Пердју се врати на местото на Рамковниот
Олеснувачот во Скопје затече поинаква политичка реалност од таа во 2001 година
Александра М. Митевска
Џејмс Пердју се врати во Скопје! Американецот кој кризното лето 2001 беше алфа и омега во преговорите за решавање на меѓуетничкиот конфликт, пред неколку дена допатува во Македонија, како пензиониран дипломат на Стејт департментот.
Но, Пердју се' уште е активен. На старите познаници тој им раскажал дека и натаму ги користи искуствата стекнати за време на повеќегодишниот престој на Балканот, но сега како консултант на приватни компании за би��нис-климата и за можностите за инвестирање во регионот на Југоисточна Европа. Живее во Вашингтон, но еднаш-два пати годишно ги посетувал балканските земји, особено Бугарија, каде што се здобил со многу пријатели за време на амбасадорувањето во Софија, а откако ја заврши мисијата во нашата земја. На познаниците со кои повторно се сретна во Скопје, пак, им најавил дека пред да се врати во САД ќе намине во Косово. Еден период Пердју беше во мисија и во Босна и Херцеговина.
Тој дојде во Македонија девет години по безбедносно-политичката криза што заврши со донесувањето на Рамковниот договор, на кој се наоѓа и неговиот потпис, како и потписот на вториот меѓународен олеснувач - Французинот Франсоа Леотар, кој беше претставник на ЕУ.
„Не го пропуштајте историскиот момент за постигнување долготраен политички договор и стабилизација на Македонија. Ако пропаднат преговорите, ќе се разгорат воените судири“, им зборуваше Американецот на тогашните македонски власти. Тој тврдеше дека службената употреба на албанскиот јазик ќе помогне за интеграција на албанската заедница. Дека тоа не е дезинтеграциски процес, туку начин да се придобие албанската популација.
„Ако Леотар беше добриот полицаец, Пердју беше лошиот. Но, нивните ставови за начините за разрешување на конфликтот воопшто не се разликуваа“, коментира еден учесник во преговорите, чија главна цел беа измените на Уставот за подобрување на статусот на албанската етничка заедница.
Атмосферата што искусниот американски дипломат овој пат ја затече во Скопје е многу поразлична од ситуацијата со која се соочи на 1 јули 2001 година кога допатува во земјава.
Државата во која тогаш беснееја тензии меѓу македонската и албанската етничка заедница сега има поинакви проблеми, меѓу кои и најгорливите - блокадата на евроатлантскиот процес и спорот со Грција, кои, според многу процени, имаат влијание и на соживотот што беше обновен со рамковните амандмани. Пердју, всушност, констатира дека Македонија се' уште не е во ситуација да ги затвори отворените прашања без интервенција од надвор. „Европа и Америка мора итно да се инволвираат во спорот околу името“, порача тој деновиве.
Некогашниот олеснувач сега во Скопје наиде и на многу поинаква политичка инфраструктура од онаа што ја остави кога пред девет години замина од државава. Од политичарите што тогаш седеа со него на „зелената маса“ во Охрид, важна улога на политичката сцена се' уште игра само Бранко Црвенковски, кој и во тоа време беше на опозициското кормило. Во меѓувреме, Мендух Тачи го зазема местото на Арбен Џафери, а Никола Груевски дојде на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ. На пристојна дистанца од високата политика сега е и тогашниот премиер Љупчо Георгиевски, кој, заедно со Љубе Бошкоски, во 2001 година во повеќе наврати се конфронтираше со Пердју, па дури и се зборуваше за извесна владина иницијатива со која Американецот би бил прогласен за „персона нон грата“.
Не е иста ниту структурата на „лидерската четворка“ што го пишуваше Охридскиот договор. Местото на ПДП го зазема ДУИ, чиј лидер Али Ахмети, кој во 2001 година ја предводеше ОНА, неделава се сретна со олеснувачот. Иако за време на конфликтот медиумите шпекулираа за тајни посети на Леотар и на Пердју на Призрен, каде што беше стациониран политичкиот штаб на ОНА, американскиот дипломат тврди дека ова била негова прва средба со Ахмети. И иако партијата на Ахмети деновиве ја тресе скандалот со досиејата на соработниците на тајните служби што ги ископа ДПА, Пердју е категоричен дека тој и Ахмети разговарале само за имплементацијата на Рамковниот договор. |