Дојде новиот амбасадор на САД, Филип Рикер

„Добар ден Македонијо. Не знам дали, по девет години, се' уште можам да зборувам македонски“, беа првите зборови со кои новиот американски амбасадор во земјава, Филип Рикер, и' се обрати на нашата јавност и тоа на македонски јазик, вчера, веднаш по пристигнувањето во Македонија на аеродромот „Александар Велики “.
„Многу сум среќен што можам да се вратам во Македонија и благодарен сум за топлото добредојде“, рече Рикер, кој по девет години пауза се врати во Македонија, овој пат, како петти амбасадор на САД во земјава.
„Ви носам топли поздрави од американскиот претседател Џорџ Буш, од државниот секретар Кондолиза Рајс и луѓето на Америка“, порача Рикер, посочувајќи оти е среќен што може да биде со старите пријатели и да запознае нови, да работи со тимот во амбасадата, но и со македонските партнери.
Пред да допатува во земјава, Рикер го посетил Брисел каде што се сретнал со македонските претставници и други колеги. Рикер рече дека идната недела ќе му ги предаде своите акредитиви на претседателот на Македонија, Бранко Црвенковски.
„Дел од моето срце остана секогаш во вашата земај и сега се радувам што ќе можам да и' ја претставам оваа убава земја на мојата сопруга“, рече Рикер, пред заминувањето во американската амбасада и во, како што рече, својот нов дом. Филип Рикер во средината на деведесеттите години службуваше во американската амбасада во Скопје како аташе за печат и оттогаш остана во големо сеќавање на многумина во Македонија. (Т.Г.) |