Карате репрезентацијата се подготвува во Истанбул за СП во Токио
Одлични услови и атмосфера има македонската сениорска карате репрезентација на 10 дневните заеднички подготовки со турскиот национален тим во Истанбул по што ќе следува настап на силниот меѓународен турнир „Истанбул опен 2009“. Турнирот е традиционален и единствен кој обезбедува високи парични награди за носителите на медали. Оваа година „Истанбул опен“, кој ќе претставува одлична можност за проверка на силата и формата на нашите каратисти за светското првенство во ноември во Токио, „тежи“ 120.000 американски долари.
На „Истанбул опен“ ќе се појават 35 каратисти од Македонија сите потенцијални репрезентативци во борби и кати во машка и женска конкуренција. Поради повреда ќе го нема капитенот, Сашко Арсовски, а Иво Цветковски неодамна се вклучи во репрезентативната акција по успешната рехабилитација по повредата. Во Истанбул ќе ја нема ниту нашата најдобра каратистка во моментот, Ардита Исени, која се наоѓа во Канада. По завршувањето на втората фаза на подготовките селекторот Бошко Заборски и неговиот асистент Мирче Јанушевски ќе го објават списокот на каратисти кои ќе ја претставуваат Македонија на мундијалот во Токио од 12 до 15 ноември. (С.Д.) |