Високата партиципација им ги вади забите на болните
По реакциите во јавноста, министерот Османи во петокот експресно ги примил матичните стоматолози
Јасмина Јовановска
Пациентите повеќе се одлучуваат матичниот стоматолог да им извади расипан заб отколку да им се лекува. Ваквата практика, велат матичните стоматолози, зачестила откако годинава капитацијата на заболекарите се намали за сметка на покачувањето на партиципацијата што ја даваат пациентите за стоматолошките услуги. Пациентите реагираат дека за да ги лекуваат забите, партиципацијата им е висока. За пломбирање заб со амалгам, партиципацијата е 130 денари, додека со бела пломба е 260 денари, а вадење заб чини само 150 денари. За да се излекува еден заб, понекогаш се потребни и повеќе од 300 денари.
Покачувањето на партиципацијата и натаму ќе продолжи доколку се намалува вредноста на капитацијата, како што е зацртано со државната стратегија за развој на стоматологијата, со која за три години се планира овој сектор целосно да се приватизира и пациентите да ги лекуваат забите приватно. Со оглед дека условите за целосна приватизација не им одговараат ни на пациентите ни на лекарите, Здружението на матичните стоматолози „Св. Антип“ бара да се промени државната стратегија. Во спротивно, како што најавија минатата недела, матичните стоматолози утре ќе протестираат пред Министерството за здравство. Откако Здружението реагираше во јавноста, министерот за здравство, Бујар Османи, во петокот експресно ги примил, иако со месеци барале средба. Потоа, била формирана работна група за решавање на нивните наталожени проблеми.
„Денеска уште еднаш треба да се состане работната група, по што ќе се знае дали утре ќе се реализира протестот“, вчера ни изјави претседателот на Здружението „Св. Антип“, д-р Ѓорѓи Тодоровски. Тоа што се формира работна група е позитивен чекор заедно да работиме на стратегијата, но треба да се најде заеднички јазик за покачување на капитацијата, како и тоа матичните забари да може да ги лекуваат забите на децата до 14 години, додава д-р Тодоровски.
„Капитацијата, која лани ни ја намалија од 45 на 35 денари, бараме да се врати на старото ниво. Ова ќе биде од корист и за пациентите, но и за нас стоматолозите, од кои некои работат на работ на егзистенцијата. Во Скопје и во Битола, матичните стоматолози може и некако се крпат, но колегите што се во помалите градови, Велес, Кичево, Виница, Делчево, едвај преживуваат. Една поправка на машина чини најмалку 50 евра, а најевтиниот дел е 150 евра, така што расипувањето може да изеде и едномесечна капитација“, објаснува д-р Тодоровски.
Од Министерството за здравство велат дека додека течат преговорите со стоматолозите, нема да се изјаснат за нивните проблеми. „Работната група се состана вчера, а ќе работи и денеска, по што ќе се заземе став за прашањето на стоматолозите“, ни рекоа во Министерството за здравство. |