Владата ќе го поништи тендерот „Вардарска Долина“
Министерот за економија, Фатмир Бесими, вчера потврди дека тендерот за „Вардарска Долина“ е неуспешен, но нагласи дека за ова прашања Владата ќе се произнесе во вторник.
Тендерската комисија во четвртокот поднесе извештај во Владата, кој ќе биде разгледан на седница во вторник.
„Владата ќе го разгледа извештајот и ќе ги земе предвид препораките на комисијата“, изјави Бесими. Тој најави дека штом извештајот ќе помине на Влада, јавноста веднаш ќе биде официјално информирана.
Според Бесими, задоволително е тоа што во овие услови на глобална економска криза на тендерот се пријавиле две еминентни европски компании.
Тендерот за изградба на 12 хидроцентрали од проектот „Вардарска Долина“ се очекува официјално да биде поништен, бидејќи во согласност со стариот закон за јавни набавки, за успешен тендер неопходно е да пристигнат минимум три понуди.
Бесими истакна дека во меѓувреме стариот закон за јавни набавки е променет, што значи дека во иднина тендерите треба да имаат поуспешна реализација. (Макфакс) |