Мислења
Ручекот, сепак, мора да се плати!
Ден Дончев
Легендарно промашување: македонската економија на крајот на 2009 година е посиромашна за повеќе од 450 милиони евра од тоа што Владата проектираше при крајот на 2008 година
Неделава е обелоденето! Република Македонија и официјално е во рецесија. Според класичната школска дефиниција, рецесија настанува кога една економија има пад на бруто-домашното производство (БДП) во два последователни квартала. Ова и' се случи во Македонија по падот од 0,9 отсто во првите три месци од 2009 година, БДП забележа пад од 1,4 отсто во вториот квартал од оваа година. Но, веќе сме при крај и на третиот квартал, кој, исто така, ќе одбележи пад на БДП, најверојатно меѓу 1 и 1,5 отсто. Според сегашните економски текови, падот на БДП во четвртиот квартал од 2009 година би требало да биде релативно понизок. Тоа би значело дека ќе се движи некаде околу нула до минус 0,5 отсто. Како и да е, годинава ќе се заврши со пад на БДП од околу 1 до 1,5 отсто.
Ваквиот исход е подобар од она што можеше да биде. На почетокот на април 2009 година берзанските цени на сите метали и суровини, кои Македонија ги извозува (бакар, никел, цинк, железо, нафта, итн.) во просек беа 50 отсто пониски од денешните цени. Да продолжеше ваквото сценарио до крајот на годината тогаш годишниот пад на македонското БДП за 2009 година со сигурност ќе беше околу 2,5 отсто. Но, наглото зголемување на берзанските цени на речиси сите метали, како и дуплирањето на цената на нафта од март 2009 година ќе има позитивен ефект врз компаниите како „Фени“, „Арецелормитал“, „Силмак“, „Макстил“, „Окта“, „Цементарница“ и други. Тоа значи дека извозот и соодветниот ефект врз БДП ќе биде поголем во последниот квартал на 2009 година.
Како што веќе неколку пати сум пишувал, промашувањето на Владата на Република Македонија во процената за БДП за 2009 година веќе стана легендарно. Од првичната процена од ноември 2008 година за растеж од 5,5 отсто, разликата до фактичниот исход за 2009 година ќе биде цели седум проценти. Изразено во бројки, процената за БДП беше промашена за повеќе од 450 милиони евра. Едноставно кажано, македонската економија на крајот на 2009 година е посиромашна за повеќе од 450 милиони евра од тоа што Владата проектираше при крајот на 2008 година.
Како и да е, 2009 година завршува, а Владата и нејзините економски експерти сигурно веќе работат на првичните процени на БДП за следната година. Интересно ќе биде да се види дали Министерството за финансии ќе оди со некакви оптимистички или, пак, реални процени на БДП за 2010 година.
Прво, пред се', и точно е дека севкупната економска состојба во државата е стабилизирана во смисла дека драстично е намален ризикот за поголем пад на БДП од тоа што ќе го имаме оваа година. Ова делумно се должи на преземените мерки на домашен план (пред се', намалувањето на планираните буџетски расходи за 2009 година), но, исто така, и од севкупното стабилизирање на глоб��лната економија. Драстично зголемените берзански цени на металните производи во последните шест месеци, всушност, ќе имаат најдиректен и позитивен ефект врз македонската економија.
Второ, Владата и Народна банка на Македонија (НБМ) успеаја да ја стабилизираат состојбата во платниот биланс со преземање мерки, кои ќе го намалат дефицитот на тековната сметка. Зголемувањето на каматните стапки и намалувањето на денарската ликвидност на комерцијалните банки од НБМ, како и издавањето на еврообврзниците од 175 милиони евра од Министерството за финансии, несомнено придонесоа за стабилизирање на надворешните финансии на Македонија. Тоа драстично ја намали опасноста од девалвација на денарот.
