Белград ги подели лустраторите
Од изјавите на Малковски вчера се оградија Комисијата за лустрација и Архивот на Македонија
Оливера Војновска
Комисијата за лустрација и Архивот на Македонија се оградуваат од изјавите со кои се фрла сомнеж врз успешноста на процесот на лустрација.
Два дена по изјавата на лустраторот, професорот Ѓорѓи Малковски, дека најголем дел од досиејата се во Белград и дека оттаму нема да ги добиеме, од Комисијата за верификација на фактите излегоа со оцена дека тоа е негова произволна изјава, а не став на Комисијата.
Вчера се огласи и Архивот на Македонија од каде што најостро протестираа на тврдењето на Малковски дека „Архивот не може да го добие архивскиот материјал од поранешна Југославија“, квалификувајќи ги како апсолутно невистинити.
„Како Комисија целосно се оградуваме од изјавите на Малковски, бидејќи тоа се негови произволни оцени. Се работи за лични видувања, за такво нешто воопшто не се дискутирало на Комисијата“, ни изјави Чедомир Дамјановски, заменик-претседател на Комисијата за верификација на фактите.
Од настапот на Малковски се оградува и директорот на Архивот, Зоран Тодоровски. „Изјавата на Малковски е неодговорна, произволна и не одговара на фактичката состојба и може да ја наруши досегашната добра соработка со Архивот на Југославија. Уште во 2004 година имаме договор за меѓусебна соработка со Архивот на Србија и Црна Гора (сега Архив на Србија). Во текот на 2005 и 2006 година, наши истражувачки екипи беа во Архивот од каде што донесоа голем број копии и документи значајни за историјата на Македонија. Снимени се 7.500 документи од поновата историја, период меѓу двете светски војни и по Втората светска војна“, вели Тодоровски. Притоа, додава дека процесот на сукцесија на архивската граѓа е завршен и нашите историчари немаат никакви проблеми за да истражуваат.
Малковски во понеделникот на првата прес-конференција на Комисијата за лустрација, зборувајќи за досиејата, рече: „Во основа, она што ни е потребно и јавноста треба да знае е дека најголемиот дел од досиејата се наоѓаат во Белград. И тоа во комплетна форма, поради тој реципроцитет што постоел во поранешна Југославија, и за кои, се разбира, не знаеме во колкав број се, во каква состојба и за кои лица се тие досиеја“. На новинарско инсистирање да ги поткрепи тврдењата, Малковски рече: „За сите досиеја што беа водени во Македонија до 1991 година, истовремено беше препраќана копија и во Белград. Тоа се оперативни досиеја за кои службата во Белград си води евиденција, не само за Македонија, туку и за сите држав�� од поранешна Југославија. И нема да ни ги дадат затоа што засега нивната политика таква. И Архивот се' уште не може да добие архивски материјали од поранешна Југославија“.
Уште на пресот неговите колеги од Комисијата за лустрација се обидоа да го релативизираат тоа што тој го кажа. Цело време повторуваа дека „не се разбираме“ и објаснуваа дека допрва ќе побараат соработка со службата во Белград.
Иницијаторот на лустрацијата, Стојан Андов, укажува дека Комисијата има ингеренции да соработува со нашите институции: УБК, Архивот, Агенцијата за разузнавање и Секторот за безбедност и контраразузнавање при Министерството за одбрана, а тие треба да побараат документи од странски служби.
Вчера претставници од Комисијата за лустрација имале средба со Тодоровски на која била искажана подготвеност за целосна соработка.
По изјавите на премиерот, спикерот и дел од пратениците, вчера изјава за тоа дека не бил соработник на тајната полиција, ниту наредбодавец или корисник на информациите доставил и претседателот Ѓорге Иванов. |