Број 3655  сабота, 13 август 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил








Site Meter
Економија

Македонските банки безбедни и во оваа криза

Случувањата со европските банки, чии акции деновиве доживеаја турбуленции, повторно ја наметна темата за нашиот банкарски систем

Нина Нинеска-Фиданоска

Македонските банки се безбедни. Тие се добро капитализирани, со солидни резултати и отпорни на шокови, па граѓаните и компаниите во земјава воопшто не треба да се грижат околу стабилноста на нашиот банкарски сектор. Вака за „Утрински весник“ коментираат домашните банкари, а таков е ставот и на монетарните власти во земјава.

Темата околу тоа во каква кондиција и издржливост се македонските банки стана особено актуелна во последниве неколку месеци, откако во Европа се разгори големата должничка криза, со која и покрај сите преземени мерки и декларативни заложби, се чини европското семејство тешко се справува. Тоа, пак, предизвика голема загриженост околу последиците што би можеле да ги претрпат европските банки, од причина што токму тие се најмногу изложени на заеми кон земјите што имаат должнички проблеми. Во последниве денов�� беше актуелен и падот на вредноста на акциите на многу банки, иако потоа состојбата беше надмината и банките ја вратија својата пазарна вредност.

Во Македонија, пак, странскиот капитал, пред се', европски, доминира во нашите банки. Поточно, странците контролираат над 92,9 проценти од активата на нашите банкарски институции. Затоа во земјава и се појавија одредени загрижености - како случувањата на европската банкарска сцена би можела да се рефлектираат и врз нашиот банкарски систем?

Инаку, Франција, Италија, Шпанија и Белгија вчера дури и ја забранија краткорочната продажба на акции на банки и на други финансиски институции, со што практично им објавија војна на берзанските шпекуланти што профитираат од таквите операции.

Инвеститорите беа загрижени и откако се појавија некои сомневања во задржувањето на врвниот рејтинг на Франција. Шпекулациите завчера беа причина и за намалување на цената на акциите на француската „Сосиете женерал“, но потоа банката ги демантираше и соопшти дека е во солидна финансиска состојба, по што акциите закрепнаа.

Нашите банкари, пак, се децидни дека банките со кои раководат се максимално стабилни и безбедни. Во Охридска банка, која е членка на групацијата „Сосиете женерал“, стабилноста на банката дополнително ја поткрепуваат со нејзините одлични резултати.

„Перформансите на Охридска банка во Македонија ја потврдуваат стабилноста на банката, со резултатите постигнати во првата половина од 2011 година. На крајот од јуни годинава, споредено со декември минатата година, Охридска банка постигна 21,5 отсто пораст на билансната сума, 21 процент пораст кај депозитите и 18 отсто пораст кај кредитите. Уште позначајно, што е за подвлекување, е нашиот резултат, односно профитот, кој порасна за забележителни 71,1 отсто во споредба со истиот период минатата година. Охридска банка ја потврдува способноста да продолжи да генерира солидни резултати во иднина, што се потврдува со перформансите од работењето во изминатите осум месеци од годинава. Ние ќе продолжиме со исто темпо, со цел да ги оствариме целите поставени за оваа година. Освен тоа, ’Сосиете Женерал‘ категорично и жестоко ги негираше сите гласишта што влијаат на цената на акциите, бидејќи овие гласишта се целосно неосновани“, изјави за „Утрински весник“ Јитка Пантучкова, претседателка на Управниот одбор на Охридска банка.

И во Стопанска банка, која е членка на НБГ групацијата од Грција, потврдуваат дека банката има одлична стабилност. Тони Стојановски, член на Управниот одбор во Стопанска банка, во своето неодамнешно интервју за „Утрински“ изјави дека НБГ е една од најдобро капитализираните банки во Европа.

„Стрес-тестот што неодамна беше спроведен врз 91 банка од земјите од ЕУ покажа дека најголем дел од нив или 82 банки се доволно капитализирани и отпорни на негативни екстерни шокови. Според резултатите што ги објавија институциите на ЕУ, Националната банка на Грција располага со капитална сила што е за околу две милијарди евра над лимитот одреден од европските супервизори. Со тоа НБГ, како најголема банка во Грција, е една од најдобро капитализираните банки во Европа. Стопанска банка во текот на првата половина од 2011 година, исто така, спроведе стрес-тест што ја потврди нејзината стабилност и сигурност, поткрепена со најголемиот капитал во Македонија од близу 200 милиона евра“, изјави Стојановски.

И гувернерот Димитар Богов, исто така, во интервјуто дадено неодамна за нашиот весник, потврди дека нашиот банкарски сектор е стабилен. Прашан дали тој може да поднесе силни екстерни шокови, Богов одговори дека нашиот банкарски сектор еднаш веќе поднесе таков шок. „Тоа беше големата светска економска криза во 2008-2009 година. Тогаш не беше многу погоден. Капитализираноста и адекватноста на капиталот на македонските банки е исклучително висока. Нов шок би ги погодил банките, меѓутоа тие не би биле загрозени. Нашите сценарија што ги правиме, односно стрес-тестовите, покажуваат дека дури и при некои екстремни сценарија, во кои би биле погодени претпријатијата и граѓаните во Македонија и не би можеле голем дел од кредитите да ги отплаќаат, па и во такви случаи банкарскиот сектор би останал со адекватност на капиталот над оној неопходен минимум. Значи, штедните влогови не се загрозени, тие се сигурни. Граѓаните што штедат, можат слободно да штедат, па и да штедат во денари, што е и најисплатливо“, порача Богов до македонските граѓани и компании.


#
Статијата е прочитана 791 пати.

Испрати коментар

Од: jovan
Датум: 13.08.2011 00:14:23
I povtorno istata pesna. Bankarskiot sitem e stabilen, bankite se sigurni, ke gi spomenat za primer prvite 5-6 banki, ili samo prvite 3-4 banki, i zavrsena rabota. Ostanatite desetina banki kako da ne postojat. Za onie pa poslednite 2-3(koj ne licat ni na piljari a ne pa na banki) nema nikade ni zbor. A kako opstojuvaat i na koj princip, toa e pa posebna prica. Najverojatno se tretira kako "drzavna tajna".Nego narodov neka si otvara veke 4 oci i neka si vnimava so kogo si faka rabota.
Од: јоцо
Датум: 13.08.2011 09:00:13
Инаку, Франција, Италија, Шпанија и Белгија вчера дури и ја забранија краткорочната продажба на акции н....... Како може некој да забрани краткорочна продажба? Забрането е продажба без поседување (т.н. short selling) и тоа само на одредени хартии. Тотално непрофесионално од страна на авторот, прво треба внимателно да се проучи материјата за што се пишува и да не се престане со дезинформирање !!!

Најди! во Утрински
Економија
МТ со раст на интернетот и телевизијата

"""