Број 2734  петок, 11 јули 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Фељтон
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Најголемо интересирање за британскиот актер Кристофер Ли


Сакам да доаѓам на фестивалите, рече Роберт де Ниро на кого му беше врачен „Кристален глобус“ за животно дело

Во Карлови Вари моментално се Николас Рег, Пол Мазурски и Дени Гловер

Од нашиот известувач
Сунчица Уневска

КАРЛОВИ ВАРИ - Четириесет и третиот фестивал во Карлови Вари, Чешка (од 4 до 12 јули) веќе влегува во својата завршница. Она што оваа година го карактеризира фестивалот, секако, е присуството на повеќе легендарни имиња од светот на филмот, кои дојдоа во Карлови Вари и ги примија своите почесни признанија во толкав број што овде навистина одамна не се случило. Моментно на овој познат чешки фестивал е британскиот ветеран Николас Рег, американскиот режисер Пол Мазурски, кој се смета за еден од творците на Новиот Холивуд, потоа легендарниот британски актер Кристофер Ли и еден од најпознатите американски црни актери, Дени Гловер. Интересот дефинитивно е најголем за Кристофер Ли, актер кој во неговата шеесетгодишна кариера има над двесте улоги, а последната му беше во ликот на злобниот Саруман во „Господарот на прстените“. Инаку Ли е познат и како Дракула, а играше и во „Ѕвездени војни“, во „Слипи холоу“, во „Курсот на Франкештајн“, во познатиот „Саламандер“ и уште многу необични и често негативни ликови. Поради големото интересирање Кристофер Ли ќе одржи мастеркласа.

А фестивалот оваа година така и започна, имено, на самото отворање дојдоа легендата на американскиот филм, Роберт де Ниро и еден од најкарактеристичните германски �� светски актери, Армин Мулер Штал. Со нивното доаѓање и врачувањето на почесните награди фестивалот во Карлови Вари го доби вистинскиот ѕвезден почеток и се понатаму поминува во таа атмосфера. Со филмот во кој игра Роберт де Ниро „Што се случи“ на Бери Левинсон беше одбележан годинешниот старт, а на Де Ниро му беше врачен „Кристален глобус“ за животно дело. „Сакам да доаѓам на фестивалите, зборуваше на прес-конференцијата Де Ниро. Знаете дека и јас стојам зад Њујоршкиот „Трибека“ фестивал. Сакам да ги поврзам луѓето, не само оние кои генерално се публика, туку оние кои се навистина заинтересирани за филмот“.

Тој им откри на новинарите во Карлови Вари дека повторно после осум филма ќе работи заедно со Мартин Скорсезе, зборувајќи дека многу сака да работи со него. Но, како што рече, бидејќи е суеверен не би можел да каже за што ќе стане збор во филмот, а планот е тој да биде готов веќе наредната година. А на прашањата за Холивуд, кој е и тема на филмот „Што се случи“, Де Ниро рече тој верува дека правилата секаде се исти, само што во Холивуд тоа е многу повидливо. Додека за познатиот стил на глума што го негуваа Марлон Брандо и Монтгомери Клифт, а за кој се мисли дека го следи и Де Ниро, тој рече дека глумата е она што од неа ќе направите и дека таа зависи од тоа колку ќе бидете мудри во својот избор.

Додека германскиот актер Армин Мулер Стал, познат по своите улоги во „Сјај“ и во „Музичка кутија“, во галеријата во Карлови Вари отвори и изложба со своите цртежи и слики. Мулер Стал се покажа во едно сосем поинакво светло, зборувајќи дека сликал отсекогаш, исто како што свирел на виолина и компонирал, и дека сликите имаат големо влијание на неговата глума. На пример, тој ги сликал скиците за време на снимањето на филмот „Ноќ на земјата“ и често тоа што ќе го нацрта подоцна се обидува да го примени на својот лик. Инаку, Армин Мулер Штал зад себе има дури 130 улоги и запрашан за неговата енергија со која и денес работи, тој рече дека кога се прашува која е целта на неговото постоење одговорот го наоѓа во својата креативност. „Одговорот лежи во мојата музика, пишување, глума, и сликање. И во обидот и стремежот на секоја уметност да се претвори во музика“, објаснуваше тој. Мулер Штал зборуваше и за неговото искуство во работата со еден од најособените германски режисери Фасбиндер, кој живееше доста контроверзно и умре многу рано, на што Штал рече дека според него важно е животот да биде полн, а не долг.

Имено, фестивалот поминува во една исклучително уметничка атмосфера. Иако има многу познати имиња Карлови Вари никогаш не е само гламур. Целата орда на млади луѓе кои доаѓаат од сите страни, (годинава се издадени десет илјади акредитации за студенти, а досега се продадени над деведесет илјади билети) и кои се постојано присутни на овој фестивал, навикнати се да бараат многу. Такви се и прашањата кои ги поставуваат, а такви се и очекувањата. Таква е впрочем и оваа година програмата. Како што рече уметничкиот директор на фестивалот, Ева Заоралова, филмовите кои се во главната програма се оригинални и свои, но она на што посебно се обрнувало внимание е тие да имаат нагласен уметнички аспект. Па сепак, се уште ниту еден филм од главната програма не се издвои. Интересирањето е најголемо за адаптацијата на „Карамазови“ на чешкиот автор Петар Зеленка. А тој на пресот објаснуваше дека фокусот во неговиот филм е на нашата одговорност, на одговорноста на друштвото кое ја загубило вербата во Господ.

Но, на крајот би рекле дека она што е интересно, е дека ниту еден од фаворитите на публиката не е од главната програма. Напротив. Сите фаворити се документарни филмови, а меѓу нив се издвојуваат американскиот „Дами“, кој зборува за две сестри од Унгарија кои емигрираат во Америка, чешкиот „Заборавениот транспорт: Естонија“ за судбината на 42 чешки Еврејки и „Првиот цар“, филмот од новата програма „Музичка одисеја“, кој е снимен во операта „Метрополитен“ во Њујорк, во кој настапува Пласидо Доминго, а режијата е на кинескиот режисер Занг Јимоу, кој ги направи филмовите „Херој“ и „Куќа на летечки ножеви“.


Статијата е прочитана 280 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Култура
„Телефонот“ на Театарот за деца освои Гран-при во Котор
Венера е откриена во близина на базилика
Трпчески во Нов Зеланд беше наречен „чисто злато“
Концерт на сопранот Кери Рустои на „Скопско лето“
Пионерите на англискиот