Делегација oд збратимениот град Дижон во Скопје
Градоначалникот Коце Трајановски вчера се сретна со делегацијата од збратимениот град Дижон од Франција, што ја предводеше заменик-градоначалникот Пјер Прибетич. Истакнувајќи ја добрата соработка меѓу Дижон и Скопје, Прибетич потсетил дека двата града се збратимени речиси 50 години.
„Збратимувањето е резултат на желбата на нашиот поранешен градоначалник Кир, кој уште во 1961 година сакаше да ја отвори границата на Франција за земјите од Источна Европа. Се надевам дека во 2011 година свечено ќе го прославиме 50-годишниот јубилеј од нашето збратимување“, истакнал Прибетич.
Француската делегација одржала состаноци со претставници на неколку сектори од Град Скопје, на кои се разговарало на теми од меѓународната соработка, од областа на културата, заштита на животната средина, планирањето и уредувањето на просторот, а биле потенцирани и можните начини на продлабочување на соработката на овие полиња, со што Скопје и Дижон активно би работеле на издигнување на културната размена на повисоко ниво. |