Фељтон
Македонците крем на бугарското општество (6)
Димитар Талев се крепеше од љубовта спрема Македонија
Виктор Цветаноски
Прилепчанецот Димитар Талев е на самиот врв во бугарската книжевност. Во една анкета што беше спроведена во Софија граѓаните го ставија на чело на најчитаните и најпопуларни литературни творци, заедно со познатиот поет Пеју Јаворов и бугарската книжевна легенда Иван Вазов. Не случајно бил предложен и за Нобеловата награда.
Димитар Талев во родниот Прилеп се „врати“ неодамна со поставувањето на претстава работена врз основа на неговиот најдобар роман „Железниот светилник“. Со тоа започна да се уриваат идеолошките ѕидишта подигани од политичарите на двете држави, а огромното културно богатство созадавано од Македонци во Бугарија станува достапно и на македонската поширока јавност. Неоспорно е дека Талев се чувствувал Бугарин, но истовремено бил и Македонец роден на нашите простори. Живеел и пишувал во Бугарија, но не за неа, туку за страдањата на луѓето од неговата родина. Починал во Софија во 1966 година.
„Откинувајќи се од Прилеп, Талев и по преселувањето во Бугарија претпочита да комуницира со македонските емигранти. Од страна на месното население, неговата куќа веднаш била окарактеризирана како ’македонска куќа‘ (Таа е некако завртена со грбот, глува кон патот, со висок ѕид – гледа навнатре и во далечината). Талев не само што живееше со тој дом, туку со неа тој се враќаше во своето детство, во минатото“, пишува поетот Веселин Андреев. За него таа куќа ја олицетворува Македонија.
Неоспорно е дека Талев се чувствувал Бугарин, но истовремено бил и Македонец, роден на нашите простори
Познатиот филозоф Стефан Влахов Мицов во „Философскиот клуч на македонскиот идентитет“, елаборирајќи ја распнатоста на големиот писател меѓу бугарскиот национализам и македонската духовност, вели дека љубовта на Димитар Талев спрема Македонија била исклучителна, ретка, основна суштина на неговиот живот. Тој настојува големиот писател да ни го претстави онаков каков што бил, со сите проблесоци и мани. Според Влахов-Мицов, животната и творечката судбина на Талев се движат по циклични патеки и тие се цврсто трасирани, променливите оцени за неговото творештво сведочат и за политичката конјунктура во Бугарија и за способноста на писателот од Прилеп да се приспособува.
„Притоа, тој го прави тоа многу активно. До 1944 година тој е лут застапник на бугарскиот врховизам спрема Македонија и автор на книги во тој дух. Се смета и за близок соработник на злогласниот Иван Михајлов“, пишува познатиот филозоф, подвлекувајќи дека Талев во тогашните весници објавувал и профашистички статии. Токму поради тие негови антимакедонски ставови тој бил затворен од комунистите по нивното доаѓање на власт и испратен во работните логори.
Меѓутоа, Талев одново воскреснува кон крајот на педесеттите години и станува миленик на тие исти комунисти. Тие што го затвориле му ја доделиле високата Димитрова награда за трилогијата „Железниот светилник”, „Преспанските камбани“ и „Илинден“, зашто тој им требал во нивната антимакедонска кампања во 1959 година. „Кон крајот на својот животен и творечки пат Талев се враќа таму од каде што тргнал. И тоа што не го добил под знамето на буржоаскиот национализам, му било богато дадено од комустичката власт. На прв поглед тоа изгледа чудно, дури и невозможно. Всушност, разликите помеѓу бугарскиот буржоаски национализам и бугарскиот комунизам е само во идеолошката обвивка“, оценува Влахов-Мицов. Тој подвлекува дека Талев се впишува во великобугарската доктрина, и ги следи нејзините конјунктурни свивања. Во „Железниот светилник“, објавен во 1952 година речиси не се среќаваат определбите како што се „Бугари“, и „бугарско“, зашто тогаш комунистичката власт го признавала македонското малцинство.
