Брoj 2740  петок, 18 јули 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Фељтон
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Мислења

Мислења

Дијалог

Љупчо Печијарески

Живееме во свет на диктати, а диктатите се монолози на моќните. А добро е познато: таму каде што има диктати, нема место за дијалог!

Една од основните човекови потреби е потребата за комуникација. Во суштина, на овој свет сме дојдени, пред се', да разменуваме добра мисла, знаење, пријателство, убавина, парче човечност, притоа обидувајќи се, низ чинот на творештвото (што истовремено е и чин на самосоздавање), на минливоста на нашето постоење да и' додадеме мала доза на трајност. Човечкото суштество, низ сопствената креативност и имагинација се создава самото себе, истовремено создавајќи го и светот во којшто опстојува. Човекот не е осамен остров, не е изолиран поединец, затворен во својот имагинарен свет. Напротив, човекот – тоа е неговиот однос кон светот, кон општествената стварност што самиот ја гради. Човековото постоење е резултат на бројни интеракции во чија основа едно свесно суштество се обидува сопственото јас да го одживее низ колективното ние. Да се постои значи да се разменува, да се споделува, да се биде во постојан дијалог со самиот себе и светот околу себе. Дијалогот е начин на опстојување, можност за самореализација, облик на заедничко комуницирање. Дијалогот е обид да се слушнеме, почувствуваме, приближиме еден кон друг, да навлеземе во суштината на нештата и да ја согледаме нивната смисла. Се' додека постои дијалогот, ќе постои и потребата да се откриваат нови вистини. Имено, смислата на дијалогот се состои во тоа некаде да се пристигне, да се спознаат нови простори, нови хоризонти, нови сознанија, да се премости јазот меѓу сопств��ното јас и она што претставува јас на другиот, именувано како ти. Дијалогот, истовремено, е начин да се стигне како до самиот себе, така и до другиот. Не е можно да се приближиме до другиот, доколку не сме стигнале до самите. Многу тешко се стигнува до самиот себе без средба со другиот затоа што секое самооткривање мора да биде потврдено низ дијалог со другиот. Вистината е патување на духот меѓу јас и ти, при што на тој пат се создаваат нови идеи, нови светопогледи, нова стварност. Отвореноста кон дијалогот е предуслов за промена на состојбите, за нов подобар свет, поточно за свет на автентично живеење, во кој слободата на мислата и говорот ќе бидат основен демијург на неговото обликување, односно духовните вредности ќе претставуваат негова аксиолошка оска.



За жал, денес, во почетокот на дваесет и првиот век, живееме во свет во кој доминираат материјалните вредности, гламурот на потрошувачкото општество, пазарот – моќниот господар на кого се потчинети сите индивидуални и општествени човекови потреби и парите - митолошките обрасци на современото живеење, според коишто сите нешта можат да се изразат низ една единствена мера, една општа вредност – профитниот принцип. Во името на тој принцип, ништо не е свето, се' е на распродажба: честа, угледот, достоинството.... Предметите владеат со луѓето. Индивидуите се' помалку се личности со свој автентичен хабитус, а се' повеќе играчи на улоги коишто се во функција на одржување на постојниот модел на егзистирање. Парцијалноста, отуѓеноста и реификацијата се главните обележја на времето во коешто живееме. Човекот се' повеќе се губи во институционалниот лавиринт на обврски и задолженија. Потребата да се биде успешен по секоја цена, во чија основа е императивот во секое време да се биде чекор пред другите, не' прави да бидеме натпреварувачи во трката што нема крај, трка која никогаш не може да се добие. Живееме во свет на диктати (моќ, успех, слава, богатство), а диктатите се монолози на моќните. Притоа, добро е познато: таму каде што има диктати, нема место за дијалог! Имено, она што денес се именува како дијалог, најчесто се јавува во форма на исклучиви судови од страна на различни центри на моќ (поединци, интересни групи, институции, држави). Дијалогот треба да се темели врз аргументи и реторичност, а не да претставува облик на наметнување на волјата на посилниот. Културата на дијалогот претпоставува определен степен на демократска свест, амбиент во кој сопствените убедувања и ставови можат слободно да се искажат врз основа на определена аргументираност. Дијалогот не трпи авторитарност, самобендисаност и нарцисоидност. Без чувство за демократичност, без автокритичност, без вистината, без толерантноста кон различните мислења, дијалогот отсуствува, а таму каде што отсуствува тој, отсуствува и радоста на животот.

