Лавот, сепак, ќе трча во Собранието
Оливера Војновска
Во Собранието истовремено се во тек две иницијативи за промена на државниот грб. ВМРО-Народна партија деновиве повторно ќе собира сто потписи и, најверојатно, в четврток ќе поднесе во Собранието уште една иницијатива златножолтиот лав на црвена основа да биде нов грб на Македонија. Овојпат потписите ќе бидат депонирани на образец што ќе биде заверен од Министерството за правда.
Паралелно со оваа иницијатива во собраниска процедура е и владиниот предлог, а за кој има поширок политички консензус за симнување на петокраката од сегашниот грб. Законските измени се во редовна постапка. Првото собраниско читање треба да биде наредната недела, по што ќе следува јавна расправа, а „паѓањето на петокраката“ може да се случи најрано за шест месеци.
„Потписите повторно ќе ги собереме и златножолтиот лав ќе се најде на собраниска седница. Компромисот е направен меѓу Министерството за правда и ДИК,“ изјави лидерот на ВМРО-Народна и подносител на иницијативата, Марјан Додовски, по вчерашните средби со спикерот Трајко Велјаноски и со одговорните во Министерството за правда.
Тој најави дека овојпат, при бранењето на иницијативата имаат „хералдичко изненадување“ за партиите од албанскиот политички блок, кои не го прифаќаат златножолтиот двоопашест лав.
Минатата седмица две собраниски комисии ја отфрлија иницијативата за земскиот грб од 1620 година како неуредна. Имено, проблематично беше тоа што стоте потписи не биле ставени на образец што го издава „овластен орган на државната управа надлежен за евиденција на избирачкото право“.
За професорот на Архитектонскиот факултет, Мирослав Грчев, не се прифатливи ниту владиниот предлог, ниту оној на ВМРО-Народна. „Предлогот на ВМРО-Народна не е дизајнирано решение, тоа е фотокопија од еден грбовник. За мене прифатлива е содржината - лавот, но не како случајно, туку како дизајнирано графичко решение“, вели Грчев.
Владиниот предлог за симнување на петокраката тој го смета за тотално бесмислен. „Од грбот се вади само петокраката, која не е симбол на комунизмот, туку интернационален симбол. Се' друго на грбот потсетува на социјализмот. Ако им пречи црвената боја, тогаш подобро да ја сменат бојата на петокраката, отколку да ја вадат. Никој при здрав памет не се откажува од петокраката. Оваа ѕвезда е единствен симбол на знамињата на ЕУ и на САД. Очигледно е дека оние кои ја бришат немаат аргументи и не знаат зошто го прават тоа. Важно им е само постојано да глумат некаква акција“, смета Грчев.
Професорот Грчев е творец на првото идејно решение - златножолт двоопашест лав на црвена основа, за кое во 1991 година првиот парламентарен состав не се постигна согласност. Уште еден посериозен обид за донесување нов државен грб имаше во 2002 година, предлог на поранешниот претседател на Собранието, Никола Поповски. Тој предложи да се избере истиот државен грб што се употребуваше до 1991 година, само без петокраката. Но, и овој предлог не беше прифатен.
|