Контрапункт
Земјотрес, поплава и оган
Никола Гелевски
Бескрупулозноста стана правило на денот, а бруталноста стана единствена метода во пресметувањето со послабите
Има еден виц во кој првобитно учествуваа Англичанец, Шкот и Ирец, но денес улогите ги преземаат Грк, Бугарин и Македонец.
Стојат, значи, тројцата Балканци потпрени врз еден ѕид и чекаат да бидат стрелани од одред војници. Гркот одеднаш извикува „земјотрес!“, па во настанатиот метеж го прескокнува ѕидот и бега. Бугаринот не останува покусо, извикува „поплава!“ и, исто така, успева да побегне. Македонецот, пак, извикува „оган!“, а војниците послушно, како по наредба, го застрелуваат. (Во британскиот виц, по извикот „fire!“ - збор кој едновремено значи „оган“, „пожар“ и „пукајте“ - најкусиот крај го влече, се разбира, Ирецот.)
Реакцијата на Македонецот од вицот неодоливо ме потсетува на политиката на Никола Груевски. Кај сите други балкански национализми - таму и македонскиот. Кај сите со силеџиство, финти и измами - таму и ние. Ама, можеби токму поради имитативната природа на последниот во колоната, дури ни имитирањето не ти го спасува газот. Напротив! Испаѓаш депласиран и смешен.
И, никако не ми оди во умот зошто Македонецот, со сегашнава националистичка мобилизација, ги избира губитничките варијанти на Србинот, Хрватот и Босанецот од деведесеттите години. И зошто, до бога, толку доцна! Проклето задоцнет беше дури и комичниот (но мошне мошне опасен, меѓу другото и поради примитивизмот и глупоста) национализам на Љубе Бошкоски и на она ВМРО од пред десет години. Но, денес?! Кога дури и најголемиот балкански губитник, Србија, сосема се пацификува, смирува и граба кон ЕУ, некој - и тоа во најслабата земја во регионот и во Европа! - да ви ја продава надуената етничка гордост за највисока човечка и цивилизациска и политичка доблест - сосема наликува на извикувањето „оган!“ пред стрелачки строј.
И уште една работа не можам да сфатам: ако веќе толку многу ни пречи силеџиското однесување на Грција, гротескниот дибек од соседството што ги тероризира послаби��е, зошто тогаш внатре во Македонија, пред се' во политичкиот, но и во севкупниот општествен живот - владеат исклучиво правилата на посилниот, макар бил гротескно, глуп, груб и прост?! И пред Груевски ова беше груба и вулгарна земја, но со Груевски (Маневски, Јанкулоска, Боцевски, Велјановски итн.) бескрупулозноста стана правило на денот, а бруталноста стана единствена метода во пресметувањето со послабите (со оние кои не ги добиле изборите, оние кои се во погрешна партија, фирма или НВО, или едноставно оние што се недоволно послушни спрема актуелниот маалски абдал-предводник; притоа, сите знаат, така налагаат силеџиските правила на паланката, штом малку ќе ослаби моќта на денешниот шапшал-водач, некој друг билмез ќе го дофати тронот и ќе ги брише клозетските школки со главата на довчерашниот „лидер“).
Се согласувам со Груевски: силеџиството на Грција треба да не' направи пообединети внатре. Но, тоа обединување треба да биде врз принципите на разумот, грижата, правдата, солидарноста, а не обединување околу најсилната селска банда. Слободата и човечкото достоинство треба да бидат лепакот со кој го градиме гнездото на сопствената држава. Демократијата е најдлабока можна потреба на македонското општество, а не некаков „бенчмарк“ кој ни го налага ЕУ, заедно со квотите за вино.
***
Провокативниот руски писател и уметник Лев Рубинштејн, во еден скорешен текст во кој го критикува владеењето на Путин, дава духовит портрет на просечниот руски малограѓанин нарекувајќи го „патриот на милитаризираната бензинска станица“ во „чијашто тиква наместо мозок заплиснува петролејот, а цревата му се дујат од природен гас“. Го спомнувам овде необичниот и култен руски писател, зашто советите што тој му ги дава на просечниот руски малограѓанин (како и на Путин), неодоливо потсетуваат на просечниот македонски малограѓанин и на неговиот идол Никола Груевски. Впрочем, еве ги советите на Рубинштејн:
- немој да велиш дека си подобар од сите, само зашто си поголем од сите;
- немој да запнуваш да ги надгласаш сите;
- имај храброст да ги признаеш малите и крупните свињарии што си ги правел;
- немој да хистеризираш за секоја дреболија;
- не нарекувај го црното бело, а белото црно;
- учи врз сопствените и врз туѓите грешки;
- немој да лажеш на секој чекор и не дозволувај тебе да те лажат;
- научи се себе си да се гледаш и отстрана;
- не сметај ги за добротвори своите сопствени џелати и оние што те ограбуваат;
- не создавај си себеси непријатели со сопствените раце и на секој чекор;
- биди отворен и великодушен;
- запомни дека, ако едновремено се чувствуваш голем и понижен од сите, тоа тогаш се вика шизофренија;
- дружи се со чесни, уредни и воспитани луѓе, а не со тапоглавата, злобна и измамничка багра;
- запомни дека прва и основна грижа на твојата држава е да ги обезбеди слободата и човечкото достоинство, а не себе да си создава репутација на светско страшило;
- имај предвид дека дури и кога некој ќе ти се покаже како идиот или ѓубре, тоа воопшто не значи дека и ти треба да се однесуваш како идиот или ѓубре;
- немој да мислиш дека секој кој со тебе сака (а уште почесто е принуден) да се дружи, навистина е твој другар, и дека секој којшто сака да се дружи со некој друг - веднаш е твој непријател и марионета;
- не нарекувај го секој оној којшто не се согласува со тебе - петтоколонаш, наемник и предавник;
- не дозволувај некој друг да ги одредува твоите пратеници и претседатели.
(Авторот е издавач) |