5 ПРАШАЊА
Од Владата бараме поддршка, а не пари
Златко Петровски, претседател на Бордот на директори на МАТ
Сања Наумовска
Кои се причините за лошата состојба во која моментално се наоѓа националниот авиопревозник?
МАТ инвестираше огромни средства последните неколку месеци во достигнување на светските стандарди во авиосообраќајот. Набавени се три нови авиони, целосно е имплементирана електронската карта со скап софтвер и обука за вработените. Воведена е и он-лајн Интернет-резервација на карти што многу им го олеснува патувањето на патниците. МАТ од неодамна го има и сертификатот за организација и безбедност ИОСА.
Сите овие вложувања се направени со надеж за понатамошен развој и успешно работење на компанијата во услови што ги очекувавме - да станеме дел од НАТО, да почнеме преговори со Европската унија и да добиеме безвизен режим. Планиравме да привлечеме странски инвеститор, односно да извршиме докапитализација, заради што е направен и бизнис-план. Сепак, актуелната состојба е поинаква и тоа влијае на нашиот бизнис.
Од друга страна, пак, во текот на летната сезона ни беше оневозможено да летаме над територијата Грција. По жестоката реакција на нашата држава во надлежните институции проблемот е решен, но странските компании го собраа профитот. Сега, пред новогодишните празници, ни се случува нешто слично, овој пат Еуроконтрол ни забрани лет кон наши дестинации во Германија и во Италија, а последиците се разорни. Се соочуваме и со светската економска криза, која ги засегнува сите, а особено бизнис-секторот.
Колкав е моменталниот долг на компанијата и кон кои институции?
МАТ има тековни обврски кон странски компании, како што е на пример „Виена ерпорт“, кои се сервисираат редовно. Заостанат долг имаме кон Еуроконтрол во висина од 1,3 милиони евра само о�� камати, кој датира од кризниот период во 2001 година, кога само МАТ леташе од Скопје, додека сите други компании ја избегнуваа оваа дестинација. Должиме 1,3 милиони евра на аеродромското претпријатие, долг за кој имаме договор за репрограмирање, но сега бараме од Владата мораториум од шест месеци за плаќање на ратите. Кон Управата за цивилна воздушна пловидба должиме помалку од 200.000 евра, а на „Макпетрол“ 500.000 евра, долг што се отплаќа.
Дали рецепт за излез од кризата е само барање помош од Владата. Може ли МАТ да опстои сам во пазарни услови?
Во последните 15 години МАТ опстојува во исклучиво пазарни услови, никогаш не е побарана финансиска помош од државата, иако многу поголеми држави на многу поголеми национални компании им даваат сериозна материјална помош, особено во услови на глобална криза. Не бараме финансиска помош, само поддршка во меѓународните институции каде што Македонија е членка, како што е Еуроконтрол. Цврсто верувам дека ако нашата држава застане решително зад нас, овој спор ќе биде многу брзо решен. Тоа се случи пролетоска кога Грција ни забрани да летаме над нејзиниот воздушен простор. Македонија има право да го заштити својот превозник и треба да го направи тоа во интерес на продолжувањето на редовниот авиопревоз.
Во последно време се соочувате со притисоци од Грција. Како планирате во иднина да работите во вакви услови?
Дека забраната за лет кон нашите дестинации во Германија и во Италија е политичка одлука донесена од Еуроконтрол по силно лобирање на Грција покажува фактот што многу поголеми долгови на други компании, не само за камати туку и за основен долг, се отпишани. Еуроконтрол е политичка институција и оваа забрана кон една мала компанија и мала земја е целосно нерационална. Првата забрана се случи во април и коинцидира со забраната за прелетување од страна на Грција кога државата цврсто застана зад нас и проблемот се реши. Тоа го бараме и сега. За нас решение е Владата прецизно и јасно да застане зад нас и да не' заштити и поддржи, бидејќи проблемот со името на нашата компанија не можеме сами да го решиме.
Ќе влијае ли актуелната ситуација во која се наоѓа МАТ на квалитетот на услугата што им ја нудите на патниците?
На сите дестинации на кои оперира МАТ нема никаква промена на квалитетот на услугите за нашите патници. Цврсто се држиме до веќе утврдените стандарди. Сепак, последните проблеми влијаат на услугата во правец на тоа дека не можеме на нашите клиенти да им понудиме услуга до сите дестинации до кои досега сме летале. |