МПЦ не замина на чествувањето на Св. Кирил во Москва
За да го одбележат делото на просветителот, делегации на Црквата заминаа за Италија и Германија
Билјана Јовановска
Македонска државна и црковна делегација годинава нема да присуствува на манифестацијата „Денови на славјанска писменост и култура“, кои на 24 мај се одржуваат во Москва. Со указ на патријархот серуски и московски г. Кирил, централното чествување од овој мај се префрлува на епархиско ниво, што значи дека ќе се одбележи во секоја од епархиите на Руската православна црква.
Во Москва нема да замине ниту митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, кој од Синодот на Македонската православна црква беше определен да присуствува на овој настан, на кој досега со децении беа поканувани државни и црковни делегации од сите земји што го слават делото на словенските просветители. Зошто - вчера не успеавме да дознаеме. Сепак, малку е чудно зошто МПЦ, без оглед што манифестацијата се дисперзира на епархиско ниво не испрати свој духовник, дотолку повеќе што во почетокот на месецот во Охрид, на Втората светска конференција за меѓурелигиски дијалог, Руската православна црква имаше своја висока делегација, предводена од митрополитот јарославски и ростовски г. Кирил. И како за држава и како за Црква, оваа манифестација е исклучително значајна. За потсетување, сега ексамбасадорот во Москва, Златко Лечевски, на овој собир беше одлукуван со ордени што му ги врачија патријархот Алексиј Втори и неговиот наследник г. Кирил. Поточно, високото одликување - „Меѓународна премија на светите рамноапостолски браќа Кирил и Методиј“ ,кое врвот на РПЦ им го доделува на општественици и државни дејци што внеле значителен влог во зачувувањето и развивањето на словенското културно наследство, македонскиот дипломат го доби трипати.
Според официјалниот сајт на РПЦ, во Москва од 22 до 31 мај во официјална канонска визитација ќе биде вселенскиот ��атријарх Вартоломеј, кој по повод празникот, во храмот на „Спасителот“ ќе служи заедно со рускиот патријарх г. Кирил. Ова ќе биде чествување на делото на словенските браќа, но и одбележување на именденот на својот поглавар или, како што во Русија се нарекува, Денот на ангелот.
Истовремено кога МПЦ го прескокна заминувањето за Русија, великодостојници на МПЦ и за овој 24 Мај ќе присуствуваат на чествувањата на св. Кирил во Рим, каде што традиционално држат молебен на гробот на големиот просветител, како и во Елванген, Германија, местото на упокојувањето на св. Методиј. Во Рим и во Ватикан замина висока државна делегација предводена од претседателот на Собранието, Трајко Вељановски, додека во црковната е митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј. Но, на оваа манифестација ќе присуствуваат и еден куп пратеници, функционери, државни службеници... Денес тие ќе го посетат и Ватикан каде што ќе бидат примени од папата Бенедикт Шеснаесетти.
Во Германија, најверојатно, на Денот на просветителите ќе присуствува европскиот митрополит г. Пимен. Не се знае, единствено, како делото на словенските преродбеници, светите Кирил и Методиј ќе се прослават во Македонија. На каков начин ние ќе им ја искажеме почитта, со исклучок на Универзитетот што го носи нивното име? Во Архиепископијата на МПЦ вчера не можеше да се добие одговор ниту на прашањето дали и каде на 24 Мај ќе служи поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан. (Б.Ј.)
|