ЕДИТОРИЈАЛ
Крива е ОНА?
Светлана Унковска
Фактот што по точно девет години од започнувањето на конфликтот во Македонија, МВР речиси на истата локација од каде што тргна кризната 2001 година, пронајде бункери со складиран арсенал оружје, потврдува дека е многу лесно да се создаде дестабилизација на земјава. Добро е што МВР реагираше и го заплени оружјето, кое, како што се тврди, е само мал дел од она што го има таму. Очекувано, министерката Гордана Јанкуловска со голема доза на сигурност смирува дека безбедноста во земјава не е загрозена и оти не постојат причини за загриженост. Сепак, колку и да се минимизира постоењето на вакви илегални групи со печат на УЧК, самото сознание дека се повампируваат некакви мрачни сценарија, кои мислевме дека сме ги оставиле во минатото, ги вознемируваат граѓаните.
И покрај тоа што минатонеделниот инцидент во многу нешта потсетува на начинот на кој започна конфликтот, факт е дека околностите се многу изменети. Актуелните состојби во државава, но и новата регионална констелација со решавањето на прашањето на Косово, приемот на Албанија во НАТО, битно го менуваат политичкото милје. Патот што го трасира меѓународната заедница води кон интегрирањето на регионов во НАТО и во ЕУ, а не кон повторно отворање нови воени страници.
Превентивното дејствување, се разбира, е најдобриот начин да не се дозволи ситуацијата да излезе од контрола. Во тој контекст беше и оцената на евроамбасадорот Ерван Фуере, кој ја поздрави акцијата и ја оцени како соодветна и вистински начин за справување со ваквите случаи. Искрени и сериозни пораки за безбедносната состојба деновиве беа испратени и од соседна Тирана, но и од лидерите на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, кои посочуваат дека безбедноста на Македонија е клучна за регионов.
Но, и покрај успешноста на акцијата на полицијата, сепак, не треба да се пренебрегне фактот дека потфрливме на првиот превентивен чекор - негувањето и градењето добри меѓуетничките односи. Кога ќе почне да се работи на враќање на меѓусебната доверба на сите оние што живеат во оваа наша мала држава, наместо на постојаните подгревања на етничките страсти, тогаш екстремистичките сили би биле поизолирани и инцидентни.
Главниот арсенал од кој засега се пука по безбедноста и соживотот е во рацете на оние што треба да обезбедат стабилна и просперитетна држава во сите сегменти на живеењето. Но, за жал, тие како да се поуспешни во засилувањето на тензиите отколку кон смирување. Сведоци сме на серија проблематични проекти и низа ситни провокации, но и на постојани закани за дестабилизација и поделби. Се издаваат енциклопедии со спорни одредници, се запоставува Рамковниот договор, се најавуваат изградба на цркви среде Плоштад и се пишуваат нови линии на поделба. Скандалозно е и тоа што високи владини функционери, како вториот човек на Владата Абдулаким Адеми, си дозволуваат на својот прифил на „Фесјбук“ да простираат амблеми на УЧК или албанското знаме. А македонското знаме не може да се види во Западна Македонија, па дури и на државни празници. На лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пак, по објавувањето на прогласот потпишано од некој друг „Ахмети“, најбитно му беше да си го зачува ексклузивитетот и првото командно место на ОНА.
И покрај тврдењето на експертите дека најновото сценарио на таканаречена ОНА не може да ја загрози вкупната безбедносна состојба, сепак, ваквите случувања не се воопшто пријатни и наивни. Особено, затоа што доаѓаат во клучен момент кога Македонија е соочена со крупни прашања и со важни јунски одлуки. И тоа, кога се' поизвесно е дека тапкаме в место, во однос на евроинтеграциските процеси. Затвореноста, пак, исфилувана со тензичните состојби, е дополнителен извор на фрустрации и за повампирување на идеи, со печат на ОНА или на УЧК.
Сепак, власта е најодговорна да одговори на прашањата зошто граѓаните на Македонија не можат да тргнат кон посигурна и побезбедна иднина и во правец на европските вредности. И зошто и натаму како држава остануваме да се прпеламе во балканската прашина. |