И платите на учителите - на ачик?
Министерството за образование ќе има комплетна контрола на сето она што ќе се работи во училиштата
Жаклина Ѓорѓевиќ
Наставничките плати, статусот на професорите, дали се вработени и од кога, колку часови држат и во кои класови, дали во моментот се на работа, податоците за учениците, кои се, каде живеат, нивниот успех. Сето ова во иднина ќе биде под лупа на министерот за образование и наука, Никола Тодоров, но и на куп луѓе што се ангажирани да работат на проектот за електронска евиденција во училиштата. Она што беше досега на хартија отсега ќе биде ставено во електронска верзија и ќе може да биде постојано на увид со еден клик на компјутерот.
Министерот пред два дена го најави овој проект како еден од најголемите во ресорот за образование, но на него со резерва гледаат во училиштата. Добро е, велат директорите, што ќе може во секое време да се има увид на она што се работи во училиштата, но прашање е дали со него нема да се навлезе во приватноста на наставниците и учениците, бидејќи, сепак, нивните лични податоци ќе можат да ги видат поширок круг луѓе, односно и администратори во Министерството и во општините.
Преку двете веб-апликации, информациските системи за управување во образованието и со човечки ресурси, ЕМИС и ХМР, Министерството ќе има комплетна контрола на сето она што се работи во училиштата. Овие апликации ќе се користат и при државната матура и екстерното тестирање.
„Преку овие две апликации се води комплетна евиденција и распределба на сите ученици во училиштата, нивни податоци, преглед и ажурирање на нивните училишни активности, оцени и успех, преглед на книги што ги подигнал ученикот или ги вратил и преглед на нивната училишна историја, како и евиденција на сите наставници и професори што предаваат во училиштата“, изјави Тодоров, презентирајќи ги апликациите. Тој објасни дека системот за управување во образованието ЕМИС е создаден во Министерството и има цел навремено и доследно прибирање сеопфатни и точни податоци што ќе помогнат во образовните политики. Проектот би требало да стартува од идното полугодие, а со него, тврди министерот, нема да се повреди приватноста на наставниците и учениците.
Деновиве низ училиштата се пополнуваат податоците. Секое училиште ќе има своја лозинка за влез во системот, но податоците ќе се контролираат и од оператори и администратори, кои освен во министерството, ќе ги има и во други државни институции, како што се Бирото за развој на образованието, но и во општините. Министерството го објаснува ова како потреба поради тоа што „секој од нив имал своја функција, едните да ги обезбедуваат податоците, а другите да контролираат тоа што ќе се сработи“.
„Самото тоа што во системот ќе има лични податоци подразбира дека ќе има повреда на приватноста“, вели директорот на едно од скопските средни училишта, кој сакаше да остане анонимен. Тој додаде дека по укажувања од Дирекцијата за заштита на лични податоци, од лани престанале со практиката во дневниците да пишуваат што работат родителите на ученикот. „Веќе не се запишува каде работат родителите, иако тоа го знае класниот раководител. Професијата на родителите се запишува само во пријавите кога се запишуваат учениците“, објаснува директорот.
Што се однесува до платите, директорот вели дека и платниот список не е заштитен, бидејќи освен директорот, платите може да ги дознае и кој било наставник ако достави барање, повикувајќи се на Законот за слободен пристап до информациите.
За дел од ��иректорите е невозможно да се спроведе ваков проект поради тоа што училиштата не се технички опремени. |