Работната група за „Сопот“ заглави со процедурите
Од протестите на роднините на осудените од случајот „Сопот“
По цели две недели откако собраниската Анкетна комисија ги избра членовите на работната група задолжена за прибирање на информациите и аргументите под кои се водел случајот „Сопот“, ова работно тело вчера конечно ја одржа првата средба, но ништо не сработи. Иако до 31 октомври оваа група треба да излезе пред Анкетната комисија и да го поднесе целосниот извештај за собраните материјали и аргументи под кои се водел процесот, од што ќе зависи и конечниот извештај и ставот на Комисијата за овој случај, се чини, дека голем дел од времето ќе измине во некакви процедури на формирање на телото, именување претседавач и добивање сертификати.
Вчерашната куса работна средба во нецелосен состав измина само во констатација на членовите дека тие не можат да работат затоа што ги немаат потребните сертификати за достапност до класифицирани информации поврзани со овој случај. Затоа присутните на седницата единствено донесоа заклучок до крајот на месецов собраниските служби до Анкетната комисија за заштита на слободата и правата на граѓаните да достават барање за издавање привремени сертификати, а Комисијата низ процедура ќе побара тие да се добијат во колку што може пократок рок.
Според претседателката на собраниската Анкетна комисија, Весна Бендевска, најверојатно, работата група ќе ја одржи наредната седница по 17 август, кога ќе биде избран и претседавач, но не знаеше дали дотогаш ќе можат да се добијат потребните сертификати и колку време ќе биде потребно за нивно издавање.
„Се надевам дека до 17 август на првата седница по годишниот одмор ќе можат да се обезбедат привремените сертификати, по што ќе може да почне да се бара пристап до определени нивоа каде што ќе може да се дојде до потребните документи. Се надевам дека на наредната седница нема да се говори само за тоа дали се готови сертификатите, туку и за посуштински прашања“, истакна Бендевска.
„Им предложив да се одредат рокови, но денеска излезе дека треба да се добијат сертификати, што секако ја одолжува работата на групата. Барам побрзо да се заврши за да имаме некаква конечен извештај до 31 октомври што ќе го предложиме до Анкетната комисија“, вели Абедин Зумбери од Нова демократија.
Во меѓувреме, до работната група веќе се доставени и некои материјали во врска со случајот „Сопот“. Хелсиншки комитет целиот извештај за тоа како бил воден процесот со приведувањето на осомничените го стави на цеде и го достави до работното тело. За подготовка на ова цеде бил ангажиран и цел тим на Хелсиншки, кој работел на прибирање на сите материјали и клучни документи со кои располагал. Во него, покрај другото, е и извештајот на Комисијата на МВР за утврдување на состојбата во врска со преземената акција во Сопот, испратена до тогашниот министер за внатрешни работи, Хари Костов, како и изјавата на Мисијата на ОБСЕ, која учествувала во оваа комисија. Исто така, доставени се и претставки од роднините на осудените, како и барањето на пратеничката група на Нова демократија за овој случај да се расправа на посебна собраниска седница, медицински извештај за здравствената состојба на сведокот Рамадан Бајрами, заедно со неговата изјава дека сведочењето го дал под притисоци и закани. (Св.У.) |