Грчката дипломатија во битка за нашето уставно име во Латинска Америка
Грчките медиуми објавија дека Мексико го повлекло признавањето на уставното има на нашата земја
Тамара Грнчароска
Грчките медиуми вчера објавија дека Мексико го повлекло признавањето на уставното има на нашата земја во корист на референцата БЈРМ, повикувајќи се на информации од грчкото Министерство за надворешни работи. Според атинското радио Сити, „Мексико, земја која во 2001 година ја призна Македонија под уставното име, соопшти дека отсега ќе ја користи референцата ФИРОМ. Во информацијата се вели дека до решавање на спорот со името Мексико ќе ја нарекува Македонија со рефренцата ФИРОМ во двостраните односи, но и при меѓународна употреба“.
Од МНР велат дека досега не добиле официјално известување од Мексико за смена на позициите спрема нашата земја и оти од Мексико ќе биде побарано официјално објаснување за целата ситуација. Од МНР предупредуваат на можноста од уште една грчка „патка“ во стилот на „повлекувањето“ на Панама од употребата на нашето уставно има пред неколку месеци, што се покажа како неточно. Тогаш Панама го објасни недоразбирањето со „погрешно толкување на изјавата на панамскиот амбасадор во Атина од страна на грчките медиуми“.
Информацијата за повлекувањето на Мексико е во вчерашното соопштение објавено на сајтот на МНР на Грција насловено како „Заедничка грчко-мексиканска изјава за проблемот со името на ФИРОМ“ во која никаде конкретно и категорично не се спомнува повлекување на Мексико од признавањето на нашата земја под уставното име.
Соопштението на грчкото министерство се однесува на средбата која потсекретарот на мексиканското МНР, Хуан Мануел Гомез Робледо, ја имал со заменик-шефот на грчката дипломатија, Јанис Валинакис, во рамките на 63. Генерално собрание на ОН.
Според она што го објави грчкото МНР, Валинакис го брифирал Робледо и за развојот на настаните во поглед на спорот со името со нашата земја, на што Робледо ја нагласил поддршката на мексиканската влада за напорите на ОН да се изнајде заедничко прифатливо решение за тоа прашање. Реченицата од која е изведен заклучокот дека Мексико се повлекува од признавањето на нашето уставно име, всушност, е парафразиран став на мексиканскиот потсекретар и гласи: „Тој, исто така, уверуваше дека до решението за разликите околу името на таа држава Мексико привремено ќе ја именува таа држава како БЈРМ, во согласност со релевантните резолуции на Советот за безбедност за сите меѓународни и билатерални цели“.
Робледо и' се заблагодарил на Грција „за поддршката за кандидатурата на Мексико за непостојана членка во Советот за безбедност и нагласи дека учеството на Мексико во Советот за безбедност ќе биде со цел промовирање на мирно решавање на споровите; мир и стабилност; и примена на принципите содржани во Повелбата на ОН“.
Генералното собрание на ОН вчера требаше да избере пет нови непостојани членки на Советот за безбедност за периодот 2009-2010. За испразнетото место од Латинска Америка беше пријавено Мексико.
Инаку, на официјалната Интернет0страница на Министерството за надворешни работи на Мексико нашата држава се именува како Република Македонија, каде што стои дека мексиканската амбасада во Србија е надлежна и за „Република Босна и Херцеговина, Република Македонија и Црна Гора“. |