„Златна ѕвезда“ за британскиот филм „Глад“
Британскиот филм „Глад“ на Стив Меквин ја доби наградата „Златна ѕвезда“ на фестивалот на европски филм „Синедејс“
Киносалите ви овозможуваат да видите што ќе одберете вие, затоа немојте да ги загубите, порача Дарко Баиќ
Сунчица Уневска
Британскиот филм „Глад“ на режисерот и познат визуелен уметник Стив Меквин ја доби главната награда „Златна ѕвезда“ на 7. Фестивал на европски филм „Синедејс“. „Сребрената ѕвезда“ за најдобра режија отиде во рацете на чешкиот режисер Петар Зеленка за неговиот филм „Карамазови“, а „Сината ѕвезда“ за сценарио му припадна на холандскиот филм „Волфсберген“ направен по сценарио и во режија на Нанук Леополд.
Британскиот филм „Глад“ кој зборува за драматичните настани од почетокот на 1980-тите кога затворениците, припадници на ИРА ќе решат да штрајкуваат што ќе резултира со девет мртви, беше најголемиот фаворит на жирито. Како што ни рекоа годинешните членови на жирито: Иво Трајков, Денис Мујовиќ и Драган Маринковиќ, овој филм кој е направен жестоко и неверојатно реалистично, ги одушевил и дури сметале дека ги заслужува повеќето награди. А тоа и не не изненадува, бидејќи секаде каде што се појави овој тежок, но исклучително направен филм освои многу награди и признанија. „Глад“ ја имаше премиерата во Кан каде што ја доби наградата „Златна камера“ за прв филм, како и наградата на критиката „Фипресци“ во престижната програма „Извесен поглед“.
Петар Зеленка пак, спаѓа меѓу помладите чешки автори кој со своите три играни филма има освоено неверојатен број награди. „Карамазови“, филмот кој го прави според делото на Достоевски, носи една сосем невообичаена идеја. Бидејќи, Зеленка ја испреплетува оригиналната поставка на една театарска трупа со секојдневниот живот и судбини на работниците во една фабрика. Неверојатен спој и ситуации кои на Зеленка му ја донесоа наградата на критиката на фестивалот во Карлови Вари и Специјално признание на жирито. Додека „Волфсберген“ во Македонија ни донесе уште една авторка од помладата генерација која досега има остварено голем успех како режисер и писател со своите, исто така, три играни филма. „Волфсберген“ е филм за семејс��вото, но за изгубената комуникација, за отуѓувањето и апатијата во која се потонати сите вредности.
Ни затворањето на „Синедејс“ не помина подобро. Немаше многу публика иако фестивалот го затвори еден од најпровокативните годинешни филмови „Катињ“ на големиот полски автор Анджеј Вајда. Но, како и да е, наградите беа доделени и имаше кои да ги прими, а за оние кои немаше им беа врачени на овдешните дипломатски претставници. Така, наградата за најдобро актерско остварување, која и припадна на Дерија Албора за улогата во уште една семејна драма, „Пандорината кутија“ на Јесим Устаоглу, му беше врачена на претставникот на турската амбасада. Додека, наградата за најдобра сценографија и визуелизација, која ја доби филмот „Абсурдистан“ на Вејт Хелмер, кој беше гостин на фестивалот, ја прими еден од актерите во овој филм, Илко Стефановски. Интересно е да кажеме дека во овој интересен надреален филм, чие дејствие се одвива некаде меѓу Европа и Азија, има интернационална екипа и двајца македонски актери: Илко Стефановски и Благоја Спиркоски - Џумерко.
И на крајот, наградата „Златно сонце“ која се доделува на филмовите во регионалната програма „Балкан линк“ ја поделија два филма, словенечкиот „Засекогаш“ на Дамјан Козоле и српскиот „На убавиот син Дунав“ на Дарко Баиќ. А со оглед на состојбата со нашите гледачи и празните сали на „Синедејс“ Дарко Баиќ порача дека треба да ги чуваме кината и да се потрудиме тоа што ќе го гледаме да биде наш избор, а не се' да се сведе на она што ни го дава телевизијата според сопствениот рејтинг. „Чувајте ги кината, рече Баиќ, затоа што тие го носат од другата страна оној свет кој не можете да го видите, тие ги носат мислите, емоциите и односот кон нештата на некој автор од светот, кој тоа го промислил и го прикажува само за вас. А тоа е такво скапоцено богатство кое треба да го негуваме, бидејќи го збогатува нашето живеење. Затоа немојте да дозволите да ги загубите овие магични простори, киносалите, кои носат неверојатни можности за средби, за комуникација и допир.“ |