Последен збор
Д-р Кирил Поповски
1943-2010, професор
На 22 октомври 2010 година ненадејно почина д-р Кирил Поповски, професор во пензија на Техничкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. Професорот Поповски беше истакнат научен работник во областа на енергетиката, особено на полето на обновливите извори на енергија. Зад себе остави богат научен опус од бројни меѓународни изданија на книги, монографии и референтни статии во еминентни светски научни изданија. Беше истакнат претседател и член на интернационални бордови за енергетика, геотермална енергија и искористување обновливи извори на енергија при УНЕСКО, ОН, ИГА и други.
Во својот животен век, како визитинг-професор реализираше престои на универзитети на четири континенти во светот и со своето дело се вброи во престижните листи на интернационални експерти во областа во која твореше. Како визитинг-професор предавал на универзитетите во Адана и од Анталија (Турција), во Вилја Реал и Понта Делгада (Португалија), Благоевград. Се залагаше за интензивна соработка на својата матична институција со светски признати универзитети преку трансфер на знаења, искуства и идеи во наставата и во науката. |