Успешно евро-деби на Ренова
Прволигашот од Џепчиште ја совлада Риека со 2:0 во реваншот и се пласира во второто коло во Интер-тото купот
Сашко Ѓ. Димовски
Риека мина неславно во Скопје во првото гостување на Градски по распадот на поранешна СФРЈ. И не само што не се прослави туку фаворизираниот хрватски претставник во целост разочара во дуелот со Ренова. По ремито без голови на „Кантрида“ во првиот меч македонскиот прволигаш од тетовското село Џепчиште заслужено го доби реваншот со 2:0 (стрелец на двата гола Генц Исени) и се пласира во второто коло во Интер-тото купот каде составот на Влатко Костов го очекува двомеч со израелскиот Бнеи Шахнин. Ренова, која е дебитант во евро-куповите, е домаќин во првиот дуел на 5 јули, реваншот е осум дена подоцна во Израел. Подобриот од тој дуел во третото коло го очекуваат дуели со шпанска Депортиво ла Коруња.
„Одигравме тактички зрело, мотивирано, дисциплинирано. Ја повторивме добрата игра во одбраната од првиот меч во Риека, но овојпат бевме далеку подобар противник во средината, а проработе и нападот. Презадоволен сум од резултатот и играта, презадоволен сум бидејќи го остваривме најголемиот успех во клупската историја на Ренова“, рече по натпреварот кормиларот на тетовци, Влатко Костов.
Гостите од Риека речиси и да не составија конкретна акција за постигнување на погодок, а нивниот најистурен фудбалер, Радомир Џаловиќ речиси и да не доби употреблива топка од своите соиграчи. Ренова одигра одлично во одбраната, одлично во средниот ред, одлично во нападот. Во саботата се' функционираше беспрекорно во тимот на Костов. Неговите играчи на моменти им ја „сокрија“ топката на гостинот, а покрај двата постигнати погодока домашните имаа уште неколку ситуации дури и да го понижат двократниот освојувач на хрватскиот куп на „Градски“. Но, Станковиќ од мртов агол во 63 минута ја погоди стативата, девет минути подоцна Бесарт Ибраими упати силен удар по земја, а гостинската „единица“ Радман со крајни напори ја скроти топката, откако таа мина низ неговите нозе и се тркалаше кон гол линијата.
Риека во Скопје допатува без неколку стандардни првотимци, но и без најновите засилувања на „Кантрида“, па Далиќ одлучи да и' се спротивстави на Ренова со млад тим во реваншот. Можеби ја потцени Ренова, можеби Ренова со нешто го изненади, можеби Интер-тото купот не е интересен за Риека, но тоа не е никакво оправдување за катастрофално лошата партија на гостите од Кварнер. Најнезадоволни од нивниот перформанс беа 20. гостински фанови на навивачката група „Армада“ на кои во второто полувреме им „пукна филмот“, па од источната трибина им порача на своите миленици: „Играјте п....., ќе добиете ќотек“.
„Дојдовме во Скопје со млад тим без неколку стандардни првотимци. Се почувствува нивното отсуство. На почетокот имавме неколку добри ситуации, не ги искотистивме. Имаше и пенал за нас, но судијата не го досуди. Брзо примивме гол, а на самиот почеток од вториот дел уште еден по што беше тешко да се игра“, рече по мечот гостинскиот тренер Далиќ. Ренова - Риека 2:0
Полувреме: 1:0. Градски стадион во Скопје. Гледачи: 2.000. Гл. судија: Симон Ли Еванс. Помошници: Филип Бејтс и Брајан Џејмс (сите тројца од Велс). Ж. картони: Ангеловски (Ренова). Стрелци: Исени во 4 и 47 минута за Ренова.
Ренова: Елези, Реџепи, Станковиќ, Ангеловски, Стојанов, Деспотовски, Ибраими (Али), Трајчов, Исени (Емини), Нухи (Гафури), Мемеди. Тренер: Влатко Костов.
Риека: Радман, Вучко, Штрок, Будичин, Крилах, Крижман (Туркаљ), Памиќ (Цагаљ), Џаловиќ, Халиловиќ, Бодрушиќ, Тадејевиќ (Шкоро). Тренер: Златко Далиќ. |