Но, сите овие мерки носат соодветна цена. Под моментните претпоставки дека дефицитот на тековната сметка за 2010 година ќе биде сличен како и оваа година, НБМ ќе има ограничен простор за драстично намалување на каматните стапки и зголемување на денарската ликвидност на комерцијалните банки. Во ваква констелација, кредитирањето на фирмите и на домаќинствата од комерцијалните банки во 2010 година ќе биде намалено или слично како и последните шест месеци од годинава. Тоа ќе влијае негативно врз севкупната потрошувачка во економијата, како и врз нивото на бруто-инвестициите како составен дел од БДП.
Понатаму, Владата ќе има ограничен простор за фискална стимулација без нови заеми или користење на дел од државните девизни резерви. Каков било обид да се проектира буџет со драстично повисоки расходи споредено со конечните расходи од околу 2,3 милијарди евра за 2009 година, а базирани врз претпоставка на зголемени приливи на даноци во 2010 година, ќе доживее иста судбина како и мегаломанската проекција за годинашниот буџет. Значи, и самиот простор на фискалната политика ќе биде ограничен.
Сето оваа значи дека која било процена за растеж на БДП над 2 отсто за 2010 година ќе претставува илузија, споредено со реалните тековни економски околности и перспективи во Македонија. Слична ваква анализа при крајот на 2008 година, исто така, покажуваше дека процените на Владата за економскиот растеж за 2009 година се далеку од остварливи. Да се надеваме дека, поучени од минатото, процените за 2010 година ќе бидат базирани врз реалните економски околности како во Македонија, така и на глобално ниво.
Се разбира, растежот од само 2 отсто ќе биде погубен за граѓаните на Република Македонија. Порадикален е фактот дека 2010 година граѓаните ќе ја доживеат потешко, иако ќе имаме растеж на БДП, отколку 2009 година кога имавме пад на БДП. Ова се должи на фактот дека најтешкиот удар од рецесијата во 2009 година отиде врз профитабилноста на компаниите во Република Македонија, намалувањето на извозот, како и намалувањето на нивото на бруто-инвестициите како компонента на БДП. Последните три компоненти ќе се стабилизираат во 2010 година, но потрошувачката на граѓаните, а со тоа и нивниот животен стандард ќе се намалат како директен резултат на рестриктивната монетарна политика.
Неочекувана надеж за промена на ваквото сценарио може да биде драстичното зголемување на приливите на девизи во 2010 година преку трансферите, кои доаѓаат од дијаспората, или, пак, преку зголемените приливи од директните странски инвестиции. Доколку се случи ова, НБМ би имала простор за драстично олеснување на монетарната политика преку намалување на каматните стапки и зголемување на денарската ликвидност во стопанството, што би било позитивно за фирмите и за граѓаните. Меѓутоа, имајќи ги предвид високите стапки на невработеност во главните центри на македонската дијаспора (Западна Европа, Америка, Австралија и Канада), тешко може да очекуваме дека вкупните трансфери од дијаспората во 2010 година ќе бидат значајно повисоки од оваа година. Што се однесува до влезот на странски инвестиции, ми се чини дека моментно нема реални параметри да се процени дека 2010 година ќе биде поуспешна од оваа година.
Тешко е да се биде реалист, кога сите околу вас ветуваат магични решенија. Но, такви решенија ниту постоеле, ниту ќе постојат.
П.С. Штотуку излезе веста дека рејтинг агенцијата „Стандард и Пурс“ го подобрил рејтингот на перспективата на Македонија од негативен до стабилен. И тоа е позитивно. Но, и за оваа подобрување беше платена висока цена, односно денарски каматни стапки од 10 отсто и одложување на проблемите преку заеми во форма на 175 милиони евра еврообврзници со годишна каматна стапка од 10 отсто. Како што веќе треба да му е јасно секому, во економијата не постои бесплатен ручек. Секогаш некој го плаќа. Ама сега на потег е некој од Владата за да се пофали малку и за овој „исклучителен успех“!
(Авторот е економски аналитичар)
|