Црни дамки во СОНК
Александар Тодоровски, претседател на синдикалната организација на СОНК при Националната галерија на РМ Скопје
Повод за ова мое прво писмо до медиумите е моменталната состојба во СОНК, поточно состојбата во Регионалниот одбор на СОНК - Центар Скопје. Регионалниот одбор во својот состав има околу 48 синдикални организации од областа на образованието, науката и културата и по бројност претставува еден од најголемите региони во составот на СОНК.
Проблемот со овој Регионален одбор на СОНК - Центар Скопје, кој е составен дел на СОНК, е тоа што понекогаш на демократски, статутарен и законски начин не се согласува со мислењето на одредени органи на СОНК, односно не претставува гласачка машина за остварување на нечии интереси.
Имено, проблемите настануваат по изјавата на претседателот на СОНК, дека нема намера да се кандидира за претседател на СОНК, кој ќе се избира на Конгресот на СОНК што треба да се одржи во октомври 2010 година. Со самата таа изјава нашиот сега веќе поранешен претседател на Регионалниот одбор на СОНК - Центар Скопје на сосема демократски начин ја објави својата кандидатура за нов претседател на СОНК.
Бидејки потекнува од еден регион што не е по мерка на господинот претседател, тој веднаш започнува борба за негова елиминација. И замислете, по негово лично толкување на Статутот на СОНК и закрила на Советот на СОНК (кој е еден од главните гласачки машини на претседателот) со донесување на некои заклучоци, кои Регионот центар со мнозинство на гласови ги одби, под итна постапка успева да го елиминира. Синдикалец, кој 20 години работи за успехот на СОНК, кој целиот свој работен век го поминал во СОНК, наеднаш не е добар синдикалец, го прогласува за кршител на Статутот на СОНК само затоа што предвреме почнал со кампањата за избор на претседател на СОНК. Дури ја користи својата функција да го разреши од функцијата претседател на матичната синдикална организација, со еден збор на крајно недемократски начин го исклучува од членство на СОНК, со што по автоматизам му престануваат сите функции во СОНК. (Напомена: сега дури може да го изгуби и своето работно место).
Кога ја оствари својата прва цел, тој тука не застана, премина на остварување на втората цел, а тоа е како што тој милува да каже, конечно разрешување на Регионот центар, кој е единствен проблематичен (не игра како што свири тој) во СОНК.
Бидејки останавме без претседател врз основа на заклучоците донесени од Советот на СОНК, се свика состанок за избор на нов претседател на Регионалниот одбор на СОНК - Центар Скопје. На тој состанок претседателот злоупотребувајќи ја својата функција ги зеде конците во св��и раце. По предлог на тројца кандидати, само од нему познати причини не дозволува, односно врши притисок врз претседавачот на состанокот, кој воедно беше и негов кандидат, еден од предложените тројца кандидати воопшто да не биде ставен на гласање.
Мнозинството од членството видно вознемирени, и покрај едночасовното убедување и укажување на некој членови од Статутот на СОНК, кои со ваквата постапка претседателот ги крши, тој со арогантни и иронични изјави од типот неможе, жалете се, ќе биде јас како ке кажам, не дозволи претседавачот да го стави и третиот кандидат на гласање. На оваа одлука реагираат мнозинството, околу триесетина члена на Регионалниот одбор на СОНК - Центар Скопје и го напуштаат состанокот испратени со изјава на претседателот (цитирам: „ако одете си, ќе дојдат други“). По напуштањето на состанокот, претседателот самоиницијативно го продолжува состанокот и избира нов претседател (неговиот кандидат) со само седум гласа. Повторно ја злоупотребува својата функција и без валидна Одлука за избор на претседател на Регионалниот одбор на СОНК - Центар, без валиден Записник од одржаниот состанок, кои до ден денес не се доставени и усвоени од членовите на Регионалниот одбор на СОНК - Центар Скопје, дава потврда со своерачен потпис и штембил во Централниот регистар за промена на овластено лице.
И покрај овие недемократски, нестатутарни, арогантни, заканувачки постапки на претседателот, мнозинството членови од Регионот уште еднаш во името на синдикализмот и демократијата побараа свикување нов состанок со истиот дневен ред како и претходниот, за надминување на настанатата ситуација и избор на нов легитимен претседател на Регионалниот одбор на СОНК - Центар, со мнозинство гласови. И сега замислете наместо позитивен одговор и покана за нов состанок, мнозинството членови добиваат покани од директорите на нивните институции за информативен разговор во врска со синдикатот. Не знам дали е смешно или, пак, жалосно ама морам да напоменам дека едно од основните начела на СОНК е борба против мобингот и дискриминацијата.
Со сета почит кон досега направеното, за успехот кој СОНК го има остварено под досегашното водство на претседателот на СОНК Дојчин Цветановски, сметам дека само три месеци до неговото повлекување, со овие постапки остави една голема црна дамка во своето владеење. А се надевам дека СОНК како моќна институција без еден или друг, ќе продолжи да работи по своите основни начела што се внесени во неговиот статут.
|