Број 3077  четврток, 03 септември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Site Meter
Мислења

Мислења

Синдромот на белата кокошка

Драган Поповски

Се' додека фотелјите во Академијата и научните светилишта се попривлечни од можниот „лонец“, полето за шарлатанство ќе остане ширум отворено

Во една прилика се затеков во едно наше мало питомо селце и имав чест да бидам поканет од селанецот што случајно го сретнав, на лубеница и домашно вино. Сеедно што комбинацијата лубеница - вино ми изгледаше малку несоодветна, не можев да го одбијам. Седнавме во дворот под лозницата, домаќинката веќе ја „колеше“ лубеницата, а домаќинот истрча да наточи од виното. Лубеницата се погоди, ама виното беше очајно кисело.

- Како винцево? - му светеа очите на домаќинот. - Домашно!

Не можев, а да не излажам и љубезно одговорив дека вакво вино може човек да се напие само во домаќинска куќа.

- Е, ели го бендиса, не те пуштам додека не го видиме дното на шишево! - зрачеше од задоволство љубезниот домаќин.

„Сам си го барав“, помислив, и ја подадов чашата да ми дотури. Не е важно како го поднесов сето тоа, и онака не е тоа темата за која сакав да пишувам. Темата беше една бела кокошка која цело време се врткаше околу нас.

- Баш е убава кокошкава, прокоментирав глупаво само за да тече разговорот.

- А бе, проклетница ниедна, никако да се справам со неа. Знаеш, ги имам десетина, сите се шарени освен оваа. И сите дисциплинирано се прибираат во кокошарникот и стрпливо чекаат да им отворам за да прошетаат, освен проклетницава, која излегува и влегува кога сака, а јас се' уште не можам да откријам како го прави тоа, кога постојано е затворена вратата. Ништо, готова е за супа! - авторитетно пресудува домаќинот.

Супа!

Единствената кокошка која покажала и малку автономност и умност ќе заврши во лонец!



Слика втора:



- Погледни комшија - ми се обраќа соседот, покажувајќи со главата кон дворот - сум го дотерал како макета: англиска трева, украсни камења со изворче, цвеќиња избрани според литературата - се' за цвеќината; а види ја грмушкава, мое дело, искастрена во облик на лав. И нема ниту едно гранче да стрчи: штом некое пркне повисоко - штрц со ножицава!

Штрц!

Штрц за највиталното гранче! Едноставно!

Слика трета:



Ова веќе не е слика, туку долгометражен филм кој сите сме го гледале додека сме поминувале низ училишните денови, а кој се' уште е на репертоарот. Бевме принудувани да носиме униформи, наводно, за да ги заштитиме алиштата, а целта, всушност, беше да се избрише индивидуалноста во нашата појава. Мојот тегет џемпер морав да го покривам за да не бидам различен од другар ми кој имаше жолт џемпер. Униформа, брате, една форма! И не е униформирањето само во облекувањето, некои се обидуваат да ни ја униформираат и мислата. Секој мора да ја прими единствено вистината која ни е наметнувана. (Ќерка ми ми кажува дека една нејзина соученичка добила единица поради нејзиното мислење дека во „Ана Карењина“, Вронски, всушност, е позитивниот лик, а не Ана која, впрочем, е онаа што го растура домот. Сосема јасно, не ја научила лекцијата. Единица!).

А, лекцијата е сосема јасна: Не биди различен, не мисли различно! Инаку, ќе завршиш во лонец. Или сигурно ќе наидеш на некој со ножици. Штрц!

Ме чуди молкот на нашите светски признати авторитети од сите области, науката, уметноста, спортот, економијата, политиката, и нивната самодисциплинираност да не ја искажат сопствената мисла, сопствениот став за нештата со кои примитивизмот секојдневно веќе не' задушува. Безобразно се промовираат нови „вистини“ во историјата, археологијата, урбанизмот, образованието, и сето тоа поминува затоа што само новите вистини се вистинските, оние претходните се „комуњарски“ и лажни. Се' додека удобните фотели во Академијата и научните светилишта се попривлечни од можниот „лонец“, полето за шарлатанство ќе остане ширум отворено. А и на оние малкуте кои би сакале да проговорат (не очекувам да вреснат), не им се дава често таа можност. („Здодевни сте, бре, брате вие научниците. За мојата публика далеку е поинтересно да повикам како гостин во емисијата некој од новиве квазинаучници што чепкаат низ историјата. Емисијата ми е погледана, а од тоа јас живеам“, му ја објаснува водителот на една од нашиве телевизии на еден наш авторитет причината зошто не поканува во емисијата некој кој навистина ги знае работите.)