Непостоењето дијалог највидливо е таму каде што зборуваат само оние за кои однапред се знае што ќе кажат, оние кои определуваат што може, до каде може и кога смее нешто да се каже. Станува збор за луѓе кои имаат монопол над вистината (авторитети кои никогаш не грешат), кои поседуваат моќ да ја конзервираат реалноста, да ги спречат промените во името на своите прагматски и утилитарни интереси, а притоа не водејќи сметка за доброто на другите. Во вакви средини дијалогот или е табу - тема, или претставува само форма на догматско самозалажување дека се гради демократско општество во коешто секој има право на свое мислење, додека во стварноста владее волјата на оние што ја имаат моќта и власта. Имајќи го ова предвид неопходно е да се излезе од таа неподнослива леснотија на самоизмамувањето, од залажувањето дека живееме во демократско општество во коешто владее плурализмот на интереси втемелен врз дијалог и еднакви шанси за сите граѓани.

Се' уште сме далеку од таквата состојба, се' уште сме заробеници на илузијата дека нештата во општествените заедници се менуваат сами по себе, само со промената на политичкиот и економскиот систем. Повеќе од потребно е да сфатиме дека правно-институционалниот аспект на промените претставува само услов без кој не се можни промените. И тоа не е доволно: потребна е промена во свеста на граѓаните дека градењето на новото општество е долготраен и макотрепен процес во којшто сите треба да партиципираме, доколку сакаме тој што побрза да донесе позитивни резултати (подобрување на стандардот и квалитетот на живеење).

Секако, тоа не е можно без меѓусебен дијалог, толерантен однос и чувство за заедн��чко живеење. Секој конфликт, секое недоразбирање може да се надмине доколку се има добра волја за проблемот јавно, со аргументи да се проговори, односно доколку се има респект кон валидноста на фактите и компетентноста на оние што ги изложуваат.

Притоа, без лажна хипокризија, треба да се напомне дека градењето таков демократски амбиент со висок степен на отвореност и цврсто фундирана аксиолошка оска, пред се' треба да го стимулираат интелектуалците, политичарите и медиумите. Нивната одговорност произлегува од нивната функција да претставуваат свест и совест на заедницата. Да се има професија со која најдиректно може да се влијае врз обликувањето на општествената стварност претставува чест и привилегија, но и голема одговорност. Ако не сме во состојба да го прифатиме товарот на јавната функција,тогаш подобро е и за заедницата, а и за самите нас да се откажеме од неа.

Доблесно е да се прашаме (независно од тоа со која јавна професија се занимаваме): во која мера ги исполнуваме очекувањата на граѓаните, а истовремено да се преиспитаме дали заслужуваме и натаму да бидеме тие кои, во голема мера, ќе решаваме за судбината на другите?! Периодите на значајни општествени промени се мигови за преиспитување на совеста на оние кои презеле одговорност да го водат народот низ искушенијата на патот за антиципирање кон подобро утре.

(Авторот е универзитетски професор)


Статијата е прочитана 814 пати.

Испрати коментар

Од: Akvinski
Датум: 18.07.2008 09:24:15
Profesore. Seto ova mi nalikuva na edna prostozemna didakticka kateheza za dijalogot, komunikaciite, doblesta i opstojuvanje na covecnosta i covekovite vrednosti vo opstestvoto. preterano teoretiziranje i skolasitocko filozofiranje

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Мислења