За проблемот посочен во Вашиот весник, број 3424 од 5 ноември 2010 година, во текстот со наслов „Бели чаршафи го прекрија нашето вино во Европа“ првпат слушнав на Сител телевизија, минатата недела. Бидејќи оригиналната информација потекнува од словенечкото списание „Финанце“, информацијата ја прочитав директно таму. А додатна информација добив од увозникот на спорните вина.
Од телефонскиот разговор со него дознав дека одлуката од Винарскиот инспекторат е донесена и на неа има можност за жалба од 15 дена. Забраната важи од 15 јануари 2011 година, што значи дека дотогаш наведените вина ќе треба да се потрошат. Лично вчера купив од спорните вина што не се прекриени со бели чаршафи. Инаку, се работи за вината „Македонско црвено„ и „Македонско бело“ и спорно е токму името на вината. Наведен е винородниот регион - Повардарие и државата извозничка - Република Македонија. Не е точно дека на кој било начин е наведен веќе заштитениот грчки регион „Македонија“.
Информацијата силно ме вознемири и одлучив сам да му се обратам со електронско писмо на словенечкиот министер за земјоделство, Бојан Жидан, од кого не добив одговор и не знам дали воопшто го прочитал писмото, на други институции и весници во Словенија. Не ми е познато дали има реакција од други нашинци во Словенија. Во случајов, не станува збор само за нашите вина, туку проблемот е, според мене, многу потежок и поопширен. Потребна ни е поширока акција во однос на горенаведеното прашање. Господинот министер за земјоделство ќе допатува во Македонија следната недела, така што ќе имате можност да го прашате лично за неговиот став околу ова прашање.