Број 3610  вторник, 21 јуни 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести








Site Meter
Македонија

Семејна топлина во бродски контејнери

Штип, но и државата, воопшто, наскоро ќе ја добијат првата контејнерска куќа, градба вообичаена на Запад

Деспина Трајковска

Семејна куќа од речиси двесте квадрати е изградена од три бродски контејнери. Објектот поседува максимални екостандарди и статика поголема и од цврстите бетонски градби. Притоа, се потрошени само 35.000 евра и три месеци интензивна работа во комбинација со неизмерна добра волј�� и неброени денови интернет-„гуглање“ заради заокружување на идејата за изградба на економичен објект за живеење.

Изведбата на оваа навидум несекојдневна куќа, во изминативе неколку месеци е секојдневје на штипјанецот Влатко Зејтиников, кој инаку дваесет години работи како златар и нема никакви допирни точки со градежништвото. Од замислата како да изгради солиден објект за живеење, а притоа да заштеди на градежните материјали, Зејтиников се одлучил токму за контејнерски тип градба, користејќи го принципот „сам свој мајстор“.

„Водејќи се од замислата да изведам евтина градба опцијата со бродските контејнери ми се виде најсоодветна. Пребарувајќи деноноќно на интернет, дефинитивно, утврдив дека ваков тип градба е тоа што ми треба. Економичен објект со максимални еколошки компоненти, а притоа има и статика поголема дури и од класичната бетонска градба. Не само што поради потребниот материјал се заштедува речиси двојно од обична куќа туку и времето потребно за изградба е значително помало“, вака Зејтиников објаснува што било пресудно да одлучи да изгради куќа од бродски контејнери.

Основниот материјал потребен за куќата лесно го нашол. Контејнерите ги откупил од некогашните НАТО-вци и тоа како старо железо. Пресметал дека му се потребни три контејнери за да добие куќа од стотина квадрати. За нив платил нецели 4.500 евра. Месноста Пребег на влезот во Штип во меѓувреме ја одредил како локација каде што ќе го гради својот нов дом на парцела од 1.334 квадрати.

Почнал со градба непосредно пред Нова година и веќе за еден месец планира комплетно да се всели во куќата. Деновиве привршува со изведба на внатрешната изолација и со завршните работи во бањата. Фасадата на објектот, која веќе е готова и е со модерен дизајн, воопшто не оддава впечаток дека под неа, всушност, нема цигли и малтер, туку контејнери чија основна конструкција е челична рамка, која ги следи правоаголните облини, а во самата рамка се вградени подни, ѕидни и кровни облоги. Единствено недовршената внатрешна изолација открива дека модерната куќа, всушност, не е класична бетонска, туку е контејнерски, монтажен тип градба.

Сепак, не поради поголема сигурност, туку водејќи се од желбата да има подрумски и гаражен простор, Зејтиников ги поставил контејнерите на фундамент со носечки столбови. Таму во основа има 88 квадратни метри, додека контејнерскиот дел му обезбедува 100 квадрати простор во кој се изведени голем дневен престој со трпезарија и кујна, две пространи спални соби, бања и тераса, па дури и тресална.

Контејнерите, кои се основниот материјал за овој комфорен дом, се главната причината зошто изградбата на оваа куќа е далеку поевтина од класичната градба.

„Со спојувањето неколку контејнери можат да се изградат комплексни и атрактивни објекти, а во случајов се употребени три контејнери. Бидејќи конструкцијата е веќе готова, се заштедува на време во изградбата и во квалитетот на објектот. Набавката на еден контејнер чини од 800 до 1.500 евра. Станува збор за модулар од 30 квадрати, што значи дека цената е просечно 35 евра, што е за 65 отсто пониска од цената за класична бетонска градба“, објаснува Зејтиников, кој дошол до сознанија дека при ваков тип градба во голема мера се заштитува и животната средина.

