркестарот и одлично го организира. Човек многу комотно се чувствува кога свири со него. Можеби навидум изгледа дека не е многу експресивен, но е одличен соработник.

Имав можност да настапам и со, во моментов, најактуелните диригенти од помладата генерација како Дудамел, Петренко, Јуровски, Ренес, Бурибајев, Нелсонс, Даусгард. Секој на свој начин одличен. Секој се разликува во нешто и можеби во одредени зголемени димензии на звук или интерпретација, критичарите може и да им замерат, сепак верувам дека е тоа добронамерно од причина што тие во овие години сепак го градат багажот за она што ќе ги направи, а веќе ги прави, нови легенди на нивната генерација во иднина, и тоа со сигурност. Но, тоа е верувам нормален животен процес. Тие се секако полни со енергија, страст, темперамент, чувство за организација на оркестрантите, чувство за форма на делата, одлични техничари, а со тоа и помагачи на оркестарот во креирање на димензијата на делото.


Маестро Ашкенази ми вели: „Не гледај ме мене, само свири, јас ќе те придружувам“. Застанав, се насмеав и му реков: „Ама маестро, јас понекогаш навистина сакам да ве гледам“. А тој пак, „Ама јас не сум девојка!“


Можете ли да ни пренесете дел од анегдотите со големите, од зад пултот?

Секогаш се раѓа по некоја анегдота или интересна ситуација. Со Дудамел на пример, се натпреварувавме кој како ќе се вика во италијанска верзија со аугментации и диминуции. Или, пак, тој еднаш ме седна на бис и си седна самиот на диригентскиот пулт за да ме слуша. Многу си одговараме и како карактери, а и во духот, и секогаш си поминавме многу убаво.

На Мазел нема да му го заборавам изразот на лицето на единствената генерална проба во Њујорк на еден момент во концертот на Чајковски кој јас го свирам нетрадиционално, а кој тој не го очекуваше. Беше многу ведра атмосфера.

Со Ашкенази има две интересни анегдоти. Првата, во Сан Франциско, кога на сред изведбата на Рапсодија заѕвони мобилен телефон. Тој ја прекина изведбата. Тоа првпат ми се случи. Не знаев што да правам со себе. Дали да се смеам или да плачам. Му се обрати на човекот директно и со многу сериозен тон: „Исклучете го телефонот. Во моментов. Навистина!“ Во салата никој не дишеше. И продолжи со варијацијата. Но, јас се соземав и продолжив. И се заврши добро. Тој човек прави многу големи шеги и пред самиот излез на сцена, па е невозможно и да не се смееш кога веќе излегуваш и сите те гледаат. А, сега во Лондон, пред проба ми вели: „Доста вежбаш, и онака е многу тешко!“ А, за време на проба на едно место, пак, ми вели: „Не ме гледај мене, не ме гледај. Само свири, јас ќе те пратам“. Јас застанав, се насмеав и му вратив: „Ама маестро, јас понекогаш навистина сакам да Ве гледам“. А тој пак, во негов стил: „Ама јас не сум девојка!“



Каде наоѓате модус за нов почеток, за нов успех?

Ова е поврзано со самата природа на личноста, колку е таа силна сама по себе, какво домашно воспитување ја градело и секако, колку образованието влијаело на неа. Јас, за среќа, сум стабилна личност. И од почетокот сум наоѓал модус за нов почеток на веќе многу пати отсвирено дело. На тоа влијае и околината се разбира. Прекрасно е чувството кога зад себе ги слушаш Филхармонија од Лондон, London Cymhons , Royal Concertgebouw , Лондонската и Њујоршката филхармонија, New Japan Philharmonic, Чикашкиот и Симфониските оркестри на Сан Франциско, Лос Анџелес, Сиднеј и Нов Зеланд. Кога човек има одлична и стабилна звуковна поддршка, се чувствува и мотивиран. И доколку начинот на кој се впушта во нов настап секогаш е подгреан со здравата анксиозност, како психолошки термин, со позитивна енергија која го вклучува и престижот, тогаш човек е исполнет со убаво чувство, и е речиси невозмозно да е осуден на неуспех.

Во самиот развој, природно е искуството да си го прави своето и во настапите сепак, мојата релаксираност и сигурноста да добиваат нови димензии. Но, и јас сум од крв и месо. И секогаш расположението не ми е на највисоко ниво. И ако успееш да го најдеш модусот за позитивна енергија на сцена, тогаш си успеал.



Ќе ни ги откриете ли следните предизвици и размисли?

Многу ми е мило што ќе соработувам со два врвни оркестри во јануари, со Филхармонијата на Санкт Петербург со В. Петренко и со Рускиот Национален Оркестар со В. Јуровски. Дотолку повеќе што јас сум руска пијанистичка школа и некако ми е посебно задоволството да свирам во Русија, со Санкт Петербуршката филхармонија, и на европска турнеја со РНО. Се разбира дека би било прекрасно доколку имам можност да настапам со диригенти како Јансонс, Мехта, Мути, Хаитинк и Ратл и со оркестри како што се, Берлинската и Виенската филхармонија. Тоа се оркестрите од самата елита, на врвот кои што во принцип, останаа на листата со кои би било убаво да свирам. Но, јас никаде не се брзам. Се што треба ќе си дојде.



На кој начин размислувате за македонската музичка култура?

Во секоја музичка култура има различни дела кои излегуваат на виделина. Не зборувам само за музички дела. Музичките дела како композиции можат да бидат и подобри и помалку добри. Но, за тие да функционираат добро, треба добра организација. Тоа значи дека за претставување на музичката култура мора да има добра организација. А, за да има добра организација мора да се има вистинска идеја и професионален однос. Кога зборувам за професионален однос, секако дека не ги заборавам и финансиите од кои зависат многу нешта. Кај нас, работите одат напред, но бавно. Тоа е донекаде и разбирливо заради тоа што од друга страна многу нешта го попречуваат развојот на самата држава, кои не се од културна природа. Но, мора да се освестиме дека мора да работиме на квалитетот, кој преку вистинските идеи, професионалниот однос и добрата организација ќе излезе на видело, се р��збира прво кај нас, а на тој начин и во странство. Ние имаме историја. Ние сме центарот на светот. Ние имаме длабоки корени кои не се сечат така лесно. Заради тоа имаме и музичка култура која има уникатен карактер и е неверојатно примамлива за светот. Треба само да му ја покажеме. Затоа, да поработиме малку повеќе.


Статијата е прочитана 679 пати.

Испрати коментар

Од: intelekt
Датум: 22.12.2008 11:00:18
sekoja cest!nie se godeeme so tebe!!!ti si nacionalno bogatsvo!ti se poklonuvame dlavoko!
Од: ...
Датум: 22.12.2008 11:08:43
Sekoja cest za intervjuvo...treba mnogu da se gordeeme so ovoj covek! Makedonija ni najmalku ne e svesna za negovite uspesi !
Од: publika
Датум: 22.12.2008 11:57:46
Simon, gordi sme na tebe!!!
Од: mango
Датум: 22.12.2008 18:39:46
C'ovekot e biser nad biserite za Makedonija, cel svet go znae a prostata raja vo *Makedonija ne ni c'ule za nego. Sekoja c'est Maestro, se gordeeme so tebe!!!

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Култура
Концерт на Ѓорѓи Цуцковски и Марија Вршкова
„Светилка за Ханука“ - збирка раскази од Томислав Османли
„Златна ѕвезда“ за британскиот филм „Глад“
Невзат Бејтули - Кица изложува во КИЦ
Дела на Илиријан Беќири во Чифте амам
Прв роман на Братислав Ташковски