Груевски бара јавни листи на кодошите
Премиерот му возврати на Георгиевски и повика на општа лустрација
Премиерот Никола Груевски вчера преку отворено писмо до „противниците на лустрацијата“ остро му возврати на својот политички ментор, екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски, и го обвини дека одработува за лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски. Пред два дена Георгиевски јавно го посочи Груевски како најголем кочничар на лустрацијата и го праша „зошто ги штити кодошите во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ“. Притоа наведе дека Груевски го знаел кодошот, појаснувајќи дека тој своевремено бил „потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, потоа министер, а откако бил сменет од функцијата бил главен организатор при купувањето на шестмина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, за новото мнозинство во 2000 година“.
Премиерот вчера побара целосна лустрација. Со јавни листи и со објави, и со лустрација на период до 2010 година, и тоа не само за јавни функционери, туку за каква било општествено одговорна улога.
„Јасно и гласно сакам да порачам. ВМРО-ДПМНЕ и јас, како нејзин претседател, сме најголеми поддржувачи на процесот на лустрација - времето ќе го докаже тоа. Немаме никакви ’дилови‘ ниту, пак, пазари со кои би се заштитиле лица кои прекршувале човекови права и уништувале човечки судбини. Затоа, ајде сите на лустрација, и тоа со јавни листи, со објави, со период до 2010 година, за секој кој има не само јавна функција, туку и каква било општествена одговорна улога, и тоа веднаш. Сите кодоши да излезат на виделина, тоа е наша цел!“, повика вчера Груевски потсетувајќи дека тој прв поднел изјава дека не бил соработник со тајните служби.
Во писмото тој вели дека нема официјална изјава од Комисијата за лустрација дека некој пратеник, некогашен висок функционер во редовите на ВМРО-ДПМНЕ бил кодош, туку се' е во сферата на шпекулациите готвени во кујната на СДСМ. „Од каде ви се тие информации, кои, всушност, излегува дека се дезинформации, кои не се објавени туку се зборуваат само во кругот на членовите? Кои се инсајдерите, кои известувајќи ве, а притоа дезинформирајќи ве, меѓу другото, прават и кривично дело“, прашува премиерот. За него е јасно која е целта на нападите и што се сака да се постигне со нив. „Нападни го ВМРО-ДПМНЕ за да го затскриеш Уставен суд, за чиј член Комисијата ЈАВНО се изјасни дека бил соработник на тајните служби“, вели Груевски, кој нема дилема за инспираторот на сценариото за заштита на наследниците на УДБА. „БЦ - лично и персонално, кој е во уплав затоа што еден демократски систем му ја откри недемократската шема со Уставен суд, и кој повторно од ’ауди‘ на автопатот Тетово - Скопје дава инструкции што потоа му се пренесуваат на поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, за тој, свесно или несвесно, сакајќи или не сакајќи, одработува за левицата, а против десницата и демократијата. Апсурд е да се каже дека ВМРО-ДПМНЕ е против лустрацијата. Уште поапсурдно, а и сомнително е, во тој настап воопшто да не спомнеш за кодошите на Црвенковски, кој по сопствено признание на сегашниот обвинувач за, наводно, кочење на процесот, ја уништил неговата кариера, а пробал да ја уништи и ВМРО-ДПМНЕ. Најапсурдно е да влезеш во сценариото на Бранко Црвенковски и да работиш за да ја симнеш ВМРО-ДПМНЕ од власт за да го донесеш СДСМ“, констатира Груевски. Во писмото уште наведува дека Георгиевски како тогашен премиер морал да знае затоа што имал можност за увид во досиејата, за некаков наводен „вмровски соработник“. „Дали со тоа што не го решил тој проблем не направил зло кон ВМРО-ДПМНЕ на чиј дигнитет сега ме повикува? Ако некој од тајните служби пробал да прави пуч во 2000 година, дали за тоа е одговорен тогашниот лидер на УБК сега познат ’читач на воени сведоштва‘ и дали тој ќе биде пријавен? И, конечно, кој бил инспиратор на тој пуч, кому тогаш му одговарало да ја симне ВМРО-ДПМНЕ од власт, кој бил тогашен лидер на опозицијата и дали тој ќе биде пријавен за пуч?“, прашува Груевски во отвореното писмо и потенцира дека Законот за лустрација е донесен во време кога тој е премиер.
„Претходно имавте 15 години како носители на политичките и на општествените процеси во државата, да го донесете и да го спроведете, но од непознати причини за мене, но за вас сигурно познати, тоа не го направивте. Со тоа пропуштивте златна шанса да расчистите со структурите, кои со децении го кочеа општествениот развој и кои во тие времиња, многу веројатно, извршуваа битни и значајни општествени функции“, вели Груевски.
Притоа нагласува дека нема да дозволи ВМРО-ДПМНЕ да биде вовлечена на дефоку�� и девалвација на процесот. „Игрите се исти како порано, не знам дали денес некој свири ’Опера‘ или летаат ’Сини птици‘, дали повторно некој ’мајор на КОС‘ пишува ’Леток‘ или дали е некој во ’Дувло‘, и дали во поранешниот режим некој можел да биде амбасадор ако не бил во дослух со ’сУДБАТА‘, но имам чувство дека се изведува некоја нова ’Северна трибина“‘ , истакнува Груевски. (О.В.) |