Талев колку што е бугарски толку е и македонски писател, без разлика на неговата национална определба како Бугарин и неговото целосно вклопување во познатата бугарска доктрина спрема Македонија. Академик Коле Чашуле своевремено за „Утрински весник“ изјави: „Имав прилика да се сретнам со Талев во Софија и во тие разговори тој пројави интерес за Македонија. Тогаш ги добив сите негови книги со посвета и со внимание ги прочитав. Мислам дека се прави крупна грешка што се дистанцира автор како Талев. Грев е тоа спрема него. Димитар Талев не смее да се смести во евтините македонско-бугарски односи, тоа не смее да се прави, не смееме да го отфрлиме. Тој е еден од великаните на македонската проза. Романот ’Железниот светилник’ е прекрасен роман за прилепската градска чаршија. Неповторливо ја опишува чаршијата и животот во Прилеп. Затоа сметам дека не треба да отфрламе нешто вредно“, вели академик Чашуле.
Писателот Јован Павловски мисли поинаку. И тој смета дека Талев е голем писател, но бугарски кој се борел за големобугарската кауза. „Неговото милје се состои од дела каде што случувањата се одвиваат во Македонија и Прилеп конкретно, меѓутоа тој и во своите дела не го смени политичкото мислење што се потпираше на големобугарската кауза: Македонија е дел од Бугарија и Македонците се дел на бугарското племе! Инаку, во неговите романи тој дава извонреден приказ на животот на Македонецот под турското ропство, извонреден приказ на храбри Македонци, кои, за жал, ги делат политичкото и националното кредо на авторот“, подвлекува Павловски.
Стојан Дамчески, директорот на Прилепскиот театар, исто така, за „Утрински“ изјави дека идејата да се постави текст на Талев на сцената во Прилеп била присутна од поодамна. „Талев е писател од светски ранг. Без оглед на неговите политички ставови, неговите литературни квалитети се неоспорни. Никој досега не го опишал Прилеп на начин на кој тоа го има направено Талев. И ние го читаме тоа што го напишал, а не како се чувствувал, како Бугарин или како Македонец“, подвлекува тој.
Режисерот на претставата Владо Цветановски оценува дека во неа нема никакви политички импликаци. „За мене е доволно она што го прочитав кај Талев. Тој е еден од ретките раскажувачи кои ги имам прочитано, а имам читано доста, кој со толкава љубов пишува за овој град и го опишува на начин на кој никој досега не го опишал. Тој пишува за судбината на едни луѓе во кои секој од нас може да ги препознае своите дедовци и прадедовци“, истакнува Цветановски.
Македонската јавност со неговите дела почна да се запознава последниве неколку години. На македонски пред две-три години прв е преведен романот „Илинден“, а пред една година и „Железниот светилник“. Младен Србиновски тврди дека Талев анонимно бил преведуван многу порано, уште во 1964 година.
На големата прослава што по повод стогодишнината од раѓањето на Талев му беше организирана во Софија, Србиновски на организаторите им подари примерок на еден негов роман преведен на македонски кој го купил такаречи без пари од уличен продавач на книги во Скопје. „За оваа книга не знаат оние што се занимаваат со пишување, а не е ни заведена во книжевни каталози зашто и самата нема лични податоци: ниту кој е преведувач, која е издавачката куќа или уредник... Единствените податоци кои ги содржи оваа фантом-книга се: тираж две илјади примероци и годината на печатењето, април 1964. Дали е отпечатениот тираж лага со две нули или пак никогаш не е пуштен во продажба, не можам да одговорам“, изјави тогаш Србиновски, подвлекувајќи дека уште поубаво ќе беше ако Прилеп, градот на неговата литература, му организираше слично чествување на својот голем сограѓанин и со неговото име почестеше некоја институција или булевари.
(продолжува) |