Што прават денеска
Весна Велиќ-Стефановска
проф. на Медицински факултет
Денеска е Меѓународен ден за превенција од сидата, кој годинава во целост го поддржуваат студентските организации од сите универзитети во државава. Во тој контекст, од 13 ч. во Ректоратот на УКИМ ќе биде одржана трибина за историјата на епидемијата на ХИВ/сида и нашите идни чекори во превенцијата, каде што ќе бидам медијатор, но и ќе ги изнесам резултатите од своите истражувања.
Ранко Петровиќ
реж. на „Златна бубамара на популарноста“
Денот започнува со прошетка на новото куче, заедно со децата, да му го покажеме патот до училиште и градинка. Некое време, од десетина минути, ќе се чувствувам како невработен граѓанин во очекување подобра иднина. И потоа ми светнуваат сите обврски што треба да ги завршам и со насмевка се упатувам кон новите работни победи.
Ирена Јорданова
писателка
Ваков ден, како што е денеска мојот, е посакуваното финале на еден творечки процес. Вечерва, од 20 часот, во клубот „Менада“, во Старата скопска чаршија, ќе биде промовиран мојот роман „Катализатор 33“. Романот, верувам, читателите ќе го доживуваат интимно, а на вечерашното заедничко дружење, освен зборови, ќе не' зближува и музиката. |