10.07.2008, 18:39 Венера е откриена во близина на базилика
Скупи од 1 до 3 век во поголем обем се протегал кон исток, а територијата му се намалила во 4 век
Катерина Богоева
Откривањето на исклучителниот наод од раноримскиот период, скулптурата „Срамежлива Венера“ на Скупи, источно од улицата Кардо, го сврте вниманието и на актуелните истражувања што се одвиваат на овој дел од градскиот кварт, но и на североисточниот бедем на археолошкиот локалитет. Просторот во кој е пронајдена женската фигура во природна големина, заедно со скулптура на делфин, според археологот Марина Ончевска -Тодоровска најверојатно и припаѓа на поголема бања или на резиденцијален објект.
На тој дел од градската територија интензивно ќе се работи до крајот на јули, а истражувањата ќе продолжат во септември. Ончевска - Тодоровска вчера укажа и на апсидалниот простор каде скулптурата најверојатно стоела исправена и од каде паднала при рушење на објектот, кај кој се констатирани повеќе слоеви на доградување и преградување. При дефинирањето на овој, источен кварт од градот, во изминативе неколку месеци е откриена ранохристијанска базилика од крајот на 5 и почетокот на 6 век, со многу раскошни и богати архитектонски решенија.
Просторот каде што е откриена фасцинантната скулптура на „Срамежлива Венера“
„Влезот имал арка што ќе ја вратиме откако ќе биде конзервирана. Базиликата е со голем нартекс, поплочена е со керамички плочки, но сеуште не сме откриле мозаици. Во тробродниот наос се влегувало низ трибелон- симболот на светото тројство“ посочи Ончевска, укажувајќи на еден од двата впечатливи столба, со убаво изработен крст во поголема големина. Новооткриената базилика, завршува на исток со три кораба со апсиди, што се смета за реткост кај ваквите објекти во ранохристијанскиот период, а самата е сведошто за постоење на овој период, не само на Скупи, туку и во Македонија пошироко.
Марина Ончевска-Тодоровска заедно со археологот Ленче Јовановска, раководат со годинешните истражувања каде се ангажирани околу 120 луѓе. Фокусот на интерес е ставен и на просторот каде се протега североисточниот бедем, каде се откриени нови сознанија, важни за историскиот развој на Скупи.
„Работиме на бедемот од неколку причини, да ја дефинираме границата на споменичната целина, да ги откриме фазите на овие одбрамбените елементи чија што големина говори за значењето на она што со нив се заштитувало, вредноста на Скупи како колонија од највисок ранг. Ни беше предизвик да видиме и дали од 1 до 6 век бедемот се протегал по една линија или пак таа била поместувана.Неговото протегање покажа дека во периодот од 1 до 3 век градот во поголем обем се протегал кон исток, а во 4 век, поради варварските напади територијата му се намалила. Но тоа не го намалило неговото значење како колонија од највисок ранг за Римската империја, за што говори и импозантноста и големината на ѕидот. Тој во 4 век бил изграден во широчина од 360 сантиметри. Функцијата на бедемот престанува во 5-6 век кога просторот се користел за подигање на градби за живеење кои пак, за разлика од луксузниот претходен период, биле многу поедноставни“ - потенцира Јовановска.
На просторот на бедемот се откриени и 5 - 6 гроба од периодот на 10- 12 век, но и поголем број на движни наоди. Од другата страна на оградата на Скупи. до која се протега досега откриениот бедем, денес се наоѓаат приватни имоти, вратени на сопствениците во процесот на денационализација. |