Скопјани 10 години ќе ги отплаќаат катните гаражи
Градот го официјализираше кредитот од НЛБ Тутунска банка тежок 8,5 милиони евра
Скопјани десет години ќе ја отплаќаат изградбата на двете градски катни гаражи. За еден од капиталните проекти на градоначалникот Коце Трајановски, Градот зеде кредит од НЛБ Тутунска банка, во висина од 8,5 милиони евра. Заемот вчера ја официјализираа градоначалникот Трајановски, директорот на банката, Ѓорѓи Јанчовски, и министерот за финансии, Зоран Ставрески, во својство на владин гарант за кредитот.
„Со оглед на кредитниот рејтинг што го имаме, заемот ќе можеме да ја отплаќаме без значајно оптоварување на буџетот“, рече Трајановски и потенцираше дека ова е прво задолжување на Градот во домашна банка, што за нејзиниот генерален директор и за министерот Ставрески е знак дека и домашните банки поседуваат финансиски потенцијал за поддршка на проекти за локален економски развој.
Финансиската конструкција за изградба на катните гаражи вредни вкупно 19 милиони евра, освен со пари од кредитот, планирано е да се затвори и со средства од градскиот буџет и од изнајмување на деловниот простор во објектите. Изградбата на објектите треба да стартува идната година. Прва, до почетокот на февруари, ќе почне да се гради катната гаража спроти „Макпетрол“ кај Цветен пазар, а до крајот на март и таа кај „Беко“. И за двете во тек е избор на изведувач.
Според идејните решенија, објектите ќе имаат модерна фасада, генерално, изведена во стакло. Согласно со урбанистичкиот план, катната гаража кај „Беко“ е предвидено да има седум ката и две подземни нивоа. Приземјето и првиот кат ќе бидат наменети за деловен простор, а останатите за паркирање. Катната гаража кај Цветен пазар, исто така, ќе биде седумкатен објект кој целосно ќе се искористи за паркинг-простор. Се очекува катните гаражи да бидат изградени до крајот на 2012 година, а со нив ќе стопанисува ЈП „Градски паркинг“. (Дс.Т.) |