Гвен Стефани вторпат стана мајка

Пејачката Гвен Стефани се породи со царски рез во четвртокот попладне и на свет донесе здраво машко дете, кое ќе го носи името Зума Неста Рок. По породувањето, и мајката и бебето се чувствуваат добро, објави нејзината портпаролка. Со необичниот избор на името пејачката му се придружи на новиот ѕвезден тренд на давање чудни имиња на децата - популарниот пејач Френк Запа својата ќерка ја нарече Мун Јунит, Бекамови го крстија синот Бруклин (дел од Њујорк), местото каде што Бруклин наводно бил зачнат...
Гвен Стефани и нејзиниот сопруг Гевин Росдејл веќе го имаат двегодишниот син Кингстон, а по неговото раѓање пејачката одушевено изјави дека бременоста и мајчинството се нешто најчудесно што и' се случило и дека планира да има повеќе деца и тоа наскоро. Завчера нејзината желба се оствари, а откако објави дека ќе има уште едно дете, Гвен направи пауза во кариерата и му се посвети на семејството. Воодушевеноста од родителската улога не ја крие ниту нејзиниот сопруг. „Да се биде родител е возбудливо и прекрасно“, изјави Росдејл.
Патем, новите родители не сакаа да го дознаат полот на детето предвреме, но знаеја дека ќе има соба обоена во црна боја, како што нагласи Гевин, за да биде готик уште од мало. Стефани неодамна призна дека во средно училиште била предмет на потсмев поради вишокот килограми, поради што сега има трауми, па затоа не и' е многу удобно за време на бременоста. „Толку бев фрустрирана на училиште поради тежината што правев се' за да ослабам - секојдневно вежбав, па дури и се запишав на пливање. Кога научив да ја контролирам тежината, останав бремена и пак сум дебела. Сфаќам дека тоа е глупаво, зашто никому не му е грижа колку тежам, но не сакам да се погледнам во огледало и како во тинејџерските денови да мислам дека сум дебело прасе“, призна пејачката. |