ЕДИТОРИЈАЛ
Гангстерски сцени по нашите улици
Светлана Унковска
Кога со денови првите десетина минути од телевизиските вести и насловните страници се резервирани со вести од црна хроника во која доминираат убиства, грабежи, насилство, крвави пресметки и кога се бројат жртвите, тогаш секој нормален човек би се запрашал каква е безбедноста на граѓаните во земјава? Работата е дојдена дотаму што нема ден, а тој да не помине крваво и кобно за нечиј живот. Речиси нема претпладне, а да не се слушне дека разбојници со невидена дрскост, сред бел ден влегуваат со качулки на глава и до заби вооружени, комотно пљачкосуваат банки, штедилници, менувачници, обложувалници или комбиња полни со и од патарини или неисплатени пензии. Со невидена леснотија се посега по ножеви, се пука од пиштоли, па дури и се распалува со калашњикови без притоа да се помисли дека толку лесно се одзема нечиј живот. Па нели животот беше скапоцен!? Кога ли толку брзо опадна неговата цена до степен да стане безвреден!?
Веќе не е прашање и дали денеска некој ќе биде убиен, туку прашањето на денот е колкав е бројот на убиените и ранетите, кои потоа по некаков автоматизам преминуваат само во обична статистика. Се чини дека телевизиските прилози од убиствата во кои задолжително се снимаат локви крв и безживотни тела поминуваат како најобични слики. Можеби треба сериозно да се размисли пред секој ТВ-дневник да стои предупредувањето дека емисиите не се препорачливи за деца под 18 години, затоа што емитуваат вознемирувачки содржини.
Зошто секој ден се' повеќе се посега по оружје и по нечиј живот? Како да се објасни убиството што се случи на обичен фудбалски натпревар на селската полјана кај скопско Коњаре? Какви мисли го натераа докторот безмилосно да ја искасапи директорката на Заводот за рехабилитација или должникот, кој во еден ден убиваше од Бутел до Кисела Вода? Што се случи со капетанот на АРМ, што излезот од долгови сакаше да го реши ограбувајќи банки? Или пак, што да се каже за завчерашната крвава драма кога во оружен грабеж кај Автокоманда еден загина и еден е ранет.
Дали општата фрустрираност на граѓаните поради нивната секојдневна беспоштедна борба по минимална егзистенција ги натера да бидат толку сурови еден кон друг. Или тоа е поради големото присуство на оружјето во државава поради кое владее општ страв, хаос и безредие? Дали општата несигурност, апатичност и падот на моралните вредности се главната причина поради која дури и за најмала ситница и караница се крева рака по другиот?
Состојбата, сепак, е премногу сериозна за да може толку лесно да се објасни и да се дефинира зошто се случува тоа и зошто ништо не се презема. Уште понаивно е да се оправда дека секаде се случува криминал, па еве има и кај нас и дека во инцидентите има и понекоја „колатерална штета“. Загрижува и тоа што се говори дека стравот што владее кај граѓаните за индивидуалната безбедност некому одговара, поради тоа што државата потклекна во решав��њето на сите важни прашања.
Стасавме да личиме на некаков лош гангстерски филм, каде што по улици се пука и не се прашува во кого и зошто. Но, уште позагрижувачко е отрпнувањето на настаните од црната хроника, пролеаната крв, убиените луѓе, кои веќе почнаа никого да не го потресуваат. Во информативните гласила е вистинска реткост да се сретне некоја убава вест, културен настан, какво било достигнување. Тоа веќе никого не го интересира. Настани на денот се кој кого убил, што е денеска ограбено. Тоа ни стана вообичаеност и дел од нашето секојдневје.
А, каде е тука полицијата, која е најодговорна за зачувување на редот и безбедноста во државава. Не се доволни коментарите на министерката за полицијата дека „се' е под контрола“. Крајно време е да се прочисти и во сопствениот двор и некој да ја преземе одговорноста затоа што стануваме една од најнесигурните земји во регионов. Работа на полицијата не е само да евидентира лешеви и да ги собира чаурите од местото на настанот. Вака излегува дека безбедноста како да не и' е приоритет, бидејќи е презафатена со пишување казни. |