„Злетовица“ ќе биде готова, но општините ќе останат без вода!?
Проблемот е во немањето станици за пречистување на водата
Иван Бојаџиски
ШТИП - Изградбата на регионалниот хидросистем „Злетовица“ се одвива според планот. Реална станува можноста веќе од идната есен 960 литри вода во секунда да им станат достапни на шест источномакедонски општини. Но, во целата оваа надежна работа има еден голем проблем што може да предизвика невообичаена ситуација.
Поточно, водата да им биде пред портите на Штип, Пробиштип, Карбинци, Свети Николе, Кратово и Лозово, а тие да не можат да ја користат, односно при вода 100.000 жители да останат на суво!?
Имено, дел од општините немаат станици за пречистување на водата. Оние што ги имаат мора да ја приспособуваат нивната технологија за преработка на површински води наместо за подземни. Општинските раководства тврдат дека немаат пари самостојно да го решат проблемот и сите се надеваат на некои други финансиски извори. Нема логика инвестиција вредна 80 милиони долари да не даде резултат само поради проблем што се решава со околу еден милион долари, сметаат локалните власти.
Најголема корист од „Злетовица“ ќе има Штип, кој како најголем град во регионот ќе користи 45 отсто од водите на системот наменети за водоснабдување на општините. Но, во ЈП „Исар“ тврдат дека нема шанса сами да обезбедат пари за реконструкција кога се соочуваат со големи долгови.
„За таков зафат се потребни 360.000 евра, а ние немаме пари, ниту ќе имаме во догледно време. Сами не ќе можеме да се справиме со ова. Поради тоа, ќе бараме и овој дел од хидросистемот да се решава со пари од јапонскиот кредит или да помогне државата“, вели Симо Донев, директор на ЈП „Исар“.
Иста е состојбата и во другите пет општини. И Свети Николе, како и Штип, ќе мора да инвестира во промена на технологијата на својата пречистителна станица.
Но, затоа, пак, општините Карбинци и Лозово воопшто немаат станици за хемиско и бактериолошко прочистување на водата за пиење.
Боро Гаврилов, градоначалник на Општина Карбинци која има 4.000 жители, вели дека тие имаат готов проект за изградба на филтер-станица.
Основната вредност изнесува 300.000 евра, а со патот што треба да се гради до неа и со обезбедувањето квалитетна струја сумата се искачува двојно, на 600.000 евра.
Гаврилов тврди дека Општината била во контакт со Светска банка, од каде што стигнувале позитивни си��нали за поддршка на проектот. „Моментно немаме ништо конкретно. Но, за да не губиме време, веќе го градиме цевководот до пречистителната станица“, вели Гаврилов.
Градоначалникот на Лозово, Јордан Павлов, категоричен е дека малата општина со 3.000 жители нема никакви можности финансиски сама да издржи проект вреден 160.000 евра.
„Мора да градиме мала филтер-станица. На пари се надеваме од кредитот со кој се овозможи изградба на регионалниот хидросистем. Се крстиме и во помош од државата“, вели Павлов.
И во управата на „Злетовица“ секојдневно живеат со овој горлив проблем. Ацо Јаневски, технички директор, вели дека раководството подолго време водело преговори со инвеститорот, јапонска ЏБИК банка, за да помогне во решавање на ова суптилно прашање.
„Преговараме општините да го решат овој проблем со јапонска финансиска помош. Најавено е доаѓање на првиот секретар на јапонската амбасада, чие седиште е во Виена, со кого ќе се разговара токму за финансиска поддршка. Тој треба да пристигне во Македонија до крајот на годинава, а сите од регионот се надеваме дека ќе се најде решение за проблемот“, вели Јаневски.