МАГАЗИН
Нашите настапуваат за шест илјади евра, а соседите за 60 илјади
Новогодишните тезги се бизнис за иднината, особено ако се случуваат во Србија и во Хрватска
ИВОНА САЗДОВСКА
Во пресрет на најлудата ноќ во годината, естрадата е сконцентрирана на разгледување на новогодишните понуди што пристигнуваат од рестораните, хотелите и општините на градовите, барајќи да го изнајдат своето место под сонцето, што во превод значи убава локација и повеќе евра.
Да не излезе дека сите држат иста цена, кај нас празниците се за некого мајка, а за некого маќеа, па така поафирмираните и попопуларните имиња успеваат да се испазарат за својот висок хонорар, додека останатите се помируваат со понудата, сфаќајќи дека и тоа е подобро од седење дома или славење во кафеаните и кафулињата.
Најпрофитабилно поминуваат оние што успеале својот новогодишен дочек да го преселат на некој од гастарбајтерските континенти Америка или Австралија, со што тезгите за новогодишните празници траат повеќе од два дена.
Така, на пример, оваа година Сузана Спасовска ќе ја има честа да настапи во Австралија, во градот Сиднеј, во една од најекслузивните свечени сали „Парадизо“. Притоа, посетата на континентот на кенгурите ќе го искористи и за мала мини-турнеја, со што сме убедени дека за Сузе годината ќе започне богато и бериќетно. Иако не ни ја откри цената за која ќе настапува, познато е дека на страна пејачите заработуваат речиси тројно повеќе од редовната цена.
Во сличен стил Новата 2009 ќе ја дочека и Благица Павловска, која заедно со Ферус Мустафов ќе настапува во Њујорк, поточно во Бронкс, во една од тамошните сали. Кога ќе се совпаднат стрелките на часовникот, Благица и Ферус ќе им посакаат среќна Нова на присутните, а себе си ќе се закитат со неколку илјади долари кои сигурно добро ќе им дојдат за претстојните денови таму.
Македонскиот Мик Џегер, Гоце Арнаудов, беше видно задоволен од постигнатиот договор за дочекот на најлудата ноќ. Бидејќи важи за еден од најангажираните на естрадата, Аранудов 31. ден во годината ќе го помине работно во текот на целиот ден. Првин во претпладневните часови ќе настапува на езерото „Младост“ за износ од 1.000 евра, додека вечерта ќе ја дочека на плоштадот во Штип, за чиј настап ќе добие 4.000 евра. За да не остане и во другите денови без тезга, веќе на вториот ден од 2009 ќе настапи во салата „Розе“ во Велес, за што ќе земе уште една илјадарка.
Татјана Лазаревска годинава ќе замине во Штип каде што ќе пее во ресторанот „Ваго“, додека нејзиниот сопруг Новица ќе замине во Германија, од каде што сигурно ќе се врати со евро повеќе кое добро ќе дојде за трошење во деновите по празниците кога навистина е потешко.
Росана се' уште не одлучила каде би сакала да настапи за Нова година, но она што се знае е дека ќе остане во Скопје и, најверојатно, ќе ги забавува гостите во некој од локалните ресторани.
Од групите, годинава најмногу ќе профитираат „Браво бенд“ и „Биоритам“.
Имено, првите ќе слават во клубот „Платинум“ во Струмица за цена од шест илјади евра, додека другите ќе ги забавуваат гостите на реновираниот хотел „Југ“ во Гевгелија, при што за своите потреби ќе искешираат речиси слична цена како и „Браво бенд“.
Од забавниот дел, групата „Силви бенд“ моментално е фокусирана на предновогодишните забави за кои ќе земе солидна цифра, додека најлудата ноќ се' уште е спорна поради бројните понуди, за кои Влатко и Силвана не можат да се одлучат. Она што е извесно е дека остануваат во државава, па најверојатно нивните фанови ќе може да ги слушнат во некој од локалите или на некој од плоштадите на градовите.
Се' попопуларниот Елвир Меќиќ оваа година ќе ја започне бериќетно, настапувајќи на градскиот плоштад во Прилеп, каде што ќе има можност да се забавува со својата публика, а притоа да го зголеми својот редовен хонорар за уште неколку стотици евра.
Неговиот пријател Јован Јованов алијас Џеј Џеј за новогодишната ноќ ќе биде растргнат помеѓу Прилеп и Куманово. Првин ќе настапи на плоштадот, а потоа ќе замине во Куманово, каде што во спортската сала ќе ја забавува публиката за среќна Нова 2009.
Симпатичната Ноне и Бојана Атанасовска ќе ги забавуваат присутните на плоштадот во Охрид, како и гостите во дискотеката „Плус“ во Прилеп. И, тие за овој настап ќе успеат да профитираат со по уште некое евро повеќе.
Малку или многу, нашите ѕвезди успеваат да достигнат максимална цена до четири илјади евра за пејач или шест илјади за група. Ако се направи паралела со изведувачите од Србија и од Хрватска, тогаш, дефинитивно, зборуваме за „смешни“ цифри.
Сосема е извесно дека Горан Бреговиќ годинава за својот настап ќе успее да заработи вртоглави 100 илјади евра, додека неговата сакана Хрватка Северина ќе успее на сметката да додаде уште 60 илјади зелени банкноти.
Познатите сплитски галеби Тони Цетински и Оливер Драгоевиќ за своите настапи ќе земат по 40 илјади евра, додека најпопуларниот и за многумина најквалитетен пејач во Хрватска Џибони, кој секогаш практикува да настапува на отворени локации, ќе искешира неверојатни 60 илјади евра.
Во трендот за најскапи тезги не заостануваат и естрадните имиња од српската естрада, каде што фолк-ѕвездите важат за најисплатливи.
Така, сопственичката на хитот „Аспирин“ Сека Алексиќ од година на година го зголемува своето конто и цена, па така за 2009 година ќе успее да земе 40 илјади евра за само два часа забавување на гостите во некоја од балканските дискотеки.
Нејзиниот тренд ќе го следи и Миле Китиќ, кој редовно за своите новогодишни тезги тежи 25 илјади евра. Приматот на најскапа ѕвезда се' уште убедливо го држат Лепа Брена и Цеца.
Брена годинава по излегувањето на новиот албум, новогодишната ноќ ќе ја помине работно и за тоа ќе земе 80 илјади евра, додека нејзината неофицијална ривалка Цеца ќе се закити со неверојатни 120 илјади евра. И потоа некој нека каже дека пејачите не заработуваат добро!
|