Имено, при бетонска градба, емисијата на јаглероден диоксид е 900 кг на еден тон бетон. Па така, на пример, за просечна куќа од 200 квадрати изградена со бетон и цигла би биле потребни 35 тони бетон, 70 тони песок, 120 тони цигла, 10 тони железо и пет тони дрвена граѓа. При градењето таква куќа, вкупно би се емитирале 56 тони на СО2. Во случајов, со контејнерскиот тип градба нема емисија на СО2, бидејќи станува збор за веќе користени контејнери подготвени за рециклирање.

Освен што заштедил во материјал и време, Зејтиников пресметал дека ќе заштеди и енергија до 0.25 KW на еден квадратен метар, бидејќи поставил изолација поголема од вообичаената за „обичните“ куќи.

И дури на математиките на Зејтиников некои штипјани се' уште гледаат со песимизам, тој веќе размислува в година да се впушти во нова авантура со контејнерите. Неодамна, кога ја дотерувал терасата на контејнерската куќа и фрлил поглед во дворот, кој нормално го оставил како последен на листата за уредување, одлучил среде планираното зеленило да изгради базен. И него ќе го изведе од контејнери.

„Пресметав дека ќе ме чини не повеќе од 2.000 евра и тоа со димензии како олимписките базени“, додава штипјанецот и, колку и да звучи смешно, вели, сепак, математиката е таа, реална. Куќ��та, дефинитивно, наскоро ќе му стане реалност. Вели, горд е уште отсега на пионерската градба, оти освен невестата Маја и неколкумина другари, кои му помагаат во изградбата, речиси на секој чекор бил обесхрабруван за потегот, па дури на моменти и од своите родители. Но, тоа ни најмалку не го поколебало контејнерската куќа да ја доведе од идеја до реализација. Се чини во целата авантура најголем сојузник му е и очигледниот немирен, авантуристички дух.

Економска и еколошка исплатливост

Во 2002 година во Австралија е основан Совет за еколошка градба, кој еколошките објекти ги рангира со „зелена ѕвезда“. Контејнерската изградба има 5 зелени ѕвезди. Со препорака на тој совет, секој градител што добие повеќе од три зелени ѕвезди добива субвенција за фотонапонски соларни панели и класични соларни панели од владата. По примерот на Австралија, ова се применува и во Нов Зеланд, а и во некои држави во САД. Денес, поголемите западни држави дури и субвенционираат доколку некој одлучи да направи ваков дом. Причина за тоа е што топењето на еден метален карго-контејнер чини многу и, пред се', ја загадува животната средина.

Инаку, контејнерската градба е поцврста и поиздржлива од класичната. По степенот на издржливост се наоѓа на петто место по отпорност од природни катастрофи. (Дс.Т.) )

Градби во светот

Првата куќа изградена од контејнери е направена во Америка во 1985 година. Оваа конструкција од три контејнери од по шест метри е патентирана како уникатна градба од таков тип. Првата населба, пак, од овој тип е конструирана во Заливската војна во 1991 година од страна на американската војска. При изградбата се користени контејнери по шест метри што се покажале не само погодни за живеење, туку и отпорни на куршуми.

И во Англија има слични градби, една од нив е изградена во 2002 година како „контејнерски град“, добиен од 30 контејнери. Изградбата траела осум дена и биле изградени 22 простории. До ден-денешен просторот се користи за работни простории, а дел е пренаменет во живеалишта. Освен за живеење, контејнерската градба во светот се користи и за изградба на детски градинки, студентски домови, па дури и хотели. (Дс.Т.)


