Број 2768  четврток, 21 август 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Скопје

Парното ќе поевтини ако цената на нафтата продолжи да паѓа!

Нема да се чека шестмесечна пресметка само ако нафтата за два месеца падне за 30 до 40 отсто

Снежана Калабакова

Големиот пад на цената на нафтата на светската берза што се случува во последниве денови внесе трошка надеж кај скопјани дека можеби има шанса и „Топлификација“ да ја намали цената на парното, кое со последната одлука поскапе за неверојатни 60 проценти. Но, од претпријатието доаѓа „студен туш“. Ќе реагирале само доколку цената на нафтата продолжи да паѓа до октомври и тоа ако падне за 30 до 40 отсто. Само во тој случај нема да чекале нова шестмесечна пресметка, како што е вообичаено за да дојде до промена на цената. Од „Топлификација“ велат дека последната одлука за поскапување важи до 31 декември годинава, кога ќе се направат нови пресметки за трошоците на претпријатието. Доколку продолжи трендот на паѓање на цената на нафтата, тоа ќе се рефлектира во намалувањето на цената во првото тромесечје од 2009 година. Сепак, претпријатието може и тековно да реагира доколку вкупните трошоци пораснат, или се намалат за 5 отсто, како што е пропишано во Правилникот на Регулаторната комисија за енергетика.

„За нашите топлани трошиме 70 до 80 отсто гас, а неговата цена, сметам уште ќе оди нагоре. Топланите ’Исток‘ и ’11Октомври‘ работат исклучиво на гас. Само Топлана ’Запад‘, која претставува 23 отсто од вкупниот капацитет, работи на мазут, кој во резерви го имаме околу 500 до 600 тони, што е потрошувачка за еден ден. Пред стартот на грејната сезона ќе обезбедиме три илјади тони мазут, а со ’Макпетрол‘ ќе склучиме договор за испорака на гас“, вели Методија Стојчев, директор за финансии во АД „Топлификација“, потенцирајќи дека до 10 септември граѓаните ќе ги добијат августовските сметки повисоки за 60 проценти. Инаку, досега токму поради високата цена, од услугите на „Топлификација“ се откажале 672 потрошувачи.

Министерот за финансии, Трајко Славески, смета дека доколку продолжат трендовите со цената на нафтата, ќе се активираат и некои механизми за корекција на парното. „Она што оди нагоре, може да оди и надолу. Регулаторната комисија е обврзана да побара корекција ако се намалат трошоците на компанијата за пет отсто“, е ставот на Славески.

Иницијатива за намалување на парното може да поведе регулаторот, но ако трендот на опаѓање на цената на нафтените деривати продолжи и наредните два месеца. „Регулаторната комисија може да реагира интервентно за намалување на цената на топлинската енергија, како што направи лани во март, кога цената на парното беше ��амалена за 13 отсто. Ако два до три месеци продолжи трендот на опаѓање на цената на нафтените деривати, тогаш веќе во октомври ќе можеме да реагираме. Тогаш ќе биде исполнет цензусот од 5 отсто, на кој не' обврзува Правилникот во случај на настанување околности кои не постоеле или не можеле да се предвидат во времето на одобрување на цената“, вели Влатко Гаврилов, член на Регулаторната комисија.

Организацијата на потрошувачи на Македонија веќе поднела барање до РК и до Комисијата за решавање жалби од областа на енергетиката при Владата за преиспитување на одлуката од минатиот месец. ОПМ прашува како е можно поскапување од 60 отсто во услови на реален пораст на цената на мазутот во истите рамки, кога променливите трошоци на претпријатието учествуваат во крајната цена само со околу 30 проценти. Истовремено, од ОПМ бараат и целосно преиспитување на Правилникот за формирање цени на услугите на „Топлификација“, бидејќи сметаат дека е незаконски да е во сила правилник кој оправдува задржување висока енергетска потрошувачка, а оневозможува штедење преку примена на мерки за подобрување на енергетската ефикасност, како што е едноставното прекинување на користењето на топлинската енергија, тогаш кога на корисникот не му е потребна.


Статијата е прочитана 378 пати.

Испрати коментар

Од: mane
Датум: 21.08.2008 07:35:20
Да се крстиш и да се чудиш! Па ние сме имале здружение на потрошувачи, ама не биле тука кога се расправаше за покачување на цената на парното. Па за чудо едно имало и доктори на чело на организацијата, кој се разбудија, после толку написи за топлификација. Е,е..., доктори и вие ќе ги лечите болките на потрошувачите. Па не се бламирајте и не се сликајте пред камерите, кога ништо не работите. Како да сте отсутни од Македонија, па пилето ви шепна, дека Скопјани како потрошувачи имаат мака со Топлификација, па редно е да се појавите. Срамота, голема срамота за луѓе со титули.Работите ви се килави.

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Скопје
Преминот кај Домот на АРМ претворен во паркинг
Ќе се избираат најдобри ресторани и гостилници