Топилницата ја врати загриженоста во Велес
Најавите за продажба на комбинатот го кренаа на нозе целиот град, сите сплотени да не дозволат да проработи загадувачот
Билјана Ангеловска Славица Ќучукова-Николова
Велес - Во Велес повторно се гледаат загрижени лица. Велешани, по кој знае којпат водат битка со својот најголем непријател - Топилницата и знаат дека мора да излезат како победници. Овој пат тие сакаат битката да ја извојуваат докрај, бидејќи веќе научија што значи да се дише чист воздух. Подготвени се да не дозволат некој пак да им го одземе правото на чиста животна средина и на здраво поколение. Тие сакаат ластовиците и в година да дојдат во Велес, како што е во последниве три години.
Пет години откако не работи велешката Топилница, иако последиците се' уште се чувствуваат, кај граѓаните се врати насмевката на лицата и надежта дека, конечно, и за нив има иднина. Но, последните случувања одново ја вратија загриженоста. Најавите за рестартирање на Топилницата го кренаа на нозе целиот град. И граѓаните, и локалната самоуправа, градските институции, невладините организации. Сите, како никогаш досега се единствени во целта да не дозволат да проработи загадувачот.
Начинот на кој деновиве се одвиваше продажбата на МХК „Злетово“ ја вознемири не само велешката туку и целата македонска јавност. Од една страна е процедурата на отворање на тендерската документација на заинтересираните инвеститори, а од друга, фактот дека Топилницата ќе проработи и ќе го труе градот. Велешани се кренаа на нозе. Се организираа, формираа Одбор за спас на градот од Топилницата, на чие чело го поставија градоначалникот Аце Коцевски и чија основна цел е да го заштити уставното право на граѓаните на живеење во здрава животна средина. Еколошките здруженија се сплотија во една, Зелена коалиција, која целосно ги поддржува активностите на Одборот. Веќе се преземени и првите конкретни чекори. Одборот одлучи да побара од Владата да гарантира дека нема да дозволи рестартирање. Доколку за седум дена Владата не даде такви гаранции, Одборот ќе ги организира граѓаните на Велес да се спротивстават на најавеното рестартирање на Топилницата. Владиниот портпарол Ивица Боцевски вели дека Владата се' уште нема изградено став и не дискутирала за барањето на велешани.
Во случајот се вклучи Државната комисија за спречување корупција. Како што информираат оттаму, оформен е предмет за продажбата на МХК „Злетово“. Антикорупционерите сметаат дека постојат индикативни наводи во тендерската постапка, поради што Комисијата ќе работи во две насоки: и како тендер и како корупција во областа на екологијата. Поради сериозноста и актуелноста на случајот, на предметот ќе му се даде забрзано темпо.
Велес веќе пет години живее без Топилницата. Се покажа сосем неоправдан наметнатиот) став дека градот ќе колабира кога ќе се затвори комбинатот. „Единствено вака, без Топилница, Велес може да опстане. Нема добра иднина со Топилницата на иста локација. Бадијала се парите, ако нема здравје“, е цврстиот став на градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, со кого се согласуваат сите негови сограѓани.
„Велес преживеа и преживува без Топлиница. Сепак, економскиот момент не е толку пресуден. Зелената коалиција предложи друга локација, доколку мора да се рестартира, иако ние како екологисти немаме мисија да бараме да загадува на друго место. Но, факт е дека во Велес се врати животот, повторно дојдоа ластовиците. Ние бараме само малку визија од оние кои можат да одлучуваат наспроти профитерите кои не ги интересираат повеќе од 50.000 животи“, вели Игор Смилев од Зелената коалиција и појаснува дека екологистите понудиле две локации за дислокација на Топилницата. Според нив, првата била местото на сегашниот ХИВ, комбинатот за вештачки ѓубрива, но таа идеја ја одбил градоначалникот на Градско. Резервната локација е Криволак, каде што веќе постои загадено земјиште.
