Извршниот директор на БП поднесува оставка
Лондон - Извршниот директор на нафтената компанија БП, Тони Хејворд, поднесува оставка, која се очекува формално да биде поднесена во следните 24 часа, јавуваат лондонските медиуми, повикувајќи се на извори во оваа компанија.
Хејворд, кој 28 години е во БП, веќе ги почна преговорите околу договорот за повлекување од челната позиција на БП.
Тој беше силно критикуван во јавноста на САД и од американската администрација во Вашингтон околу хаваријата на платформата за црпење нафта во Мексиканскиот Залив, во која загинаа 11 лица и е предизвикана голема еколошка катастрофа во морето и на Јужниот брег во неколку американски сојузни држави.
БП се соочува со лоши финансиски резултати во вториот квартал од оваа година поради катастрофата и големата штета што ја предизвика таа, како и поради отштетата што ќе мора да ја плати компанијата. Се проценува дека станува збор за 30 милијарди долари.
Како најсилен кандидат за наследник на Хејворд се споменува Американецот Боб Дадли, кој сега раководи со операцијата за чистење на Мексиканскиот Залив. Дадли е во БП од минатата година откако ја напушти американската нафтена компанија „Амоко“, која веќе се понуди да ја преземе БП доколку крахира како последица на големата катастрофа во заливот. Боб Дадли потекнува од државата Мисисипи, која е една од најпогодените од излевањето на нафтата, а како човек што „зборува со американски акцент“ е подобро решение за „гневната јавност на САД“ од Англичанецот Хејворд, коментираат лондонските медиуми. (МИА) |