Се плашам дека синдромот на „белата кокошка“ веќе прераснува во фобија.

Штета! Штета за супата што за мене веќе го нема истиот вкус.

(Авторот е карикатурист)


#
Статијата е прочитана 1147 пати.

Испрати коментар

Од: kaktus
Датум: 03.09.2009 00:27:48
Даце брат. Браво за статијата. Ја прикажа реалноста баш како што доликува на твојата професија-карикатурално. Не беше лошо да кажиш нешто повеќе за псевдоинтелектуалците и шарлатаните. Од каде тие се појавија во толкав број. Дали климата им одговара? Или кај нас постои добар пазар на кој се распродаваат како бестселери. Си велам, дали со оглед на прогресивното зголемување на бројот на шарлатаните, нивното промовирање преку медиумите, нивното позиционирање на функции итн. ние за скоро време ќе станеме шарлатанска држава, држава на шарлатаните-идеален колективен шарлатан!
Од: ФЕЛИКС
Датум: 03.09.2009 08:29:06
Овие бели кокошки можеби виреат на некое друго место,но тука виреат само разнобојни петли а посебно во Скопје.Сите тие се вгнездиле во невладиниот сектор и кукурикаат секојдневно во својата,,грижа,, за обесправените,така да Скопје стана најголема ,,фарма,, на петли кикирези.Посебно оние платформисти кој во циркуското патешествие низ Македонија сакаат да не ,,спасат,, од подмолните намери на оваа власт.Што чудо бевме соберисе 2-3 недоквакани и направи невладин субјект.
Од: dr
Датум: 03.09.2009 09:17:51
petka za napisanoto.ama.na.kolacite.na.kokoski.beli.ne.im.vleglo.nisto.vo.glavata.pa.mesto.kokoski.gi.narekuvaat.petli.ama.bile.za.kolenje.ako.ne.ke im gi skrsat jajcata t.e.decata.na zagubeni vo mozokot i sto vakvi odlicni statii ne im se dovilni da svatat sto se slucuva vo drzavata.
Од: pepi
Датум: 03.09.2009 11:10:11
Do Feliks: a da mi dades clenska karta od onaa Nevladinata "Svetlina" sto blokirase vo 2006 god po Skopje ili ovaa denesnava "Pravo i pravna drzava(velat deka preku niv vrabotuvanjeto ti e garant,samo plukaj po opozicijata i BC i katastar te ceka za rabota).
Од: Ајван Доктор®
Датум: 03.09.2009 11:31:30
Ха... Одличен текст, но и една забелешка! Мааа, ситница! Работните униформи беа различни, не нè тераа да ги купиме кај еден произведувач кој направил зделка со сите Училишта во градот, па потоа фирмата да ја снема. Имаше голем избор на Униформи! Кратки, Подолги, Со и Без Чипка, Женски, Машки, Сини, Потемни, Посветли... И не служеа за да не се истакнува Индивидуалноста (иако на некои Сподоби и тоа им беше целта), туку навистина заштитуваа од нечистотии. Да ги видевте овие новиве, што пред некоја година униформирано и молкум (К`о Попчиња) ги купија родителите! А за местото во јавноста, (ТВ, радио, весници... преполни со истите просечни фаци) па кој ни е крив кога народецов мисли дека секоја кокошка лета! Конформизмот е неизлечлива Болест!
Од: verag
Датум: 03.09.2009 13:17:58
Феликс сигурно не е бела кокошка- ги има сите бои од власта,најмногу портокалова.
Од: Шефкет Рамадани
Датум: 03.09.2009 15:34:08
Кога белите кокошки доминираат во потсвесното градење на плазмидоиди, ѓо интелектуално празнење ако се направи равенка ќе испадне дека умомиењето на без'рбетниците(квази-интелектуалци) е синдром на чешавост, така да за лика и прилика стануваат час политичари час судии, ама немаат шанса да станат интелектуалци, бре автору на текстот. Кокошките си се кокошки и знаат да несат само јајца ама не златни, оти не ги бива од што умеат само да лажат и да крадат. "Блазесиму на таа држава што има празноглави без'рбетници и таа треба да ја нарекуваат по сите правила на постоење на човечанството држава ПРАЗНОГЛАВИЈА".
Од: tebe
Датум: 03.09.2009 16:02:17
bravo za tekstot samo da go procitaat tie za koj e namenet

Најди! во Утрински
Мислења
Кои се круцијалните прашања на МАНУ