Експерти сметаат дека и тој што ќе ја земе Топлиницата нема да биде во можност брзо да ја рестартира, бидејќи објектот е речиси целосно ограбен. Металургот Петар Стојанов, кој долг време работел во Топилницата, го потенцира фактот дека станува збор за капацитет за чија иднина мора да се земе предвид мислењето и ставот на граѓаните. „Во Законот за животна средина е предвидено секое запирање на инсталација да биде планско и со најава. Тоа значи навреме да се планира да се истрошат суровините, или да се преместат, па дури и продадат. Исто се прави и со производите и со отпадот. Значи, просторот треба да се подготви за фабриката да не работи. Со Топилницата тоа не е направено. Оттаму, има опасност од продолжено загадување, пред се', поради ветерот, кој во Велес дува од север. Значи, дефинитивно, Топилницата уште е потенцијална опасност“, вели Стојанов.
На „црното“ брдо зад Топлиницата се претпоставува дека има над два милиона тони згура, таложена во текот на 30-годишната работа на комбинатот. Сите експерти се согласуваат дека комбинатот, иако не работи, сепак загадува. Покрај згурата, објектот е полн со прав што ветрот лесно го разнесува низ искршените прозорци, а се' уште загадуваат троската, незаштитените машини.
За експертите многу е битен третманот на Топилницата кога ќе се рестартира, дали ќе биде третирана како стара, или како нова инсталација, од што зависи издавањето на неопходната А-интегрирана дозвола. Тоа значи дека доколку добие третман на нова инсталација, нејзиното рестартирање ќе биде возможно само ако ги исполни строгите европски еколошки услови, но, ако биде третирана како стара, тогаш ќе и' биде дадена дозвола за работа со услов да направи план до 2014 година да се приспособи на современите стандарди. Во тој случај Топлиницата ќе работи, ќе загадува, веројатно повремено ќе плаќа и казни за тоа, можеби и ќе се исклучува, но сепак, ќе работи.
Од Одделението за интегрирано спречување и контрола на загадување при Министерството за животна средина велат дека ако некоја инсталација не работи повеќе од три години, пред повторно да се рестартира, треба дополнително да исполни многу услови во поглед на животната средина. Потребна е нова еколошка студија, еколошки елаборат, оцена на влијанието врз животната средина, и сето тоа усогласено со најновите еколошки стандарди според ЕУ. Дури потоа се аплицира за добивање А-интегрирана дозвола. За постојните капацитети, пак, се издава дозвола за усогласување со оперативниот план, што значи бараните услови треба да се исполнат во одредени термини.
Експертите тврдат дека нема таков инвеститор кој во старт ќе вложи толку многу пари за да ги исполни еколошките стандарди, бидејќи се проценува дека, за да бидат задоволени најсофистицираните еколошки стандарди, потребни се 250 милиони евра.
Трајко Бабунски, претседател на Советот на Општина Велес и ��лен на Одборот за спас, појаснува дека пред неколку месеци шпанската консултантска куќа „Ептиса“ извршила испитувања за можноста за ремедијација на земјиштето. Било проценето дека ремедијацијата би чинела 89 милиони евра. Според координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ во Советот на Велес, д-р Славчо Чадиев, непобитен е фактот дека Топилницата направи голема, непоправлива штета. Навистина, овие години, откако не работи, се дише чист воздух, но околината и натаму е загадена, контаминирана е почвата, подземните води. „Баравме изјаснување од граѓаните за да имаме целосен легитимитет да можеме да речеме градот Велес стои зад одлуката да се отвори, или да не се отвори Топилницата. Ако треба ќе се одржи и референдум. Овде од 57.000 жители има 48.000 гласачи. Половината да речат ’не‘, нема сила што ќе ја отвори Топилницата. Едно е да се прави политичка кампања, а друго да се изјаснуваат граѓаните на референдум“, вели Чадиев.
Велешани „го држат за збор“ вицепремиерот Зоран Ставрески, кој во изборната кампања им ветил дека нема да се прифати никаква одлука за рестартирање без да се чуе мислењето на граѓаните. Досега со нив контактираат само пратениците од Велес, кои присуствуваа и на митингот, дадоа безрезервна поддршка и јавно изјавија дека се против рестартирањето. Но, граѓаните стравуваат дека Министерството за екологија премолчано ќе ја издаде дозволата за усогласување со оперативниот план. „Не веруваме дека со филтри ќе се заврши работата. Во земјиштето околу Топилницата се најдени големи количества олово, кадмиум и индиум, што е најтоксичен елемент“, велат велешани, кои во изминативе 30 и повеќе години, во борбата со најсериозниот убиец, не сакајќи сами станаа експерти, лекари и екологисти. |