#
Статијата е прочитана 4991 пати.

Испрати коментар

Од: toni
Датум: 21.06.2011 01:09:35
cestitki do Zejtinikov Za slicna kuka razmilsuvava l jas .ovde da izgradam vo Nov Zeland . Bi cenel ako nekoj mi pomogne da go kontaktiram Zejtinikov Bkagodaram
Од: Nikola
Датум: 21.06.2011 08:36:31
Cena od 35000 evra i ne e taka eftino. So 40setina iljadi evra bi napravil i "normalna" kuka, pa ne e potrebno da se eksperimentira za da se zastedat 4-5 iljadi evra. Sepak bravo za hrabrosta i idejata.
Од: vesna
Датум: 21.06.2011 09:16:27
Браво. Честитки до господинот. Навистина се потрудил. Многу луѓе во РМ кукаат дека се без пари, меѓутоа сем на најранливите категории, ова нека биде еден пример како со труд и снаодливост и памет може да се направи многу.
Од: toni
Датум: 21.06.2011 09:39:42
Bravo za Vlatko znam deka covek entuzijast kako nego moze da go napravi ova i da stane pioner vo vakviot vid na gradba im posakuvam sreka na familijata Zejtenikov
Од: lazar gorgiev
Датум: 21.06.2011 09:39:57
sakoja cest,sega na poteg e drzavata koja treba da go nagradi za ekoloskiot proekt i da gi potikne ostanatite na vakva gradba.
Од: Maja
Датум: 21.06.2011 09:55:04
tokmu taka, megjutoa kakov izolacionen materijal bi mozel da si priushtish vo taa kalkulacija, kakov krov... zashtedata i ne e bash 4-5000 ;)
Од: vladymir
Датум: 21.06.2011 10:08:42
kluc na raka +-200 eur. !znaci za 200 m2 40 000 eur. moze i poevtino bez mnogu gledanje na kvalitet. neznam toj kakov stepen na oprema ima stavano NO svaka cast majstore
Од: Saso
Датум: 21.06.2011 10:13:33
Cestitki za idejata i hrabrosta. Ova se pozitivni primeri koi treba da bidat podrzani od site nas. Pokraj zasteda vo gradenje, vo koristenje na energija na dolg rok, se stedi i na recikliranje. Ako se stavat i solarni i fotovoltaicni paneli se dobiva ogromna zasteda na dolg rok. Super!
Од: Interes
Датум: 21.06.2011 10:17:51
edna molba do Zejtinikov ako moze da stapime vo kontakt okolu kontejnerite prijatele? mojot mail e [email protected] prati mi edna poraka da iskontaktirame nekako
Од: Zejtinikov
Датум: 21.06.2011 10:23:19
Кога ќе ставеш 10цм надворешна изолација со фасада, 5цм внатрешна, 10цм кров со пурпена, и подкров со 10цм стаклена волна, израчунај дали 40 иљади евра ќе биде цехот во твојата нормална куќа.
Од: Lile
Датум: 21.06.2011 10:27:01
Cestitki za g-din Zejtinikov i go molam ako e mozno preko Utrinski da dade telefon za kontakt.
Од: noname
Датум: 21.06.2011 11:41:39
Da stvarno gradbata i ne e taka eftina, moze da ispadne i poskapo od normalna. A baska gi imam videno tie kuki daleku se polozi po kvalitet od makedonksite standartni gradibi. Jas sepak sum za standarnt kuka ako treba i pomala
Од: Реалист
Датум: 21.06.2011 12:36:17
Интересно. Само нека ја измери дечкото радијацијата од контејнерите, посебно ако биле употребувани од КФОР, може да се зачуди.
Од: DO G-N ZEITINLIKOV
Датум: 21.06.2011 15:46:27
Bi me interesiralo koristis gotovi kontejneri, kako gi transportiras ili se dzidovi gotovi koi gi spojuvas. Kako gi transportiras. Znaci montazna kukja. Kade se dobivat tie materijali. E-mail:siesta-man@hotmail. com. Pozdrav. Blagodaram za poraka. Od dijaspora so zelba da si napravam takvo nesto vo RM koe ke go koristam samo za vreme na odmorot.

Најди! во Утрински
Македонија

"""